- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Борнео: Обединување на блогерите преку Borneo Colours

Категории: Источна Азија, Брунеи, Индонезија, Малезија, Граѓански медиуми, Медиуми и новинарство, Меѓународни односи, Туризам
[1]

Kellybays, Туаран, Борнео. Слика на Ненси Питер

Borneo Colours [2] е веб страница која ги поврзува блогерите од Брунеј, Сабах, Саравак, Лабуан (Малезија) и Калимантан (Индонезија) кои се лоцирани на островот Борнео. Оваа страница е платформа за блогерите од овој регион да се поврзат меѓусебно и да шират поголемо разбирање за нивните соседи.

До денес, Borneo Colours или BC брои над 1 000 членови со речиси 200 регистрирани блогери, а оваа бројка секојдневно расте. Daniel Doughty [3], извршниот директор и основач на оваа страница, со нас ја споделува историјата на веб страницата.

Идејата ја добил некаде околу почетокот на 2002 год. Целта му била да ги охрабри Борнејците да ја покажат својата отвореност кон светот, а истовремено и да им го олесни почетокот во тоа. Подоцна, основачот се соочил со огромен финансиски предизвик при одржување на проектот насловен „Борнео“. Најпосле во 2007 година, ВС полека почнал да функционира, но за жал идејата веднаш била повлечена бидејќи основачот добил понуда да ѝ помогне на една меѓународна НВО околу отпочнување на еден проект за заштита на морскиот свет. На почетокот на 2009 год. основачот решил повторно да ја заживее оваа идеја. Околу jули 2009 год., опремен со нови средства и поддршка, тимот BorneoColours.com почнал со работа промовирајќи ја нивната идеја пред заедницата на островот Борнео и туристичките тела во Сабах, Саравак, Лабуан, Брунеј и Калимантан. ВС своето мало (делумно) лансирање го имаше на 25 септември 2009 год, но целосно почна да функционира дури во јануари следната година.

[4]

Слика на KCDPhoto

Кои се вашите аспирации околу Borneo Colours?

Сакаме тој да стане новиот официјален медиум, портал наменет на заедницата кој ќе биде поддржан и признаен од владите на островот Борнео, но пред сè од самите жители и од меѓународната онлајн заедница. Исто така, наша цел е borneocolours.com [5] да го претвориме во еден независен и транспарентен механизам за собирање на средства кои ќе бидат наменети за локалните добротворни организации, за развој на заедницата и активности за покревање на еколошката свест на островот.

Што може да се добие со читање на/станување член на Borneo Colours?

Содржината главно се доставува и дели помеѓу регистрираните членови, познати и како bcbuddy [6]. Заедницата ја споделува содржината преку промовирање на настани, случувања, или покажување на нивните таленти и интересни статии кои може да бидат од интерес на некои други луѓе. Исто така, постои и именик со бизнис адреси во Борнео како и листа на блогери. Една посебна карактеристика за која во Borneo Colours сме посебно горди е интегрирање на нашата содржина со алатка на една социјална мрежа слична на Фејсбук.

Во Borneo Colours моментално се одвива натпревар на блогирање? Што сакате да постигнете со ваквиот натпревар?

Наградата Блогери на Борнео 2010 има за цел на истакнатите и идните блогери од островот Борнео да им понуди една платформа и мрежа преку која ќе можат да ги разберат, прифатат и ценат меѓусебните разлики, но пред сè да се создаде чувство за Борнео без граници. Исто така, се надеваме дека оваа програма ќе им помогне на блогерите од Борнео да развијат натпреварувачки дух и да ја подобрат содржината, стилот и оригиналноста на нивните блогови. Најпосле, кој друг може подобро да го промовира Борнео како привлечна туристичка дестинација ако не самите блогери?

Идни планови?

BorneoColours.com ќе организира дијалог насловен B2.0 (за Borneo2.0), или „Блогерите од Борнео + дијалог околу новите медиуми“. Овој дијалог е закажан да се одржи во Борнео 1, Кота Кинабалу, Сабах во средината на октомври 2010. B2.0 ќе спои различни блогерски заедници, креативни локални и меѓународни нови медиуми што ќе им пружи нови можности за учење, запознавање и надградување.

Многу блогери од островот Борнео го поддржуваат BC:

A Woman Diary [7] пишува „Ова опфаќа практично сè што би сакале да знаете за Борнео. И тоа направено од самите Борнејци. Го обожавам“

Rungitom, еден BC buddy [8] вака го претставува Borneo Colours.

Дали сте BC Buddy? Ако не сте, зошто не го ѕирнете BorneoColours [2]. Тоа е веб страница каде што можете да најдете повеќе информации околу Борнео и каде имате и можност за користење на една социјална мрежа наречена BC Buddy. BC Buddy е место каде онлајн заедницата може да се дружи исто како и на останатите социјални мрежи.

Choco8Vanilla [9] вели дека

Borneo Colours е веб страница чија цел е да ги обедини луѓето кои сакаат да дознаат нешто повеќе за Борнео или каде што самите жители на Борнео можат да се соберат и да научат нешто повеќе за нивниот сакан остров. Таму можат да ги дознаат најактуелните информации или едноставно да запознаат нови луѓе (Зар не е тоа одлична идеја? XD).Ова е нова страница, но бројот на нејзини посетители секојдневно расте. Зар не сакате и вие да бидете дел од оваа прекрасна заедница? Малку наликува….речиси е иста….или многу слична на… facebook или friendster или tagged (можеби?). Покрај веб страницата, имам уште нешто (треба ли тука да кажам WOW! за тоа колку е добра страницата) што сигурно ќе ве натера сите борнејски блогери да кликнете на копчето ‘Зачлени се’… што е тоа?

Pearls Stud Earrings [10] на нејзиниот блог наведува,

веќе поминаа 5 месеци откако прв пат се регистрирав како Borneo Colours Buddy. И што добив како член???? повеќе ПРИЈАТЕЛИ!! ^-^/ и можам повеќе да го промовирам својот блог.

Geek in White [11], единствениот Брунеец кој се квалификува во последниот круг на гласање на натпреварот за блогирање

се надевам дека ќе ја освојам титулата за Брунеј и ќе помогнам брунејските блогери да станат повидливи. Ако навистина победам (амин!), ветувам дека мојата награда ќе ја споделам со некое од локалните добротворни здруженија.