- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Па, што ако градникот ми се гледа?

Категории: Јужна Азија, Индија, Граѓански медиуми, Жени и род, Протест, Слобода на говор, Уметност и култура, Човекови права

Ниведита Н Кумар [1], новинарка која пишува за Њу Индијан Експрес, дневен весник на англиски јазик со седиште во Ченај, објавила текст на Фејсбук кој стана многу популарен. Еве извадок во кој таа го напаѓа патријархалното индијско општество [2] и ставот според кој облеката ги провоцира силеџиите:

Зошто? Зошто правите така? Ми гледате во градите како да се слатки бебиња што бараат прегратка. Бавно ме соблекувате со поглед секојпат кога влегувам во автобус. Ми ѕиркате во деколтето додека читам, седната во метрото. 

Кој ви дозволил да ме пипкате во преполниот автобус, да се стискате „невино“ до мене кога купувам пуканки во кино, да ми зјапате ненаситно во скутот кога седам со скрстени нозе во колата, а вие запирате покрај неа со велосипед?

Што сум јас, парче месо?

Што мислите, како ми е кога треба да загледувам зад мене само затоа што е 22 ч. и нема никој на автобуската постојка, освен вие со погледот залепен на мојот врат?

Споменатиот текст е споделен повеќе од 35 000 пати [1]. По објавувањето во „Лоџикал Индијан“, споделен е повеќе од 64 000 пати и има повеќе од 260 000 допаѓања  [3].