- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Пред две години, илјадници граѓани на Македонија започнаа протести против сиромаштијата и корупцијата

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Граѓански медиуми, Економија и бизнис, Закон, Политика, Протест, Развој
AMAN Activists Zorica Dimovska and Vasko Lazarevski during a protest in Skopje. Photo courtesy V. Lazarevski.

Активистите на АМАН Зорица Димовска и Васко Лазаревски во тек на протест во Скопје. Фото: В. Лазаревски.

Активистите од Македонија ги користат социјалните мрежи да ја одбележат двегодишнината од почетокот на масовното движење „АМАН“ [1], кое протестираше против огромните социјални разлики и владината корупција во земјата.

Движењето собра десетици илјади луѓе кои еднаш неделно одржуваа протести на улиците на неколку градови во Македонија: Скопје, Битола, Прилеп, Куманово, Штип и Тетово. Возможно е ова да беа најмасовните и најраширените граѓански протести во историјата на Македонија.

Според статистиките [2], околу 30 проценти од населението на Македонија живее под линијата на сиромаштија. Земјата е рангирана како една од најсиромашните во Европа. Во неколку од јазиците од балканскиот регион, зборот „аман“ е повик на очај кој значи и „доста“, а во случајов се однесуваше на сиромаштијата и корупцијата во земјата.

Ова граѓанско движење се појави во август 2012 година како реакција на покачувањата на цените на монополски-контролираните енергенси, како струјата, горивото и централното греење. Протестите беа организирани еднаш неделно и траеја со месеци [3].

Учесниците во демонстрациите бараа укинување на прописите со кои државното регулаторно тело ги подигна цените за потрошувачите. Регулаторното тело [4], контролирано од владеачката партија, отиде во такви крајности што им наложи на граѓаните во згради покриени со парно греење да им плаќаат на компаниите дури и ако не ги користат нивните услуги.

Едно видео креирано од учесниците на иницијативата и достапно на македонски [5] и албански [6]јазик во концизна форма ги пренесува пораките за социјална правда и достоинство за сите граѓани.

Втората фаза на протестите се состоеше од собирање над 13.000 потписи за покренување законска иницијатива за Собранието [7]да ги укине прописите кои наметнуваа повисоки цени. Во февруари 2013 година, парламентарното мнозинство набрзина ја одби иницијативата [8], која беше поднесена со повеќе од 3.000 потписи над законскиот минимум од 10.000 [9]. Потписите беа собрани во атмосфера на крајна апатија помеѓу граѓаните, предизвикана од притисоците од страна на владеачката политичка партија и владиното неодговарање на реалните потреби на граѓаните. По првобитните масовни протести, дел од учесниците кои самите или нивни роднини работат во државна администрација почнаа да добиваат и шират пораки и „пријателски совети“ да не се учествува бидејќи во спротивно може да бидат загрозени нивните работни места. Највлијателните медиуми придонесоа кон исчезнување на иницијативата од пред очите на јавноста преку избегнување да информираат за настаните поврзани со неа.

Одбележувајќи ја годишнината, активистиочкото Радио МОФ, кое го води НВО Младински образовен форум, направи кратко интервју [10] со еден од најактивните членови на АМАН, Васко Лазаревски:

Радио МОФ: Што претставува за Вас АМАН од оваа перспектива? Има ли разлика во Вашата перцепција за движењето тогаш и сега, по две години?

Лазаревски: АМАН беше спонтан изблик на револт кон уништувањето на животниот стандард. Во летото 2012 се случија огромни поскапувања кои сериозно го нарушија квалитетот на живот на огромен број граѓани и се отвори патот за организирање на социјални протести. Активистите кои се зафатија со организирање на движењето претставуваа совршен статистички примерок на граѓаните на Македонија, по националност, образование, класа… Сите бевме претставени во движењето и тоа неплански, едноставно проблемите со кои се фативме во костец подеднакво ги засегнуваат сите. Може да се каже дека АМАН застана во одбрана на социјалната држава, а против социјалната помош.

Од оваа временска дистанца, мислам дека АМАН ги изоде сите чекори кои може да го направи едно такво движење и во одреден степен успеа да нѐ научи кои се методите и тактиките за подолгорочно активно застапување со ограничени средства, човечки и материјални. Има некои замерки во однос на префрлањето на АМАН од движење на протест во движење кое бара легалистички лек на проблемот, меѓутоа, за нас неколкумината кои останавме до крај во движењето, беше неопходно потребно да се исцрпат сите можни модуси на дејствување додека уште имаме ресурси за тоа.

Радио МОФ: Постои ли начин да се „измери“ колку АМАН влијаеше врз граѓанската свест? Дали граѓаните сега се помалку или повеќе свесни за проблемите, за одговорноста на политичарите и властите, дали се поподготвени да се побунат?

Лазаревски: Случајно налетав на едно мерења не јавносто мислење во кое АМАН беше препознаен како движење кое се бори за обичниот граѓанин. Значи, имало и мерења кои се занимаваат со влијанието на АМАН и кои потврдуваат дека движењето извршило влијание врз свеста на граѓаните. Граѓаните се сосема свесни за проблемите и кој им ги предизвикува, точно се лоцирани сите адреси кои се жаришта на социјалните, културните и меѓуетничките проблеми, тоа се во исто време и центри на моќта во Македонија. Отсега па натаму, секое граѓанско движење, организација, или иницијатива ќе мора од почеток да биде свесно, дека кога се соочува со некој, макар и најбанален јавен проблем, се соочува и со политиките и политичарите со чија работа тој проблем да биде создаден. И дека во огромен број случаи некој има интерес работите да останат какви што се, да се одржи статус кво, а граѓаните да останат мирни и покорни додека се управува со нивните пари и животи.

Радио МОФ: Има ли уште потреба од АМАН? Со оглед на поскапувањата кои продолжуваат, дали е можно движењето да се активира? Има ли и други можности за борба против државните и приватните монополи?

Лазаревски:
АМАН беше ад-хок акција, која се обиде да ја одржи тензијата и вниманието на јавноста кон социјалните проблеми. Сепак, социјалните и економските проблеми бараат поорганизирано и посуштинско делување. Бараат организирани, образувани и решителни луѓе кои ќе се занимаваат со системските недостатоци на општеството. Пристапот за кој зборувам, треба да се занимава со политика! А, прв чекор за да може така да се делува е поразување на концептот кој политиката ја гледа како ексклузивен домен на политичките партии. Тоа е долга и тешка работа и бара фронтовско делување на големи сектори од граѓанското општество кои ќе делуваат со заеднички цели и техники на нивно достигнување. Само создавањето големи ентитети, со здружени ресурси може да предизвика промена.