Гана: Кон „идеална жена“: Запознај ја блогерката и новинарка Линда Анан

Иако има исто презиме како и светски познатиот граѓанин на Гана, Линда Анан не е поврзана со претходниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан. Линда е новинар од Гана и блогер кој придонесува за Глобал воисис онлајн на блогерската сцена во Гана.

Линда го основа и го уредува електронскиот магазин за жени, Обасема. Обасема на јазикот во Гана, Тви, значи „идеална жена“. Основан во 2006 година, магазинот има свој веб-сајт, Јутјуб канал, онлајн телевизиска верзија, Фејсбук страница и корисничка сметка на Твитер.

Линда Анан: блогер од Гана, новинар и основач на магазинот Обасема

Линда е родена во Гана, но заминала во САД во средина на нејзините тинејџерски години. Додека била во САД се здобила со магистерска титула во полето на корпоративни комуникации, со специјализација во новинарство на Бернард М. Баруч колеџот во Њујорк. Таа скоро се врати во Гана и работи во полето на медиуми и комуникации.

Во ова интервју со Стев Шара, Линда зборува за блогирањето, нејзината пасија за споделување на знаење и давање на моќ на жените, за магазинот Обасема и за многуте други работи кои таа ги прави на интернет.

Стев Шара (СШ): Да започнеме, кажи ни нешто за тебе. Која е Линда Анан? Имаш исто презиме и како светски познатиот граѓанин на Гана, претходниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан. Дали имаш некоја врска со него?

Линда Анан (ЛА): Јас сум новинар од Гана и специјалист по комуникации со пасија за политиката и активизмот кој ги вклучува жените и давањето моќ на децата, како и други социјални работи поврзани со Африка. Не, не сум поврзана со Кофи Анан, иако и двајцата сме од истата етничка група, Фанте.

СШ: Каде си родена, каде израсна и каде си сместена моментално?

ЛА: Родена сум и израснав во Гана каде што живеев до средината на моите тинејџерски години. Потоа заминав за САД, се вратив во Гана пред три месеци.

СШ: Што те донесе повторно во Гана и што правиш сега?

ЛА: Секогаш имав желба да се преселам во Гана во некој момент од животот; прашањето беше кога ќе биде тоа? Оваа година изгледаше како вистинска бидејќи моите проекти пропаднаа, а Гана сега е подготвена за проектите кои сакам да ги започнам. Исто така, целта, откако го почнав Обасема, беше да го лансирам во Гана и другите африкански држави. Сега е време да го преземам тој чекор. Што правам сега: работам како соработник-консултант во една компанија за интегрирани маркетинг комуникации.

СШ: Имаш навистина извонредно онлајн присуство, почнувајќи од Обасема, магазинот кој што го основаше и го уредуваш. Кажи ни зошто и како започна со изадавање на магазинот?

ЛА: Благодарам. Го започнав магазинот неколку месеци откако дипломирав на колеџот. Генерално, сакам да инспирирам и охрабрувам луѓе и поради тоа што верувам во моќта на зборовите и сум навистина заинтересирана за женските прашања, оваа средство беше единственото кое имаше смисла да го искористам за да ги постигнам овие цели. Споделувањето на знаење е уште една работа во која уживам, а онлајн магазинот беше одлична платформа за да го правам тоа. Исто така, по дипломирањето, ја воочив потребата за платформа која ќе обезбедува охрабрувачки и инспиративни пораки за младите африкански жени како мене и тоа преку повеќе канали. Бидејќи ова беше нешто што силно го посакував во мојот живот во тој момент, а и познавав жени кои би го ценеле тоа и би имале корист, одлучив да го создадам магазинот Обасема; името „Обасема“ има голема тежина. На јазикот во Гана, Тви, се преведува како „идеална жена“, т.е. жена во која сакам да прераснам и жена кон која сакам да ја повикам секоја жена да се стреми. Без разлика на тоа што е тоа „идеалана“, дефинитивно треба да биде нешто длабоко во суштина.

СШ: Која е твојата публика за магазинот? Колку луѓе се опфатени до сега?

ЛА: Целната публика на Обасема е африканската жена, иако секој би се сложил дека женските прашања ги надминуваат границите. Нашите читатели не се само африканските жени и жените со африканско потекло. Ние имаме глобална онлајн публика. Обасема жената може да биде онаа која се наоѓа на висока позиција во корпоративна средина и ги донесува најзначајните одлуки или може да биде уметник кој убаво ја создава својата ракотворба или пак жена во село која не си ги знае правата. Сите овие жени имаат потреба од охрабрување и доделување на моќ на различни нивоа со цел да прераснат во жени за кои биле и создадени. Тука е моментот кога настапува Обасема. Можам отворено да кажам дека ние успеавме да ја оствариме главната мисија на Обасема, а тоа е да инспирираме и охрабриме, иако, секако, потребно е уште да се работи. Преку повратните информации од нашата публика, знаеме дека луѓето се предизвикани да се поврзат и да се борат за работите кои им значат, дали се работи за поврзување со други луѓе, поврзување со самите себе или остварување на тој сон. Ми се топли срцето кога гледам дека нашите придонесувања за општеството одат подалеку.

СШ: Кажи ни за твојата работа за Глобал воисис онлајн. Како започна?

ЛА: Го пронајдов Глобал воисис онлајн во 2009 и сметав дека е неверојатен извор на вести. Ми се допаѓаше различноста кај тимот на ГВ и сакав да станам дел од него. Пишував политички написи каде Гана беше во фокусот. Не бев во можност да придонесувам некое време, но очекувам да го правам тоа активно наскоро.

СШ: Имаш блог, Аби спикс. Што те натера да размислиш да отвориш блог?

ЛА: Јас сум прилично самоуверена и како што спомнав претходно, сакам да  споделувам знаење со луѓето. „Аби спикс“ е уште една платформа која ја користам за да го направам тоа. Ми овозможува слободно да ги изразам моите мисли без никакви ограничувања, како на пример во Обасема, која е сепак официјална публикација. Исто така „Аби списк“ е начин за креирање на еден друг глас, мојот личен, надвор од Обасема.

СШ: Во 2007 година беше прогласена за Претприемач на денот во Блек стар њус. Како БСЊ дознал за тебе? Што значеше за тебе појавувањето на веб-сајтот на БСЊ?

ЛА: Блек стар њус ме пронајдоа електронски и ме повикаа на интервју. Ова појавување дефинитивно придонесе за поголема читаност на Обасема, бидејќи беше прилично нов магазин во тоа време.

СШ: Што ти е интересно во однос на блогосферата во Гана?

ЛА: Ми се допаѓа нејзината динамичност; храброста изразена во написите е неверојатна и покажува дека граѓаните на Гана напредуваат во полето на „слободата“. Блогерите тука се прилично активни; се собираат меѓусебно и градат пријателства како резултат на ова.

СШ: И за крај, кои се твоите идни планови за Обасема? И за тебе?

ЛА: Во следните неколку месец Обасема ќе биде подложена на реорганизација со цел оживување на енергијата врзана за оваа публикација. Откако ќе успееме да стигнеме каде што сакаме да бидеме според оваа нова насока, ќе следи чекор кон лансирање на печатената верзија во Африка. Мои амбиции: мојата кариера во областа на комуникации оди во насока во која не очекував, на многу добар пат е и јас се навикнувам да бидам релаксирана и да видам каде Господ ќе ме однесе на оваа поле. Во меѓувреме планирам да продолжам да истражувам нови платформи во медиумите за да помогнам Обасема да се придвижи кон следното ниво.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.