- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Иран: Уличен чистач најде и врати 500.000 долари

Категории: Среден Исток и Западна Африка, Иран, Граѓански медиуми, Економија и бизнис, Работа

Честопати на насловните страници на иранските весници може да се забележат наслови за мултимилионска корупција. Моментално, главна вест [1] е наголемата банкарска измама во Иран наводно извршена од луѓе кои се поврзани со владата.

Но, одеднаш, позитивна вест се рашири низ Иран и надвор од земјата: Уличниот чистач Ахмад Рабани од градот Бојнорд [2], на 700 км од Техеран, нашол 1 милијарда томани (околу 570.000 американски долари) и ги вратил на сопственикот.

Како награда, добил 200.000 томани (120 американски долари).

Иранскиот блогер Унирани го пофалува уличниот чистач и смета дека неговото дело треба да биде лекција за службениците во земјата кои се поврзани со корупција. Тој пишува [3]:

… човек од работничката класа и член на општината нашол 1 милијарда томани во вреќа и ги вратил на сопственикот. Сфативме колку вреди неговата постапка кога дознавме дека е сиромашен поради страшната економска ситуација во државата. Нормално дека можел да ги задржи парите, да даде отказ и стане еден од овие милионери. Но, тој не го стори тоа. Ова нека биде лекција за оние крадци и корумпирани луѓе кои крадат се од државата и кои со своите валкани политики создаваат бескрајни економски тешкотии.

Друг блогер, Песарироуни, пишува за оваа приказна и вели [4]:

Достоинството се уште постои… во време кога брат нема милост за братот… Јас сум роден во семејство од работничка класа и можам да сочувствувам со сите тешкотии со кои се соочуваат овие луѓе… Се восхитувам на неговото достоинство и мислам дека треба да добие орден за чест за својата постапка.

Del2del пишува [5] дека Рабани сигурно не потпаднал под големите искушенија штом ги вратил парите, бидејќи таа сума на пари е еднаква на 166 години плата на уличен чистач.