
Графиката е изработена во Canva Pro. Со дозвола на Сидни Ален.
Пишува: Јетлир Буја
Овој текст го изработи Јетлир Буја од Косово, преку грантовата шема Digital Spark, како дел од проектот Регионален механизам за поддршка EECA, што го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис и TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамки на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Текстот се објавува на Global Voices како дел од договор за споделување содржини.
Во мај 2026 година ја започнав првата фаза од проектот, чија цел е со помош на алатки поддржани од ВИ, да се разбере како функционира сексистичкиот говор на омраза во јавниот онлајн простор во Косово. Иако дискусиите за онлајн насилството врз жените стануваат сè почести, мал е бројот на локални истражувања кои го анализираат конкретниот јазик што се користи во овие напади и општествените наративи што тие ги репродуцираат.
Проектот произлезе од едно едноставно, но важно прашање: Каква улога игра сексистичкиот говор на омраза во јавниот дискурс? Дали тој е само збир од навредливи коментари објавени од анонимни корисници или има поширока дискурзивна функција?
Разбирањето на овие динамики е важно затоа што онлајн дискурсот сè повеќе ги обликува ставовите во јавноста, политичкото учество и перцепциите за тоа кој има место во јавниот живот. Ако мизогините наративи се нормализираат онлајн, тие можат да ги обесхрабрат жените да учествуваат во јавната дебата и да ги зацврстат постојните нееднаквости.
Вознемирувачка слика
Откако формиравме тим што ќе го спроведува проектот, започнавме да ги следиме коментарите на социјалните мрежи објавени на 22 големи страници на Фејсбук и Јутуб со седиште во Косово. Собравме и анализиравме 625 коментари од 67 објави на социјалните мрежи, објавени во периодот од 1 до 31 мај 2026 година.
Овие содржини беа објавени од влијателни медиуми кои известуваат за случувањата во земјата.
Периодот на следење се совпадна со кампањата за локалните избори и период на интензивна политичка дебата онлајн.
Наодите откриваат вознемирувачка слика за начинот на кој се зборува за жените во дигиталниот јавен простор во Косово — слика што е уште повознемирувачка отколку што многумина би можеле да замислат.
Делегитмизација на жената
Најчестата форма на сексизам беше систематското делегитимирање на жените во јавниот живот. Две третини од сите сексистички коментари имаа за цел да го поткопаат учеството на жените во политиката, медиумите или јавната дебата.
Жените редовно беа исмејувани врз основа на изглед, интелигенција, професија или пол, наместо да бидат критикувани за нивните ставови или постапки.
Впечатлив јазичен образец се истакнуваше во податоците. Често се користеа животински метафори и погрдни називи да се опишат жените. Поими како „lopë“ (крава), „sorrë“ (врана), „laraskë“ (страчка) и „shtrigë“ (вештерка) постојано се повторуваа. Во други случаи, жените беа изложени на сексуализирани навреди како „kurvë“ (курва/блудница), „lavire“ (курва/проститутка) или „rrospi“ (кучка).
Целта на овие коментари не беше само да навредат. Тие служеа како начин да им се одземе легитимноста и кредибилитетот на жените во јавниот простор.
Друг образец што постојано се појавуваше се однесува на чистотата. Сексистичките коментатори ги прикажуваат жените низ призма на нечистотија, претставувајќи ги како физички и/или морално нечисти.
Нападите не беа насочени само кон жените кои доброволно учествуваа во јавната дебата.
Меѓу овие коментари имаше и напади насочени кон жени за кои било известено дека се жртви на семејно насилство. Наместо да изразат солидарност со жртвите, многу коментатори го оправдуваа насилството, ги обвинуваа жените дека го предизвикале насилството или тврдеа дека мажите имаат право да ги „дисциплинираат“ своите сопруги преку физичко или емоционално насилство.
Во овие дискусии, насилството често се прикажуваше не како кривично дело, туку како последица на тоа што жените не ги исполнуваат традиционалните очекувања.
Подеднакво вознемирувачки беше и начинот на кој се постапуваше кон жените за кои било известено дека се исчезнати. Во неколку случаи, вестите за исчезнати жени наместо загриженост и емпатија предизвикаа шпекулации, исмејување и сексуализирани коментари. Фактот што жената потенцијално се наоѓала во опасност не ја заштити од мизогино насилство.
Следењето документираше и случај во кој сексистички и сексуализиран јазик беше насочен кон малолетна девојка. Овој наод е значаен затоа што ја доведува во прашање вообичаената претстава за онлајн мизогинијата.
Од жените кои се занимаваат со политика, новинарство или други професии во кои се изложени на јавноста често се очекува да се соочат со многу повисоко ниво на злоупотреба. Сепак, податоците покажуваат дека сексистичките напади може да ја таргетираат речиси секоја жена или девојка која ќе стане видлива во јавниот простор онлајн.
Ова јасно покажува дека причината за многу од сексистичките коментари не е несогласувањето со одредени ставови или постапки, туку непријателството насочено кон жените и девојките како општествена група.
Без разлика дали жената се појавува во јавниот простор како политичарка, новинарка, жртва на насилство, исчезната личност или дури и како дете, таа може да стане мета на истите деградирачки наративи, стереотипи и форми на вербална злоупотреба.
Повторливи наративи
Податоците покажуваат дека мизогинијата на социјалните мрежи во Косово се манифестира преку неколку повторливи наративи.
Прво, жените се прикажуваат како суштински помалку компетентни и помалку заслужни за учество во јавниот живот.
Второ, традиционалните родови улоги се претставуваат како природни и неспорни, при што од жените се очекува првенствено да се грижат за домот и за другите.
Трето, жените се оценуваат според стандарди на сексуален морал кои ретко се применуваат кон мажите.
На крај, насилството и машкиот авторитет често се нормализираат преку јазик кој ги прикажува жените како одговорни за насилството што го доживуваат.
Во таков контекст, гласовите против сексизмот беа ретки, но значајни. Тие навистина постојат — и тоа е добрата вест што произлегува од овој примерок. Од 625 коментари, 32 беа против сексизмот и главно се фокусираа на осудување на насилството врз жените, оспорување на двојните стандарди и повикување на почит и еднаквост.
Нивниот јазик значително се разликуваше од оној на сексистичките коментатори. Додека мизогините коментари во голема мера се потпираа врз навреди, дехуманизација и исмејување, коментарите против сексизмот се повикуваа на концепти како достоинство, правичност и човекови права.
Овој напис ја претставува првата фаза од едно пошироко истражување. Преку неавтоматизирана анализа, истражувањето ги идентификуваше повторливите форми на мизогин дискурс, вклучително и делегитимирањето на жените во јавниот живот, нормализирањето на родовите стереотипи, сексуализацијата на жените и оправдувањето на насилство.
Најважниот заклучок од оваа фаза е дека е важно активно да се следи сексистичкиот говор на омраза во јавниот простор онлајн. Без систематско следење, многу од овие обрасци остануваат невидливи.
Истовремено, следењето не е само истражувачка активност. Тоа може да има и функција од јавен интерес. Во текот на проектот наидовме на коментари што содржеа закани, оправдување на насилство и сексуализиран јазик насочен кон ранливи групи.
Ваквите случаи ја истакнуваат потребата од посилни практики на модерирање. Според еден од наодите на овој проект се чини дека многу од мониторираните страници многу малку или воопшто не спроведуваат модерирање на сексистичките и навредливите коментари. Ова ја нагласува и потребата од поодговорен пристап на медиумските организации кои на своите платформи овозможуваат јавни дискусии.







