- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија: Проклетството на „двопартискиот“ политички систем

Категории: Источна и Централна Европа, Северна Америка, Босна и Херцеговина, Македонија, САД, Хрватска, Граѓански медиуми, Избори, Политика, Хумор
[1]

Фото: manarh, објавено под лиценца Криејтив комонс.

Искусни македонски блогери го искажуваат широко прифатеното мислење меѓу нивните сограѓани кои не се приврзаници на политички партии дека се чувствуваат заробени во систем без независни алтернативи.

Често овие чувства се изразени како верзии на парадоксот на Буридановото магаре [2] или на цитатот на Барт Симпсон: „Зафркнат си ако го сториш тоа и зафркнат си ако не го сториш“.

Блогерот и политички аналитичар Вуна искористи виц за Октоподот Пол [3] (англиски) за да обрне внимание на ограничените перцепции. Тој напиша [4]:

Пред некој ден ја чув оваа досетка, за октоподот Пол и за фрустрацијата на секојдневното живеење во Македонија: му дале да бира помеѓу ВМРО [5] и СДС [6]… и на крајот умрел од глад.

Меѓутоа, оваа „зезанција“ е тежок fail. И мене на прва ми се допадна, но кога размислив подобро следново ми падна на памет.

Приказната за „предвидувањата“ на Пол е дека тој всушност бира школка од еден од двата сада кои му нудат. Школките ги бира, секако, за да ги јаде. Во нашиов случај тој не се решава ниту за школката на ВМРО ниту за школката на СДС и поради умира од глад.

Објаснување зошто Пол умира од глад е дека тој е принципиелен или пак доволно глупав за да не ги одбере ниту ВМРО ниту СДС затоа што се „исто говно“ иако школките му се поставени само во садовите; ако сака да преживее тој мора да брцне кај една од партиите (што за него не е опција).

Тажно е што во приказната не е предвидена школка надвор од садовите. Потсвесното во вицот е прилично искрено: Пол сака да јаде за да преживее, останува само опцијата ВМРО или СДС и тој е „осуден“ на тој избор. Со тоа „вицот“ се става во функција на малодушноста на граѓанинот на Македонија, кој изборот не го гледа подалеку од политичките партии. Не постои ниту за спремност да се замисли школка надвор од садовите.

Волан, го опиша [7] својот поглед на ситуацијата во Македонија во попрозаична форма:

Борбата на позицијата и опозицијата во нашата политичката арена личи на дворски игри, на театарска претстава каде улогите одвреме навреме се менуваат, море на циркус често личи. Не е случаен изразот политичка арена, арените историски доаѓаат во римскиот период и им служеле за забава на владетелите и моќниците околу нив каде во арената се одвивала борба на живот или смрт – често таа одлука зависела дали ќе биде живот или смрт од позицијата на палецот на владетелот. Борба во која главната цел е кој ќе има подобра позиција да лапа од „бананата“ … Едно време најзабавна програма на луѓето беше пратење на седниците на Собранието.

Чуди играта на нашите главни актери во позицијата – опозицијата. Првите додека се на власт забораваат дека можеби од следните избори ќе бидат опозиција и законите ги прават без да вградуваат права за опозицијата. Тоа потоа длабоко им се свети. Пример – цело време јакне улогата на полицијата, заборавајќи дека тоа што сега го озаконуваш како позиција ќе ти се мавне по сопствена глава кога ќе станеш Опозиција.

Има и места каде тие се сложуваат. Позицијата и опозицијата (главните играчи) имаат едно непишано правило – задушно се борат проти трети и нови субјекти во политиката. Законски ја ограничуваат таа можност, правејќи превисоки прагови за влез во друштвото, во Собранието како носител на власта или сеедно во Општинските одбори како локални носители на власта.

Уште една карактеристика им е заедничка што стално го спуштаат потребниот праг на излезноста – за да изборите бидат успешни. Така се борат со малодушните на бирачите и оние кои евентуално неизлегувајќи на избори сакаат да пратат порака на власта и опозицијата дека не се сложуваат на начинот на кој се води државата. Така во пракса имаме ситуации каде апсолутно се владее само со 25 до 30 проценти поддршка на вкупното гласачко тело – но сеедно власта е апсолутна и легална.

Во театарот, циркусот де на Позицијата и Опозицијата за наши услови имаме трет многу важен играч – таканаречениот странски фактор олицетворен во претставниците на јаките светски сили и групации … затоа и толку често се оди на бацирака кај нив. Без нивна поддршка скоро сигурно на наредните избори се губи власт а често пакуваат случаи со кои те држат во позиција да молчиш – бидејќи имаш договор со нив да молчиш за да не ти откријат нешто. Затоа се и изненадните тргнувања на моќни политичари од политичкиот живот. Случаи за кои ние знаеме и сме ги следеле, современици сме, имаме во изненадното напуштање на политичкиот живот на Љуп(Б)чо Георгиевски, Санадер во Хрватска, ако сакате и Караџиќ во Босна … договорот никојпат не е пишан, но најчесто се почитува.

Се уште е млада и недоволно јака улогата на нашата новопечена олигархија [8], но не е и неприсутна во политичкиот живот. Криминалните структури секојпат се задскриени во политиката – присутни се, сите ги знаат но никој кога е на власт не се закача со нив. Судската власт како трета власт е во рацете на оние кои ги предложиле кога биле на власт. Новинарската фела е во процеп на зависноста од сопствениците на медиумите кои се итекако влијателни политички играчи.

Можна причина за ваквата заложничка криза е тоа што повеќето гласачи кои не се дел од клиентската хиерархија на политичките партии гласаат „против“, со цел да ги казнат политичарите на власт. Оваа ситуација е слична како онаа во САД, која ја опишува Џек Гембл во својот пост „Зошто трета партија нема да успее“ [9] (англиски, нагласеното е додадено):

Дали гласавте за Кери или против Буш? Дали гласавте за МекКејн или против Обама? Иако е очевидно дека Обама инспирираше нов вид гласачи кои досега не учествувале во процесот, повеќето поддржувачи на МекКејн не беа нужно негови обожаватели. Тие само се плашеа од Обама. Слично како што и поддржувачите на Кери не беа импресионирани од неговите промени на ставови и монотоно говорништво во стил на Ал Гор. Тие само го мразеа Буш. Кога повеќето луѓе гласаат против и само малкумина гласаат за, обезбедуваат опстанок за двопартискиот систем. Луѓето ќе гласаат за оние кои имаат најмногу изгледи да го победат тој што го мразат и нема да гласаат за кандидатите чии погледи се најслични на нивните. Демократите просто ги проголтаа Зелените и Либертаријанските партиии, без разлика на тоа што самонаречените „независни“ не можеа да го предвидат тоа.