Теофил Панчиќ, добро познат новинар од неделникот Време (“Time”), беше претепан во автобус за јавен превоз (бр.83) во Земун, една од белградските општини, во саботата на 24 јули.
Според Време, Панчиќ бил нападнат од двајца луѓе кои го претепале со метални шипки. Тој бил примен во болница каде што лекарите му ги третирале повредите на главата и на десната рака. За среќа, повредите не му го загрозиле животот. Време тврди дека нападот бил испланиран:
Ова е уште еден напад на новинар на Време, од киднапирањето на Душан Рељиќ па до поставувањето на бомба во станот на Дејан Анастасијевиќ, а сторителите никогаш не беа уапсени и осудени.
Редакцијата на Време бара од службите, полицијата и обвинителството да ги идентификуваат, уапсат и да поднесат кривична пријава против извршителите на нападот врз новинарот Теофил Панчиќ.
На Пешчаник (Pescanik), веб-портал фокусиран на српската и балканската политика, човековите права и други важни теми, чиишто автори се често многу критични кон власта, Панчиќ опиша како се случил нападот и заклучува:
Бидејќи не сум бил вмешан во никакви нелегални активности во мојот живот, ниту му должам некому нешто, ниту пак имам контакти со подземјето, можам само да ја погодувам причината и мотивот кои би можеле да бидат. Тоа може да се пронајде во мојата јавна работа и ангажман. Не можам да најдам друга можна причина.
Блогерот Лоадер (Loader) верува дека причината за нападот е истата за која тврди Панчиќ. Тој напиша:
Напади на новинари… овој не е единствениот понов случај. Можеме ли да кажеме нешто ново за оваа тема? Ударот врз Панчиќ е удар врз сите нас. Преку случајот на Панчиќ, пораката е пратена до сите нас, велејќи ни да замолчиме и мирно да ја прифатиме реалноста […]. Секако, ние нема да замолчиме.
Подолу се неколкуте од повеќе од 200 коментари на постот на Лоадер:
Man ray loves me:
Овој [инцидент] ги премина сите граници. Му се восхитувам на Теофил. Се чувствувам лошо.
Libkonz:
Ужасно е. Не можеме да им дозволиме на фашистите да победат во оваа држава.
Јелица Грегановиќ:
Немам повеќе зборови. А патниците, сведоците…тие само гледале? Дали се обидел некој да му помогне?
Алекс Дуња:
Го разбирам стравот. Ама сите имаат мобилни телефони… некој требало да се јави на полицијата и на итната помош…
Драго Ковачевиќ алудира на насилството по белградските улици од 2008, кога Косово ја објави својата независност:
Овој пат, тие [националистите] немаа дозвола да напаѓаат амбасади или џамии, но никој не им забрани да го нападнат Теофил. Ова е ужасно. Мислам дека полицијата може да ги најде сторителите ако сака.
masovna_keva им реплицира на оние коментатори кои мислат дека Панчиќ не треба да замолчи во иднина:
Секако, тој нема да замолчи но, очигледно е дека Србија се враќа во деведесеттите, со една разлика [Ивица Дачиќ, министер за внатрешни и претседател на Социјалистичката партија, поставен од Слободан Милошевиќ] мора да ја оправда сопствената преобразба и можеби ќе се случи нешто во врска со апсењето [на напаѓачите].
Адвокатот за човекови права од Бранители на граѓански права, (бившиот шведски Хелсиншки комитет), НВО активист и блогер, Горан Милетиќ објави статија на Пешчаник во којшто ги анализира можните сценарија по најновиот случај на насилство во Белград:
Новинарот и граѓанин, Теофил Панчиќ беше претепан на типично српски начин. Двајца луѓе се качиле во автобус во центарот на слободниот Земун, ја стигнале жртвата која ја следеле и почнале со акцијата пред другите патници. […]
[…] Можам да се обложам дека едно од овие три сценарија ќе се случи:
1. Полицијата нема да ги најде напаѓачите […]
2. Полицијата ќе ги најде напаѓачите многу брзо, но обвинителството и (или) судот ќе работат непотребно долго. […] Во овој случај, ќе чекаме премногу за обвинението или почетокот на судењето, а можеби и на двете. Случаите со новинарката [Бранкица Станковиќ] и камерманот на ТВ Б-92 [Бошко Бранковиќ] и многу други се добра илустрација за тоа како сешто може да се појави ако трае долго и тоа без никаква причина.
3. Полицијата ќе ги уапси напаѓачите, обвинителството ќе ги обвини релативно брзо и потоа „тепањето”на Теофил ќе се случи по вторпат. За оние кои не знаат како работи ова сценарио ,да им го посочиме судскиот случај на [смртта на Брис Татон]. Формулата е апсолутно едноставна – намалување на важноста на секој сегмент на нападот, кој води до заклучок дека верзијата на настаните опишани во обвинението е контрадикторна. […]
Понатаму, Милетиќ го анализира можното однесување на адвокатите на напаѓачите, нивните роднини како и јавноста воопшто. Тој нагаѓа дека и реакцијата на повеќето од медиумите ќе биде несоодветна и непрофесионална. Заклучува:
[…] Малиот број на медиумски куќи кои ќе известуваат за се на професионален начин нема да биде доволен, во смисла за да се прати јасна порака до јавноста, како што нема таква порака сега, кога се одвива судскиот процес за смртта на Брис Татон. Со најдобра намера, некои медиуми ќе започнат уште една кампања, за конечно третирање на новинарите како „службени лица”, но оваа мерка нема да помогне да се казнат соодветно сторителите, ниту пак да се избегнат слични напади во иднина.
Новинарското здружение, некои државни лица, политички партии и граѓаните исто така, го осудија насилнички чин и побараа од власта да постапи на соодветен начин.