Грузија, Русија: Храна за ограбувачите и за бегалците

Голем број жители на Тбилиси се собраа пред Руската амбасада во саботата за да протестираат против ограбувањето. Корисникот на Лајф Џурнал (ЛЏ) олег_панфилов објави слики и го напиша следново (рус) за иницијативата:

[…] Пред Руската амбасада во Тбилиси тие донесоа стари фрижидери, тоалетни шољи, ролни тоалетна хартија, пегли, шишиња вотка, вилушки и лажици и други предмети за кои се интересирале [ограбувачите од руската армија] за време на нивните посети на приватните куќи на Грузијците, како и јавните институции, воените бази, и воените бараки.

Луѓе доаѓаа да видат од поблиску, да занишаат со главите, да се насмеат. Колите што поминуваа им свиреа…

[шест слики]

Корисникот на ЛЏ од Тбилиси тони_гео критички се осврна (рус) врз настанот:

Акција „Ајде да ја нахраниме руската армија‘

Самата акција е, се разбира, моќно оружје за односи со јавноста. Но само доколку доволно Руси дознаат за тоа. Меѓутоа, се сомневам дека [емисијата Времја на Канал 1] или [Вести на РТР] ќе го покријат овој настан.

Еве на што мислам. Жена Русинка, мајка на грузиски војник, престрашена, вели дека нејзината мајка во [Калининград] нема никаква претстава што се случува во Грузија и мисли дека грузиската армија сеуште го напаѓа Цхинвали, додека руската армија одважно го брани. Фала му на Бога, сеуште не фрлила клетва врз својот внук којшто убива руски војници во Цхинвали.

Можам да го потврдам овој извештај. Зборував со сестра ми во Русија вчера. Официјално, сестра ми е Грузијка, но родена е и порасна во Русија, како и јас, а во Грузија поминала вкупно неколку недели во триесетте години од нејзиниот живот. Меѓутоа, си го задржа грузиското моминско презиме кога се мажеше […]. Во секој случај, и таа нема претстава што се случува. Повеќето обични луѓе не користат Интернет и немаат сателитска телевизија за да добијат објективни вести – тие го гледаат тоа што им го покажуваат [руските државни телевизиски канали].  Значи, зошто би било чудно што повеќето цврсто веруваат дека руските трупи не стапнале надвор од Цхинвали […]?

Но не ми е тоа поентата. Во детска градинка [во едно од предградијата на Тбилиси] има 110 семејства-бегалци со многу деца. Социјалната помош не стигнала до таму. Ги ставиле таму и тоа е тоа, ако има време – ќе ви помогнеме. Во таа градинка барем има детски креветчиња, што не е случај со училиштето во истата област. Повеќето од луѓето спијат на подот. Нема ќебиња ниту душези. Јадат тоа што ќе успеат да го купат со парите што им останале. Сигурно разбирате, не им остануваат уште многу пари. Вчера само еднаш беше доставена храна во оваа градинка. Стар леб. За 110 семејства – 7 килограми шеќер.
Синоќа однесов вреќа детски алишта што планирав да ги донирам […] во градинката. Заедно со соседите однесовме и 20 килограми шеќер и половина килограм путер. Денеска им однесов овошје, млеко [матсони] и пелени.

Грузијци, по ѓаволите, доста со информативната војна. Погледнете низ прозорецот, надвор има градинки и училишта полни со бегалци. Прво дајте им што можете, а потоа одете пред руската амбасада. […]

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.