- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Саудиска Арабија: Независни жени

Категории: Среден Исток и Западна Африка, Саудиска Арабија, Жени и род, Идеи, Туризам, Хумор, Човекови права

Без сомнеж, жените кои живеат во Саудиска Арабија се соочуваат со многу ограничувања, меѓутоа тие не секогаш се поклопуваат со претставата за угнетеност која многу странци ја имаат за оваа земја. Во овој запис имаме совети за жени кои сакаат да ја посетат Џеда сами, рецензии за хотели за жени во Ријад и молба до оние странци кои би сакале да говорат во име на угнетените жени од Саудиска Арабија.

Започнуваме со Хала, која моментално живее во САД и блогира на ХАЛА-ИН-УСА, која и дава совет на една пријателка која сака сама да ја посети Џеда [1] за прв пат [2]:

Жените во Џеда се облечени во надворешна покривка наречена „Абаја [3]“, која се носи врз алиштата, па облечи нешто потенко одоздола, особено во лето. Шамијата не е задолжителна за женските посетители на Џеда, но се претпочита да биде носена (поради безбедност и удобност) во традиционалните места.

Постојат многу места што треба да се видат во Џеда, јас би го препорачала Балад, стариот град во Џеда, со историската архитектура и старите куќи, добар пример е куќата Насеф. Таму можат да се купат традиционални производи од старите продавници и да се ужива во аромата на арапските парфеми како Оуд и Бухур, потоа традиционалните ракотворби како светилки и фанус (фенери), урмите, слатките и ткаенините во разни бои.

Потоа, треба да се посети познатиот Брег на Џеда [4]. Препорачувам да го посетиш рано наутро или во 18 часот попладне за да ги видиш скулптурите на отворено покрај морето, како и фонтаната со морска вода, една од највисоките фонтани во светот. Покрај брегот има многу опции за ручек, од скапи ресторани до брза храна или мали трафики за кифли или пржени компири. Локалните луѓе седат со часови покрај морето гледајќи ги минувачите додека нивните деца си играат наоколу.

За повеќе совети од Хала за што да видите во Џеда, проверете тука [2].

Во меѓувреме Американ Беду, американка која живее во Саудиска Арабија, ни кажува што мисли за еден хотел само за жени во Ријад [5]:

Хотелот Ал Лутан [6] е првиот хотел само за жени во Ријад. Тоа е луксузен хотел и бања само за жени. Хотелот нуди комплет услуги и делукс, удобно, и безбедно сместување. Во Ал Лутан се добредојдени и саудиски жени и странкињи. Некои жени проговорија во медиумите дека отварањето на Ал Лутан е чекор наназад. Според овие жени, ова е враќање наназад за Кралството бидејќи веќе постои толку многу насилна сегрегација и жените не само што имаат многу малку права, туку промовирањето и отварањето на хотел само за жени уште повеќе ќе ги оневозможи жените во остварувањето на нивните права. Можеби јас сум една од ретките, но јас имам сосема спротивно мислење. Ал Лутан не е уникатен кога ќе се спореди со остатокот од светот. Женски хотели и женски спратови во хотели се чести во повеќето светски метрополи (и не само во метрополите). Порано кога многу патував низ светот уживав да престојувам на женски спрат во хотел, особено во странски градови каде не беше толку често жени да патуваат сами по работа. Така што за мене хотел за жени не е чекор наназад, туку уште една добра опција за жените во Кралството.

На блогерот од Ријад Свит Ангер му е доста од странците кои претпоставуваат дека жените во Саудиска Арабија се угнетувани иако не знаат ништо за нивните животи или општеството [7]:

Додека барав некои работи на Гугл наидов на статија за огромниот терор на репортерка во Саудиска Арабија на која не и било дозволено да остане во машкиот дел на Старбакс, буааа. Тоа што го привлече моето внимание не беше самата статија, туку коментарите. […] Да се разбереме, Саудиска Арабија не е куп шатори и камили што се шетаат наоколу, мажи во турбани кои пеат „Алах о акбар“ и силуваат жени бидејќи тоа е нивно право и кои имаат харем со најмалку 20 жени. И да, ние не ги сунетисуваме нашите жени, тоа е одвратно и погрешно на толку многу нивоа. Жените не ги затвараат дома и оние кои се затворени се затворени поради семејството и културата, не поради државата, ме следите? Добро. Ние не сме назадни, морони, ние сме конзервативни, тоа значи ако сакаш да се мешаш со спротивниот пол тогаш одиш на одредено место. […] Мојата поважна поента е , кој ви дава право да судите: „Затворете го Старбакс! Не треба да ги поддржуваат со тоа што отвараат делови за семејства„ – извинете? Јас не се жалам, ми треба само кафе, така што сериозно луѓе, ГУБЕТЕ СЕ, не најмив никого да ми биде портпарол.

За оние од вас кои сѐ уште се убедени дека сме угнетувана нација и кутрите жени треба да бидат научени како да се спротивстават, а ако не ние ќе се бориме за нив, да ви дадам една претстава за тоа како тече еден обичен ден во Ријад. Вчера се разбудив, си направив кафе … се облеков, си ја ставив мојата абаја (ако ви е премногу страшно да размислувате за тоа, претставете си го како палто), го земав моето мало анѓелче, седнав во колата со шофер, го однесовме девојчето, и отидов на работа. Во 13:30 веќе јадев со девојките ручек од Сабвеј, потоа се вратив од работа и заминав во 16:30, отидов дома, се одморив, се истуширав, се облеков, го чекав шоферот да ме однесе до кинескиот рестотан зошто ги поканив девојките да излеземе. Стигнав таму околу 21:45, заминав околу полноќ, седнав пред компјутер, проверив Фејсбук и Хотмејл, и си легнав околу 2 часот. О БОЖЕ, КАКОВ ХОРОР, КАКО МОЖАМ ДА ЖИВЕАМ ВАКА УГНЕТЕНА ААААААААААХХХ!!! […] Мојата поента е, некои луѓе немаат поим што се случува во нашите животи, а сепак мислат дека имаат право да судат и да бидат семоќни. Различни сме, да, но тоа што сме различни од она кое вие мислите дека е правилно не значи дека ние сме лоши или во грешка, само нè прави тоа што сме. Помирете се со тоа и оставете нè намира.