На пет милиони луѓе им е смачено од моменталниот Устав во Мјанмар

Myanmar's Lower House Parliament. Photo by Htoo Tay Zar. Wikipedia

Долниот дом на Парламентот во Мјанмар. Фотографија на Хту Тај Зар. Википедија.

Скоро пет милиони луѓе ja потпишаа петицијата која повикува на уставни амандмани во Мјанмар. Националната лига за демократија (НЛД), која е опозициска партија во земјата, како и една мрежа на активисти, наречена 88 Generation Peace, заедно со Отворено општество (Open Society), кон крајот на минатата седмица, поднесоа петиција до Парламентот.

Кампањата, која започна минатиот мај, успеа да собере 4 953 093 потписи, во повеќе од 300 градови во Мјанмар.

Воената власт на Мјанмар го состави сегашниот Устав уште во 2008 година. Потписниците на петицијата тврдат дека во него има бројни недемократски одредби, како на пример членот 436, во кој е наведено дека каков било уставен амандман мора да добие поддршка од 75% од Парламентот. Во реалноста ова води до тоа да евентуалните амандмани мора да ја имаат целосната поддршка од Парламентот бидејќи четвртина од местата во Парламентот се загарантирани за Армијата.

Проблемот со промените на Уставот, исто така го оставаат важечки и членот 59(f), според кој сите граѓани со брачни партнери од странство или пак со деца родени во странство, не може да се кандидираат за престедателската или потпретседателска функција. Оваа забрана се однесува и на истакнати јавни личности, како што е светската икона на демократијата и лидер на опозицијата, Аунг Сан Су Џи (со тоа што членот 59(f) е се уште на сила, Су Џи не може да се кандидира за претседател на изборите, закажани за наредната година, токму поради тоа што нејзиниот сопруг е Британец.)

Многумина од опозицијата ги сметаат овие уставни реформи за клучни на патот кон демократијата во Мјанмар. Сепак, Тејн Сејн, моменталниот претседател на Мјанмар, ја одби кампањата за реформи со образложение дека претставува закана за националната стабилност:

Никој не сака да ја трпи нестабилноста предизвикана од овие проблеми. Тоа ќе го повреди народот… Би сакал да ги охрабрам сите луѓе и монаси, кои ја сакаат оваа земја, да ја заштитат од нестабилност.

Од друга страна, Су Џи ја оцени петицијата како „продор кон демократија”, истакнувајќи дека оваа кампања е прва од ваков вид во историјата на Мјанмар. Воедно, петицијата стекна популарност благодарение на студентите и младите волонтери од целата држава кои учествуваа во процесот на собирање потписи.

Уметниците, како Шве Мин Тар, беа меѓу оние кои ја потпишаа петицијата. Мин Тар ја охрабруваше војската да ја почитува волјата на народот:

Сè зависи од војската. Без тие да се променат, ние не можеме ништо да направиме. Но, тие можат да се променат. Уставот е напишан од човечки суштества, па затоа можеме лесно да го промениме. Сите ние овде сакаме да го измениме. Ако Владата ја почитува волјата на народот тогаш ќе го променат. Мислам дека сè зависи од нив.

За време на кампањата, властите често се обидувале да ги заплашат волонтерите. Мрежата за документирање на човековите права, скоро објави извештај во кој ги наведува малтретирањата над учесниците во кампањата од страна на властите:

Наместо да ги реши овие проблеми, Владата повеќе пати апсеше демонстранти. Без уставните амандмани ќе се загрози напредокот на демократијата во Бурма и ќе се остави плодна почва за идни повреди на човековите права.

Но, и покрај притисокот врз активистите, Парламентот на Мјанмар одговори на петицијата преку формирање на комитет кој ќе ја разгледа можноста за уставни реформи. Неочекувано, но комитетот предложи изменување на 450 члена од вкупно 457, колку што ги има во Уставот, вклучувајќи го и членот 436.

Сепак, дел од пратениците во Парламентот се колебаат дали безусловно да ја прифатат иницијативата за реформа на Уставот, па така има некои кои бараат верификација на петте милиони потписи. Дотолку повеќе што пратеникот Тин Маунг У изјави дека дел од луѓето, што ја потпишале петицијата, можеби не знаеле што потпишувале.

Всушност, малкумина навистина го читаат Уставот и се свесни за неговите предности и недостатоци. Еднаш ми се случи, со таксист од Јангон со кого скоро разговарав, да признае дека ја потпишал петицијата за промена на членот 436 на околу 10 различни места.

Хин Зао Вин, директор на Институтот Тампадипа, којшто е групација за застапување на одредени политики, ја поддржува кампањата за реформи, но предупредува од пребрзите чекори во менувањето:

Има повеќе делови од Уставот кои треба да се ревидираат. Оние кои ќе овозможат поголема децентрализација и распределба на моќта ќе бидат широкоградо прифатени, особено во ова време кога мировните разговори зачекоруваат во последната фаза.

Уставните реформи може да се покажат како клучни на патот кон демократија во Мјанмар, намалувањето на гласачките права за Армијата во Парламентот, како и за унапредување на улогата на опозицијата во државните власти и Владата.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.