Кенија: Предлог-закон за репродуктивни права предизвика дебата за абортус

Предлог-закон поднесен од организации за женски права во Кенија, кој би го олеснил абортусот, повторно предизвика дебата за легализирањето на абортусот. Оваа процедура моментално е нелегална во Кенија, освен кога животот на мајката е во опасност. Многумина религиозни лидери и политичари во земјата се изјаснија против обидот да се смени законот за абортус.

Организациите за женски права започнаа кампања во почетокот на годинава за репродуктивната и сексуална здравствена грижа во Кенија да биде достапна и евтина. Дел од оваа кампања е и предлог-законот за Репродуктивно Здравје и Права 2008, составен од страна на кениската подружница на Федерацијата на Жени Адвокати и Коалицијата против Насилство врз Жените. Предлог-законот третира разни прашања поврзани со репродуктивното здравје, вклучувајќи и полесен пристап до абортус. На пример, предвидува легален абортус ако трудната жена може да докаже со изјава или други докази дека нејзината бременост е резултат на сексуален напад, силување, полов напад врз дете или инцест.

Артур Оквемба, кој пишува за Африканска Жена и Дете, ја сумаризира дебатата околу абортусот. Тој вели:

Абортусот во Кенија е сѐ уште нешто за коешто се молчи. Но наспроти законот кој го ограничува прекинот на бременоста, нелегалните абортуси непречено се случуваат во оваа држава во Источна Африка. Не постојат едноставни одговори на ова емотивно прашање. На една страна се оние кои се залагаат за правото на жената да избере дали ќе има дете или не, додека другите, кои ја користат религијата како основа, се залагаат за правото на фетусот.

Организациите за женски права тврдат дека пристапот до абортус е исто така е здравствено прашање бидејќи многу жени се подвргнуваат на небезбедни процедури. Иако е тешко да се добијат точни статистички податоци бидејќи абортусот е нелегален, една национална студија покажа дека годишно во Кенија се изведуваат 300,000 абортуси, како резултат на кои околу 2,000 жени и девојки завршуваат во болница поради здравствени компликации. Во превод тоа се 800 абортуси дневно и смрт за 2,600 жени годишно. Еден друг извештај проценува дека повеќе од 40% од смртноста на мајките во Кенија се должи на небезбедни процедури на абортус.

За да го заштитат здравјето на жените, морфеус револушнс укажува дека лекарите понекогаш ги земаат работите во свои раце.

Лекарите во Кенија често многу „либерално“ ја толкуваат забраната на абортуси, бидејќи знаат дека ако тие не го извршат абортусот, жените ќе бидат принудени да побараат небезбедни абортуси со кои ги изложуваат своите животи на висок ризик.

Кенијанобзервер тврди дека законот за абортуси нема смисол и дека е напишан од мажи за да ги заштити мажите. Тој вели:

Кенија има еден од најограничувачките закони за абортус додека остатокот од светот ги олеснува тие закони и сепак бројот на абортуси расте и станува се поопасно бидејќи жените се изложуваат на поголеми ризици за да добијат абортус. Посета на одделението 1Д во Кенија каде што завршуваат жените после диви абортуси е отрезнувачки доказ за ова. Сигурен сум дека постојат легитимни причини за ограничување на абортусот. Она што не го разбирам е дволичноста на владата во врска со ова прашање кога се земат во обѕир овие отрезнувачки статистички податоци. Дали знаете дека лице кои ќе биде фатено како помага при абортус во Кенија може да биде осудено на смрт? А што со мажите кои што силуваат млади девојчиња, роднини, и ментално ретардирани жени по целата земја?

МУНГА, којшто блогира на КОНТРОВЕРЗНО, вели дека решението е да се легализира процедурата.

Абортусот во нашата земја Кенија е приказна без крај. Прво ја имаш полицијата која ги прогонува докторите кои наводно го извршиле овој „грев“ и ги затвора. Меѓутоа, решението на проблемот според мене не е да се прогонуваат докторите, тие всушност само сакале да заработат за живот на погрешен начин. Јас мислам дека треба да се остави „трудната двојка“ сама да реши што сакаат да направат во врска со нивната ситуација. Ова ќе биде можно само доколку абортусот во Кенија се легализира.

Меѓутоа, други блогери се согласуваат со кениските политичари и религиозни лидери кои се спротивставуваат на закон за абортус кој ќе биде помалку ограничувачки. Џон Смитон, кој блогира за Општеството за Заштита на Неродените Деца вели дека предлог-законот не треба да се прифати.

Ако се прифати предлог-законот, тоа ќе доведе до лесно достапен абортус по потреба и неродените деца ќе останат без никаква заштита .

Под суптилната маска на „репродуктивни права“, предлог-законот декларира дека „безбедна и достапна грижа поврзана со абортус“ е репродуктивно право. Абортусот би се дозволил ако се потврди дека „продолжувањето на бременоста би претставувало ризик по физичкото и менталното здравје на жената.“ Ова всушност ќе дозволи абортус на барање.

Артур Оквемба, кој пишува за Африканска Жена и Дете, предупредува дека без разлика која страна од дебатата луѓето од Кенија ќе ја поддржат, ова прашање треба да се расчисти – нема едноставно да исчезне.

Неодамна медиумите во Кенија направија сензација, дури користејќи и слики, од смртта на 15 фетуси наводно како резултат на нелегални абортуси. Јавноста писна и имаше огромна јавна осуда на абортусот. Но ова нема да ги обесхрабри младите жени, коишто немале друг избор, повторно да го направат тоа.

1 коментар

  • Denes vo 21 ot vek aborusot bi trebalo da bide posleden izbor na sekoj zena vo svetot.Edukacijata za celosna zastita od nesakana bremenost treba da e dostapna sekade vo svetot, no nikako zabranet abortus.Zabranata sama po sebe znaci ilegalno izvrsuvane na istiot odnosno smrtnos kaj zenite.Neli ziveeme vo sosem drugi uslovi i drugi svakana???????

Откажи го одговорот

Приклучи и се на дискусијата -> MARIJA

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.