- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Гана: Оставете ги да бидат геј

Категории: Супсахарска Африка, Гана, Граѓански медиуми, Хомосексуални права (ЛГБТ), Човекови права

Националното биро за истраги (НБИ)  на Гана започна истрага во врска со зголеменото ниво на хомосексуалност [1] во западните и централните региони.

Невладина организација регистрирала околу 8000 хомосексуалци во западниот и некои делови од централниот регион. Оваа бројка поттикна жестока дебата за хомосексуалноста помеѓу  блогерите од Гана.

Во еден напис под наслов „Дебатирање за хомосексуалноста во Гана“, Кајса изјави [2] дека многу малку јавно се дебатира на таа тема.

[3]

Според законот на Гана, машка хомосексуална активност е официјално нелегална. Слика: блогот на Холи Ремблингс

Хомосексуалните акти во Гана се забранети со закон и речиси воопшто јавно не се дебатирало за тоа дали граѓаните на Гана генерално сакаат промена на статус кво ситуацијата.

„Оставете ги да бидат геј“, рече блогерот од Гана, Ато. Ато го започна својот напис [4] со тоа дека не може да разбере зошто некој згоден маж би сакал да има анален секс со друг маж:

Имајќи го тоа на ум, воопшто не ме интересира кој, со кого, каде и како има секс. Во најголем број случаи. Но, кога ќе слушнам приказна како некој свештеник ја сквернави приватноста на тинејџерите пред припадниците на црковната заедница, се разбира, не ми е сеедно. Но, не ме интересира дали Кваку Менса од Фантиква, човек во години кој чесно си го заработува лебот, решил да има анален секс со Квабена Бонсу од Атонкини, исто така човек во години.

Нивна работа е што прават во спалната соба и не сфаќам зошто некој би ги мразел само затоа што сексуално се задоволуваат на поинаков начин. Тоа е исто како да мразиш некој кој сака лубеници само затоа што ти не сакаш.

Освен што не разбирам зошто луѓето стануваат геј, исто така не разбирам зошто толку омраза кон оние кои решиле да бидат геј

Зошто толкава врева околу сексот помеѓу двајца мажи?

 

Некој читател му искоментирал [5] на написот со стихови од Библијата за тоа дека хомосексуалноста е грев. Ато му одговорил:

Зошто? Мислиш сите ја читаат и веруваат во твојата Библија?

Друг читател по име Раста напишал:

Ато, ако недостатокот на морал во нашава драга држава Гана го достигнува максимумот, а единствен начин да го окарактеризираш тоа непристојно и нескротливо однесување е да го споредиш со тоа дека некои луѓе преферираат лубеници, а не портокали или јаболка, тогаш вакви изјави се голем срам за твојата кариера како новинар!

Одговорот на Ато:

Засрами се и ти! Што значи недостиг на морал? Луѓе кои имаат анален секс или луѓе кои ги крадат нашите пари и ги трошат за лични задоволства додека целата нација тоне во беда и сиромаштија? Јас попрво би одбрал геј отколку крадец кој глуми политичар кога ќе му текне.

На 8ми Јуни Ато напиша „Оставете ги да бидат геј втор дел [6]“. Тој искористи неколку стихови од Библијата да го зачини првиот дел. Според Библијата, вели тој, сите сме грешници:

Исус го знаел тоа, па кога пред него ја донеле прељубничката група мажи и жени спремни да ја каменуваат до смрт, нашиот Свет Спасител ги погледнал сите и рекол: „Кој е од вас безгрешен, нека прв фрли камен врз неа!“ ( Јован 8:7).

Во тој момент, камењата паднале наземи. Сите сме грешници. Никој не може да пресуди дали некои гревови се поголеми од други. Човек кој има нормален секс исто толку греши колку оној што има анален. Господ нема повеќе да го казни хомосексуалецот од хетеросексуалецот.

Христијаните треба први да ја прифатат хомосексуалноста, забележа тој [6]:

Господ не е хомофобичен. Сите нè сака. Ги сака и хомосексуалците, ги сака и хетеросексуалците. Го сака и вооружениот крадец, ја сака и проститутката. Го сака и свештеникот, го сака и измамникот. И тој ни заповедува да се сакаме. Затоа, христијаните треба да бидат меѓу првите кои срдечно ќе ги прифатат геј луѓето.

Тоа Господ сака да го направиме. Секој кој себеси се нарекува христијанин, а е полн омраза и дискриминација кон хомосексуалците, тогаш не е вистински верник. Тоа е толку едноставно. Затоа, иако не сакам да одам во црква и мислам дека веќе имам резервирано место во пеколот, мило ми е што во срцето не чувствувам никаква омраза кон некој кој ужива во анален секс со друг маж. Можеби светла точка е тоа што имам волја да ги прифатам геј луѓето, а немам да ги судам. Но сепак, кој сум јас да решавам. Господ решава- со својата неверојатна, зачудувачка милост и своето бескрајно проштевање.

Тој и на Фејсбук [7] ја спроведе [8] истата дебата:

Баба Андоу Ато, навистина никој не го интересира што се случува во нечија спална соба и дефинитивно мислам дека тоа не е проблем на НБИ. Сепак, не се работи само за јаболка и лубеница. Точно, сите овие општества имаат работи кои ни се допаѓаат, но и работи без кои ќе преживееме. Треба да се фокусираме на позитивни нешта кои ги имаат развиените држави. Ако некој сака да биде геј, слободно, но јас имам право да не ми се допаѓа тоа што го прават.

Ато Квамина Даџи Не, немаш! На кој начин тебе те засега тоа? Кој вели дека хомосексуалноста потекнува од развиените земји и дека пред 1000 години Африканците не биле геј?

Семи Кинг Бејден Ато, проблемот е во тоа што нашето општество веќе се има изјаснето на таа тема и ги сметаат оние кои имаат спротивен став за противници на „нормата“.

Адолф Едисон Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите- Поговорки 14:34.

Филип Артур Најчесто вакви работи прв пат се случуваат во средно училиште по интернатите.

Едумнд Амарквеи Фоли Гана, има и побитни работи на кои треба да се обрне внимание во овој период од животот отколку на ова.

Абјусупенин Квеси Екинс Треба сите да се затворат на едно место и да се истреби од нив тоа злодело што го прават.

Грем издвои 8 најглупави аргументи [9] против хомосексуалноста во Гана:

Животните не го прават тоа

Ова ми е омилениот аргумент. Ги зема како пример животните да дефинира што е природно. Животните се сметаат како дефиниција за природата што значи и за природното. Велат животните не го прават тоа, затоа тоа не е природно и луѓето не треба да го прават.

Овие експерти за животни можеле да направат кратко истражување на интернет и да видат дека е откриено хомосексуално однесување кај повеќе од 1500 видови. Или пак, можале да поминат до мојот двор и да гледаат како две кучиња-мажјаци  пробуваат да се „забавуваат“. Значи, штом животните го прават тоа, дали можеби сега значи дека е природно и нормално и за луѓето?

Не ни е таква културата

Овој аргумент се темели на идејата дека „валкани работи“ прават белците. Африканската култура (што и да значи тоа) се смета за чиста, па затоа хомосексуалноста, претпоставувам и прељубата како злоупотребувањето деца, граѓаните на Гана (кои се очигледно безпомошни) ги научиле од странци.

Тоа исто така подразбира дека хомосексуалноста е култура, а не активност која е дел од сите култури. Луѓето веднаш ја осудуваат својата култура кога тоа им одговара, како што е „злото“ на нивната традиционална култура или пак некои обичаи кои се сметаат за насилнички кон жени и деца, меѓутоа, во врска со овој проблем, се преправаат дека се робови на културните традиции кои никогаш не смеат да се променат.

Заклучокот [9] на Грeм:

Најголема иронија е тоа што противниците на хомосексуалноста се оние кои најмногу зборуваат на таа тема. Тие тврдат дека „геј луѓето“ лобираат за посебни права, но каде се хомосексуалците од Гана да го потврдат тоа? Сакаат да нè убедат дека тие скришно бараат посебни права и ги преобратуваат луѓето што резултира со пад на општеството.

Вистината е дека падот на традиционалната култура создаде простор за луѓето сами да си го определуваат животниот пат и помалку да се интересираат со детали од туѓи животи.

Иднината на Гана зависи од рационално размислување и предизвикување на севкупниот менталитет.

Кајса се надева дека [2] ова е само почеток на уште поголема дебата за хомосексуалноста во земјата:

Од либерална гледна точка, се чувствувам непријатно да живеам во земја каде хомосексуалноста помеѓу двајца свесни мажи е нелегална (иако се чини женската хомосексуалност е дозволена) и се надевам дека горенаведените блогови се само почеток на една поголема дебата. Сметам дека блогерите од Гана можат да започнат да дискутираат за оваа табу тема во Гана, но и да обратат внимание на аргументите против хомосексуалноста- како и позитивните страни на легализацијата, а можеби и ја предизвикаат статус кво ситуацијата.

Во 2009, Холис дискутираше на оваа тема во написот под наслов „Кога љубовта не е легална- Хомосексуалноста во Гана денес [10]“:

Според законот на Гана, машката хомосексуална активност е официјално нелегална. Во Криминалистички код 1960 – Поглавје 6, Сексуални прекршоци,  Параграф 105 се споменува неприроден сексуален однос и хомосексуалноста е дел од овој опис.

Ако некогаш се зачне оваа тема меѓу колегите од Гана во мојата канцеларија, може да поттикне жестока дебата, иако обично сум сам против неизбежната тирада од христијанска реторика за злото на хомосексуалноста и верувањето дека тоа е болест која може да се излечи, ако ништо друго барем со молитви да се излечи човекот.

Таа напомена дека [11] хомосексуалноста нема да се легализира во Гана, туку дека ќе се продолжи со истото темпо:

Неверојатно е колку граѓаните на Гана имаат аверзија кон хомосексуалноста- затоа што кога би биле искрени со себеси- сите тие знаат сè за вообичаената практика СУПИ- што всушност претставува форма на лезбејски однос кој се раѓа меѓу постарите девојчиња и бруцошките во интернатите за кој се прогледува низ прсти (или намерно се игнорира). На тоа се гледа како начин на кој девојчињата ја развиваат својата сексуалност, но не се смета за хомосексуалност во целост, без разлика што меѓу девојчињата се развива физички однос. Би сакала подлабоко да дискутирам на оваа тема и да го охрабрам моите пријатели од Гана да се придружат…

Во краен случај, без разлика што и да пишува во законот и дали надворешниот притисок ќе помогне во легализирањето на хомосексуалноста во Гана, таа и понатаму ќе постои, покрај сите гневни дебати во Гана и пошироко за тоа дали е вродена, избрана, културна или измислена појава… луѓето и понатаму ќе се пронаоѓаат себеси, најчесто во тајност.

Ажурирање 21 Јуни, 2001:

Дали Гана регистрираше 8000 хомосексуалци? Факти кои стојат зад оваа фама: [12]

На 30 Мај чудна приказна се рашири низ медиумите во Гана. Според приказната, невладина организација регистрирала 8000 хомосексуалци, меѓу кои повеќето ХИВ позитивни или пак заразени со други сексуално преносливи инфекции. Оваа бројка исто така вклучуваше ученици во основни и средни училишта.

Неколку дена подоцна, група Муслимани повторно пробаа да лобираат кај Владата да ја смири хомосексуалната криза пред Алах да ја уништи Африка.

Оригиналната приказна требаше да покрене прашања околу нејзината автентичност. Во земја каде отворена декларација за хомосексуалноста би резултирала со стигматизација и нетолерантност, се чини неверојатно дека 8000 мажи доброволно би се регистрирале како хомосексуалци. Која одговорна невладина организација  би чувала таква листа?