Национална кампања за борба против сексуалното малтретирање ја бранува јавноста во Египет. Феит од блогот Муслима Медиа Воч дискутира за новата кампања, насловена „Почитувај се себеси“, наменета за борба против сексуалното малтретирање на улиците на Каиро.
Таа вели:
Сексуалното малтретирање е проблем кој има влијание врз жените во сите општества. Муслиманските општества не се исклучок. Каде што има патријархалност, таму има и сексуално малтретирање. И во муслиманските и во не-муслиманските општества „решението“ на проблемот со сексуално малтретирање секогаш паѓа на товар на жените. „Не носете облека што многу открива, не флертувајте, не излегувајте сами“ итн. Дури и на универзитетот кајшто студирам постерите за превенција на силување и сексуално малтретирање се закачени само во женските тоалети и фокусот е врз однесувањето на жените, не на мажите. Лос Анџелес Тајмс неодамна објави статија за една група (слика на десно) во Египет која има различен приод кон сексуалното малтретирање. Волонтерската група ја финансира египетското списание за млади Келметна. Еден од најдобрите аспекти на групата е тоа што се фокусираат на улогата на мажите во превенција на сексуалното малтретирање. Слоганот на кампањата на групата е „Почитувај се себеси: во Египет сеуште има вистински мажи.“ Овој слоган ми се допаѓа од две причини. Првата е што преиспитува еден од основните аспекти на традиционалната претстава за машкост: сексуалната моќ над жената. Малтретирањето жени не е доказ за машкост, туку знак на кукавичлук. Одлично е што муслиманите почнуваат да го сфаќаат тоа.
Таа објаснува понатаму:
Другата причина што ми се допаѓа овој слоган е што ја префрла одговорноста за сексуалното малтретирање врз мажите. Предолго се мислеше одговорноста за сексуалното малтретирање треба да ја носат жените. „Вистинските мажи“ треба да преземат одговорност и да ги почитуваат жените и нивната сексуална автономија, а и да ги спречат другите мажи кога не ја почитуваат сексуалноста на жените. Затоа ова кампања не се фокусира само на тоа да ги едуцира мажите да престанат со сексуално малтретирање на жените, туку и да ги спречат другите мажи во тоа. Тоа е од особена важност кога сексуалното малтретирање во Египет се случува во јавност
Фокусот врз мажите и нивната одговорност ќе води и до преиспитување на идејата дека начинот на кој жените се облекуваат може да спречи сексуално малтретирање. Статијата во Лос Анџелес Тајмс цитира резултати од испитување кое покажало дека 83% од египетските жени изјавиле дека биле вербално и сексуално малтретирани. Од нив, 70% биле под превез. Нур Хусеин, волонтер во групата која носи хиџаб (превез) се одлучила да и се приклучи на групата откако била сексуално малтретирана. Нур вака вели за нејзиното искуство: „Тоа беше пред еден месец. Се чувствував многу несигурно и тоа ме наведе да се придружам на кампањата. И порано слушав за малтретирање, но мислев дека тоа им се случува само на девојки кои не се под превез. Не ни помислував дека може да ми се случи мене.“ Приказните како оваа на Нур само ја потврдуваат валидноста на пораката на кампањата: малтретирањето не се случува по вина на жените, туку по вина на мажите. Прифаќањето на овој факт е првиот чекор кон поразот на сексуалното малтретирање.