- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Полска: Партиите не се толку желни да го почитуваат новиот закон за полова застапеност

Категории: Источна и Централна Европа, Полска, Владеење, Граѓански медиуми, Жени и род, Закон, Избори, Политика, Човекови права

Со објавата на датумот на одржување на парламентарните избори во Полска, кои ќе се одржат на 9 октомври 2011 година [1], започна и дискусија за тоа дали полските политички партии ќе ги почитуваат новите правила воведени со Законот за полова застапеност кој што беше изгласан оваа година.

Според новите правила, секоја партија која ќе се бори за влез во парламентот мора да има најмалку 35% на жени на својата кандидатска листа. Иако ова не е најтешката обврска, за партиите изгледа е зачудувачки тешко да ја исполнат својата должност.

Истражувањето спроведено од ТОКФМ [2] [полски], популарна радио станица и интернет портал, ја открива вистинската природа на половите политики на главните полски партии. Податоците покажуваат дека за време на парламентарните избори во 2007 година, од преку 6 000 кандидати, само 23% беа жени. Од трите партии кои имаа најголем број на жени на своите листи, ниедна не успеа да влезе во парламентот. Само една од 5 полски членови на парламентот е жена. Најшокантната бројка покажува дека од 107 градоначалници, само 4 се жени.

На крајот од минатата недела, поголемиот број на партии ги открија своите кандидатски листи. Блогерот Гоетз [3], кој ја покрива социјалната и политичка ситуација во Полска на Lewica.pl, полски левичарски портал, го напиша ова [4] [полски] на 10 август:

[…] Денеска, имаме можност да ја набљудуваме имплементацијата на Законот за полова застапеност. И што гледаме? На хоризонтот, можеме да ја видиме непријатната појава на вообичаената поговорка „Полјакот може“. Бидејќи е вистина дека Полјаците ја имаат усовршено уметноста на избегнување на законите, вклучувајќи го и законот за застапеност кој им се приклучи на група други закони кои постојат само на хартија.

Изгледа стана навика за поголемиот број на партии да ги ставаат жените на пониските места на листите, со што практично се елиминираат нивните шанси да бидат избрани. На таканаречените „сигурни места“ жените се ретки, да не ги спомнувам [најгорните позиции на кандидатските листи]. Жените станаа, а требаше и да предвидиме, „пополнувачи“ на листи, ставени само да ги исполнат барањата на Законот за застапеност. Во некои случаи им беа дадени повисоки позиции само за да нè залажат, но обично од страна на партии кои немаат големи шанси за овогодинешните избори. […]

Еден друг напис на порталот Lewica.pl напишан од прекиел, тврди [5] [полски]:

Партијата на Гжегож Напиералски [СЛД [6], левичарска партија], која беше прва да побара имплементација од страна на партиите, одлучи да го промени мислењето. И покрај тоа што не можеме да се жалиме за недостатокот на жени на листите, очигледно е дека не им беа дадени некои значајни позиции. Од 42 листи составени од СЛД, само на четири, жена беше ставена на правата позиција, што претставува само 10%. Непотизмот изгледа поважен од ветувањата направени порано, неспоменувајќи ги способностите на жените.

Блогерот козиолеквеб [7] кој јасно тврди дека бил против законот од самиот почеток. Во неговиот напис насловен како „Бројот на градите мора да биде точен“ пишува [8] [полски]:

Со секој ден сме сè поблиску до парламентарните избори. Овој пат ќе бидат одржани под абнормалното правило на Законот за застапеност кој осигурува 35% од местата за половото малцинство. Глупавоста на ова решение е уништувачка, но по скорешните настани ова станува уште поочигледно. Партиите не дадоа никаков напор во составувањето на листите. И ПиС [Закон и правда [9], десничарската партија на Јарослав Качински [10] ] и ПО [Граѓанска платформа [11], владејачката партија] ставиле гради на листите. Морам да признаам дека и во двете партии има женски членови кои се професионалци (најголем дел од нив се членови на ПиС), но нема доволно за да ја исполнат обврската од 35%. Така што, партиите ги пополнуваат дупките со дами чии капацитети се повеќе од видливи кога доаѓа во предвид нивното деколте. Барем ПО не прави шоу од ова на начин на кој тоа го прави ПиС кога го промовираат нивниот лидер користејќи ги градите на некои од политичките домаќинки.

Бидејќи имплементацијата на Законот за застапеност не оди толку добро, можеби треба да го разгледаме подобро самиот закон кој предизвика голема дебата дури и пред да биде донесен. Предлог-законот, изработен од Конгресот на жени [12], „Полското најголемо неполитичко граѓанско движење, основано во 2009 година, кое се стреми кон еднакви права, можности и потенцијал на жените и мажите и во приватната и во јавната сфера“, дури и сега е причина за жестока дебата.

The logo of the Congress of Women - 'Women for Poland, Poland for Women' [13]

Логото на Конгресот на жени – „Жените за Полска, Полска за жените“

Многу полски блогери се спротивставуваат на Законот и ги критикуваат политичарите бидејќи го имаат имплементирано. Блогерот Стефанб напиша [14] [полски] пред две недели:

Во една ваква ситуација сè е поврзано со кандидатските листи за претстојните избори, но кога зборуваме за „полава еднаквост“ тие [феминистите] исто така зборуваат за „еднаквост во професионална кариера, еднаков пристап до унапредување„ или дури „еднакви односи во семејството“. Ова се сферите во кои „феми-нацистите“ и „политички корегираните“ би сакале да бидат еднакви. Тие би сакале да бидат еднакви во миењето садови, чистењето, грижењето за децата, половина од времето жената ќе го прави ова, а другата половина мажот. За жал, се плашам дека овој закон ќе „успее“, со ова подразбирам дека тогаш ќе настане поголем хаос во државата од овој што го имаме сега.

Не се само мажите кои зборуваат против Законот за застапеност. На пример, блогерот Еваком пишува [15] [полски]:

Сметам дека идејата за еднаквост во политиката не се однесува само на управување со правдата или со спроведување на еднаквоста. Очигледно е и не треба да зборуваме за да и партиите сфатат дека работата е многу поефективна кога луѓето на работното место се поразлични. Прашањето е дали жените навистина сакаат да се приклучат на политиката?

Еден друг блогер, кжиштофсиуда, се сомнева дали еден таков закон може да биде демократски оправдан, но сепак признава:

Од многуте мислења што ги слушнав произлегува дека жените за да успеат да се здобијат со легитимно место во политиката значи дека треба да направат поголеми напори од мажот, бидејќи тие се соочуваат со многу повеќе проблеми. Сметам дека има нешто тука. Можеби преку овој „лажен закон“ ќе успееме да постигнеме една нормална ситуација? Ако ова се случи, за неколку години нема да имаме потреба од ова лажно наметнување и сè ќе си биде на место, секој ќе биде подеднакво способен да учествува во политиката, без разлика на полот. Ќе видиме, времето ќе покаже…