Во период од еден месец властите во Сингапур предизвикаа голем немир со забранување на филмот на еден поранешен политички затвореник и со апсење на британски автор кој напиша книга за смртната казна во Сингапур.
На 12 јули 2010 година, Агенцијата за развој на медиуми (Media Development Authority) ја објави својата одлука за забрана на филмот (пред да биде премиерно емитуван на 14 јули 2010) каде др. Лим Хок Сју јавно говори за времето кога бил уапсен според законот за внатрешна безбедност. Режисер на филмот е Мартин Си. На г-ин Си исто така му беше наложено да го тргне филмот и од YouTube. Текстот од филмот можете да го прочитате тука.
Сингапурскиот блогер, Лаки Тан побара вистината да излезе на виделина:
Всушност она што го тврди MICA е тоа дека овој филм е забранет бидејќи тие сакаат да се кажува само вистината, додека овој филм бил полн со измами, лаги и извртувања на вистината. Др. Лим Хок Сју беше затворен 20 години без да има судење. За тој период владата на ПАП (Народната партија за акција) имаше доволно време да ни ги покаже сите докази и да ни ја каже вистината за да можеме сите да видиме колку добро секторот за внатрешна безбедност знае да нè заштити од злото. Но, еве уште чекаме.
На 18 јули, британскиот автор Ален Шадрејк беше уапсен во неговиот хотел од страна на сингапурската полиција под обвинение за ‘кривично клеветење’, еден ден откако излезе неговата книга, Си беше еден среќен џелат: Сингапурската правда на обвинителна клупа (Once a Jolly Hangman: Singapore Justice in the Dock) каде го критикува судскиот систем во Сингапур. Книгата беше тргната и од поголемите книжарници во Сингапур.
За двата дена додека беше во притвор Amnesty International и Репортери без граници бараа негово ослободување.
Сингапурскиот социо-политички блог The Online Citizen почна да истражува зошто г-ин Шадрејк беше обвинет за кривично клеветење:
Книгата на Ален Шадрејк „Си беше еден среќен џелат“ е навистина тешка за читање. Книгата можеби толку многу ги растревожила оние што се на власт што тие решиле да го уапсат г-н Шадрејк под ретко употребеното драконско обвинение за вршење на кривично клеветење.
Еден сингапурски блог, А Chemical Generation Singapore, пишува:
Со апсењето на Шадрејк, проблемот повеќе не е толку смртната казна, колку тоа до кој степен ќе допуштаме да се случуваат наводните странски интервенции. Јас немам ништо против да се преземат остри мерки против локалните политичари кои примаат средства и логистика од странство. Но, да се нафрлиш врз некој странец веднаш по излегувањето на неговата книга, иако тој може да биде дрзок како Оливер Фрикер и да си го бара, сепак тоа е премногу за мој вкус – освен ако тука не се крие нешто заткулисно.
Политичкиот активист, Чи Сиок Чин ја обвини Владата дека врши ‘матен бизнис’:
Да видиме, кој апсолутистички режим би сакал неговите ‘матни бизниси’ да бидат целосно откриени во некоја книга?Истото важи и за говорот на др. Лим Хок Сју кој беше прикачен на Youtube од страна на Мартин Си. Секако дека Мартин морал да го почитува барањето на MDA кога побарала да го тргне видеото. На крајот на краиштата др. Лим таму зборуваше за неговото незаконско затворање цели 19 години од страна на секторот за внатрешна безбедност без никакво судење.Повторно, кој угнетувачки режим би сакал вистината за тоа како режимот ја зацврстува својата моќ во некоја држава да биде изложена во видео клип кој е достапен за целиот свет?