Различни делови од Лондон во вторникот наутро се разбудија во разрушена околина која следеше по уште една ноќ анархично бунтување и пљачкосување. Најмалку 560 луѓе биле уапсени, а преку 100 казнети откако започна безредието во саботата, на 6 август 2011 година. Според најновите случувања, со насилството дојде и првиот фатален настан, откако маж застрелан во понеделникот навечер во Кројдон, умрел откако бил однесен во болница.
Исто така беше потврдено дека Марк Дуган, чија што смрт минатиот четврток ги предизвика немирите, не отворил оган на полицијата пред да биде застрелан, како што тврдеше полицијата првично, но сепка извадил оружје. Обдукцијата потврдила дека умрел од една прострелна рана во градите.
Денеска премиерот, Дејвид Камерун, изјави дека 16 000 полициски службеници ќе бидат ангажирани во текот на ноќта, за разлика од 6 000 кои беа ангажирани вчера, со цел да се контролираат нови изливи на насилство. Поради затегнатите ресурси, засилување на полицијата е донесено од целата држава. На продавниците низ главниот град исто така им е наредено да затворат порано и да ги спуштат ролетните.
Експлозивни снимки беа постојано дистрибуирани онлајн во текот на денот. Кружеа слики од пљачкосувачи како крадат сè што можат, од обувки до ориз, оставајќи недвижнини во пламен; од толпи како се судруваат со полицијата; жителите како бегаат од опасноста; бунтовници како се бркани и исто така слики од леток пронајден во Далстон, источен Лондон, во кој се советуваат пљачкосувачите како да избегнат идентификување.
Дистрибуираното Јутјуб видео исто така покажува повредено младо лице на кое првин му е помогнато да стане од земја, за да потоа биде ограбено од група на млади мажи од Лондон (точната локација не е позната).
http://www.youtube.com/watch?v=6Gex_ya4-Oo
Трговец во Пекам го сподели своето искуство од насилството во понеделникот на Londonist.com:
Како трговци кои живееме над продавниците чувствувавме подеднакво олеснување дека ние сме таму за да ги набљудуваме работите, но и исплашени за тоа што ако насилно влегоа во продавницата, што точно можевме да направиме во врска со тоа? Дојде момент кога јас стоев зад ролетната од нашата продавница, во темно, со пљачкосувачите на само еден метар од мене. Се запрашав дали нашите ролетни ќе издржат. Се молев да продолжат понатаму. Се надевав дека нема да ме забележат, прикривајќи се преплашен. Почнав да се тресам по малку. Да се види толку огромен презир и бес од блиску, на испреплетените, но сепак радосни лица на злосторниците, те тера да се запрашаш што е тоа што го прави човечкото суштество.
На блогот Гоинг андерграунд, Ани Мол напиша дека синоќешното пљачкосување ја направило да се почувствува „засрамена што е од Лондон“:
Немам решение. Имам само шок, хорор и малку страв. Немам идеја кога ова необјасниво однесување ќе запре. Немам идеја како можеше воопшто да се случи. Ова е Лондон кој можеби ќе се смени засекогаш.
Посмирувачки вести дојдоа ова утро во форма на масовна операција за чистење во главниот град. Помогнати од социјалните медиуми како Фејсбук и Твитер да ги организираат волонтерите и да споделуваат информации, заедници насекаде во Лондон се мобилизираа за да го исчистат сметот.
Сцените беа оние на солидарност: ова попладне волонтерите ги кренаа своите метли додека чистеа кај раскрсницата Клафам, во јужен Лондон. Во Пекам, локалните жители залепија белешки на закованата продавница, Паундланд, за да опишат што е тоа што го сакаат во нивното соседство.
Помеѓу двата екстреми на несогласување и морал, државата сега се наоѓа во ситуација во која се обидува да ја открие смислата зад овие настани кои предизвикаа длабоки тензии во односите помеѓу политичките лидери, полицијата и заедниците на кои сакаат да им служат.
Додека се ширеа осуди за насилството, многу велат дека не се изненадени од овие појави, објаснувајќи дека социјалната исклученост, отповикувањето на правото на глас и тензиите помеѓу полицијата и заедниците во местата зафатени со немирите се на самата точка на вриење со декади. Во Хафингтон Пост, Лола Адесиоје, објаснува дека расните тензии се во срцето на оваа исклученост:
Главните прашања, конкретно чувството дека црните Британци се постојано лошо третирани од страна на власта, а особено од полицијата, сè уште не се разрешени. Тензиите помеѓу младите црнци и полицијата во внатрешните градови сè уште не исчезнаа. Баш напротив, сомнежите се ретки. Недостасува водство кај црнците, државата одбива да се зафати со овие големи предизвици на било каков суштински начин.
Еден друг блогер, новинарот Дауг Сандерс, не се сложува со мислењето дека расистичките тензии придонесоа за насилствата кои се случуваа оваа недела:
Тотенхем беше место каде што се случија ужасните немири во 1985 година, каде што исто така сè започна со протести против полициско стрелање, но тоа беше друг Лондон, длабоко поделен по расна основа, со бесна и социјално исклучена карибска заедница како се судрува со полициските службеници, сите белци и експлицитни расисти. Спротивно, оваа недела и разбојниците и полицијата се од различна раса.
За британскиот автор Кенан Малик, на овонеделните протести им недостига конкретен политички мотив, за разлика од оние од 1980:
Оние [во 1980] немири беа директен напад на насилните полициски мерки и масовната невработеност. Тие ја заплашија социјалната структура во внатрешните градови на Британија и ја натераа владата да ги размисли уште еднаш маханизмите за социјална контрола. Сегашните разбојници можеби направија градската полиција да изгледа неспособна, ги разоткрија политичарите како незаинтересирани и донесоа безредие во некои делови на Лондон, Ливерпул и Бирбингам. Но, мала е шансата да тие го загрозат социјалниот ред.
Тој додаде:
Точно поради отповикувањето на правото на глас, социјалната исклученост и истрошените животи, ова не се „протести“ во ниеден случај, туку мешавина на бес, насилничко однесување и тинејџерско безредие.
Младинскиот работник, Симеон Браун, смета:
@symeonbrown: Точно е дека овие млади луѓе немаат манифест, но ако нивните акции не се политички, тогаш дефинитивно имаме потреба од нов збор за „политички“.
Многумина, вклучувајќи го и вице-премиерот Ник Клег, предвидоа дека контроверзните свирепи мерки на владата беа рецепт за политички и социјални немири.
Пишувајќи во Бренд Рипаблик, Хју Салмон, рекол:
[Коалицијата] не успеа да погледне на назад и да ги земе во предвид луѓето.
И бидејќи тие не ги разбираат луѓето и немаат чувства за тоа како се однесуваат човечките суштества, не успеаа да сфатат дека ако се укинат работни места, а во исто време се укинат и бенефициите, дека ќе се креираат услови за оган кој што и го видовме оваа недела.
Демотикс има галерии со фотографии од последиците од разбојничките инциденти, додека блогот на Гардиан ги има обележано на карта немирите кои се случуваат низ земјата, како и факти и бројки. Слободниот новинар, Нил Ман (@fieldproducer), исто така има направено листа на Твитер на сите известувачи сместени во Лондон кои ги покриваат настаните.