Овој напис е дел од нашето специјално покривање на Протестите во Сирија 2011.
Мал протест пред сириската амбасада во Бејрут, Либан, во вторникот, 2 август 2011 година, заврши со насилство откако лојалните на режимот го нападнаа собирот.
Демонстрантите протестираа во знак на солидарност за жртвите од бруталната агресија на сирискиот режим врз демонстрантите, кога подржувачите на сирискиот претседател, Бахар ал-Асад, дојдоа со контра-демонстрации.
Лојалните на режимот од либанската партија Баат и Сириската социјална националистичка партија (ССНП), заедно се спротивставија на демонстрантите кои извикуваа слогани против Асад и насилно се обидоа да ја растераат толпата настроена против Асад.
Еден анонимен очевидец во извештај објавен на Jadaliyya, независен електронски магазин здружен со Институтот за арапски студии од универзитетот Џорџтаун, ги опишува почетните сцени од конфронтацијата:
Стоевме во три реда пред амбасадата каде се соочивме и со либанското обезбедување. Набргу група мажи започна да трча кон нас од страната на банката, предводена од висок маж во своите педесети, со бела коса, за кого подоцна дознав дека е член на партијата Баат во Либан. Скоро како при воена вежба, човекот ја построи групата што изгледаше дека се состои од сириски работници, мигранти. Тој ги подигна рацете, како да беше диригент на голем симфониски оркестар со што започна едно надреално демонстрирање. Ние започнавме да извикуваме „Од Бејрут до Хама, ние сме еден народ“, а тие се спротивставија: „со нашата крв и душа, те поддржуваме Асад“.
Извештајот на очевидецот продолжува да опишува како лојалните на режимот се обиделе да ги заплашат демонстрантите да си заминат. Приказната е прикажана на Јутјуб видео од протестите, објавено од страна на лебансириа, кое прикажува како група луѓе, лојални на режимот, забрзано се движат да ги пресретнат анти-Асад демонстрантите:
И тогаш, започна нападот:
Кога нè нападнаа, дојдоа сите заедно и дојдоа кон сите нас. Ние бевме лесно совладани и првин тргнаа кон сите оние што имаа камера. Земаа столови и ги фрлаа кон нас, други ги извадија своите каиши и почнаа да нè удираат со нив, а други туркаа и удираа. Видов еден пријател, еден од политичките активисти кој што го почитувам најмногу во Либан, како го удираат во лице. Тој се сврте наназад и двајцата почнавме да чекориме и свртевме кон едно паркинг место, каде што јас, поради некоја причина, сметав дека е побезбедно. Како што се тетеравеше наназад, напаѓачот го турна, така што мојот пријател падна тивко на земјата како куп од коски и месо.
Тргнав на кај него, додека напаѓачот, сè уште незадоволен, го удираше додека овој беше на земја. Додека се наведнував врз мојот пријател, видов како напаѓачот се движи кон една моја друга другарка, зграпчувајќи ја за вратот и вртејќи ја околу улицата во полукруг. Тогаш, се сврте кон мене и мојот пријател кој сè уште лежеше на земја. Човекот, кој викаше на либански акцент, беше со силни мускули, во бела маица, поцрнет и имаше црна коса. Ми се доближи, викајќи, пцуејќи ме и обвинувајќи ме заради тоа што имам камера и сликам. Срам ми е што го кажувам сега ова, но јас стоев, го гледав и го молев да не ме повреди или да го повреди уште повеќе мојот пријател. Ги отворив рацете, го погледнав во очи и му реков: „Немам камера ниту пак телефон. Немам ништо. Те молам не ме повредувај“. Во тој момент, иако зборовите ми излегуваа од уста, се мразев себеси за тоа што се чувствував толку ранлив и толку исплашен. Тој победи. Бесно, се сврте и замина на кај другите.
Нападот исто така беше снимен и качен на Јутјуб:
Она што беше испланирано да биде мирен протест се заврши со скршени коски, а полицијата изјавуваше дека биле беспомошни да ги запрат лојалните на режимот:
Три лица заминаа во полициска станица на улицата Блис (Магхфар Нубајш) за да ги пријават оние кои физички нè повредија. Тие биле вратени од полицијата каде им кажале дека напаѓачите имаат политичка позадина и дека полицијата не може ништо да направи. Така, скршен колк, напукнат череп и безброј црни очи и подуени делови од тело беа создадени од група на shabab [момчиња] уверени дека ти не одговараат на никого.
Сирија секогаш имала поларизирачки ефект на својот помал сосед, Либан.
Либанската политика е дефинирана од односите со сириската влада, а со тоа и на про-сириски и анти-сириски делови.
Либанскиот идентитет се борел да најде единство помеѓу оние кои ја сфаќаа државата како сосема одделен ентитет од Сирија и оние кои сакаа да ги нагласат посебните врски помеѓу овие два соседи. Некои групи од Либан, како партијата Баат и ССНП, тврдат дека двете држави треба да се обединат во една Голема Сирија, одбивајќи ја сегашната политичка карта како колонијалистички проект.
Следствено, Сирија постојано била чувствително прашање во Либан, како што се докажува и со насилниот исход од протестите одржани во вторник.
Нападите побудија бес кога Либанците го покренаа прашањето за отсуството на обезбедување за време на нападот.
Некои демонстранти се здобија со тешки повреди од тепањето и се сè уште во болница, додека други се здобија со рани и модрици. Активистите кои се упатија кон полициската станица Хобеич за да ги пријава нападите наишле на никаква соработка од страна на полицијата. Виновниците мора и ќе бидат гонети за нивните нелегални напади и сите министерства се одговорни што не успеале да ги заштитат своите граѓани да се изразат себеси слободно и мирно. Ова е свирепо и ние не треба да молчиме.
Елиас Мухана на Кифа Набки ги осуди ексклузивните групи кои ги има создадено политичкиот раскол во Бејрут и Либан во целина:
Секој месец или така нешто, кога го посетувам моето семејство во Бејрут (кое живее во ова соседство), има сè повеќе и повеќе банери од ССНП кои висат на ѕидовите и бандерите. Подоцна, изгледа, ги исфрлаа своите фрустрации од ситуацијата во Сирија со заплашување на мирни демонстранти.
Мислам дека вреди да се потенцира нешто што авторот на написот во Jadaliyya инсистираше: овие демонстранти беа донесени поради нивното прогонување на злоделата во Сирија и нивното незадоволство од „политичкиот раскол помеѓу 14-ти март и 8-ми март кој го разделуваше Либан веќе шест години“. Тие намерно избраа да протестираат во ова соседство [Хамра] за да избегнат да бидат етикетирани како поддржувачи на некоја партија. Ги охрабрувам сите истомисленици кои го читаат овој блог и кои живеат во Либан да најдат начин да се вклучат, да се придружат на овие протести, да зборуваат гласно и да помогнат да се стави крај на владеењето на силеџиите Баатисти на улиците на Хамра.
Лутиот араб првично се сомневаше дека членовите на ССНП биле вклучени во насилството, но подоцна се согласи дека ССНП заедно со членовите на Баат зеле учество во нападот:
Објавив вчера напис за хулиганскиот третман на независните левичари (некои од нив ги знам) во Хамра кога протестирале против криминалниот режим на Сирија. Слушнав за вмешаноста на ССНП (која беше трансформирана од нејзиниот лидер, Асад Хардан, во алатка на сирискиот режим). Ги прашав луѓето од ССНП кои се мои пријатели на Фејсбук да ми објаснат и добив уверувања дека тие не биле вмешани. Сега знам дека е поинаку. Всушност, слушнав дека членови на ССНП ги малтретирале оние кои протестирале против режимот во Сирија.
Либан редовно бил исклучок од останатиот арапски свет кога станувало збор за протестирање. Всушност, во Бејрут се имаат случено голем број на протести во последниве години за различен број прашања.
Сепак, една непријатна тишина е наметната на државата во ситуација кога поголемиот дел од политичките играчи на Либан ја држат земјата надвор од внатрешниот хаос на Сирија, плашејќи се од одмазда од режимот на Асад.
Ова не е во согласност со долгогодишната традиција на Либан во врска со правото на протест. Овие луѓе лојални на режимот, со политичка поддршка, на кои им е дозволено насилно да го задушат јавното противење на убиствата во Сирија, сигурно ќе разлутат многумина во државата кои демократското право на протест го сметаат за свето.
Овој напис е дел од нашето специјално покривање на Протестите во Сирија 2011.