7.000 измени на Википедија од руската влада

Images mixed by author.

Фотографија направена од авторот.

Кога станува збор за Википедија, компјутерите на руската влада се доста зафатени. Во изминативе 10 години, IP адреси кои припаѓаат на разни руски национални агенции се одговорни за речиси 7.000 анонимни уредувања на членови на руската јазична верзија на Википедија.

Норвешкиот програмер Јари Бакен неодамна објави целосна листа од 6.909 анонимни уредувања на Википедија од страна на руската влада. Бакен има објавувано слични листи за промени на Википедија направени од IP адреси кои можат да се поврзат со владите од САД, Израел, Ирска, Канада, Австралија и Норвешка, како и промени од неколку големи нафтени компании.

Проучувајќи ги ревизиите на Википедија направени на компјутери од руската влада, можеме само да погодуваме дали луѓето одговорни за истите делувале независно или како организирана целина. Веројатно по малку од двете.

Листата на Бакен вклучува повторувачки ревизии на написи за руски политичари, додавајќи признанија и пофалби и отстранувајќи штетни информации. На пример, IP адреси од руската тајна служба, FSO, направиле 36 уредувања на написи на Википедија за рускиот сенатор Андреј Клишас, кој беше санкциониран од владата на САД во март 2014 за неговата улога во анексирањето на Крим. Истата агенција ја ревидираше страницата на Википедија на заменик премиерот Димитри Рогозин пет пати. Владини IP адреси ја заштитуваат репутацијата и на други јавни личности, вклучувајќи ги драматургот Александар Пудин (25 ревизии), филозофот Виктор Вазиулин (30 ревизии), Рускиот „Детски Омбудсман“ Павел Астахов (35 ревизии), наследникот на Астахов – Алексеј Голован (4 ревизии), политичарот Вјачеслав Тетјекин (36 ревизии), и многу други.

Покрај ова, се чини дека не е се кремлински заговор да се „избели“ интернетот. На пример, некој, на компјутерот кој го поседува државата во хемиска фабрика во Курск ја уреди страницата на Википедија за видео играта „Call of Duty: Modern Warfare 3“— не за да го критикува заплетот во играта (кој вклучува руски воен напад на Њујорк), туку да поправи мал детаљ во сумаризацијата на заплетот прикажан на страницата. Авторот веројатно е само фан на играта.

Некои од ревизиите дури упатуваат на раздор во редовите на руската бирократија. Во средината на протести кои ја разнишаа Москва во декември 2011, на пример, некој во државна ТВ компанија ажурирал напис на Википедија за петиција против Путин, да прикажува дека се потпишале дополнителни 2.000 луѓе. Се претпоставува дека, оваа промена на Википедија не дошла по владина наредба.

Други ревизии на Википедија, сепак, ги поврзуваат напорите на Кремлин да ја заштити својата репутација и да наштети на имиџот на САД. Еве пет примери.

  1. Критики за назначувањето на Мајкл МекФаул како амбасадор на САД во Русија.
  2. Промена на под-секцијата Историска позадина на написот на Википедија за заложничката криза во училиштето Беслам кој тврди дека Осетијанците широко го прифатиле руското влијание во 18тиот век.
  3. Додавање на реченица во написот на Википедија за Виетнамската војна за да се нагласи срамот од поразот на САД.
  4. Критикување на Гринпис за „ненаучни“ тврдења за генетески модифицирана храна.
  5. Отстранување на тврдење од страницата на Википедија на Андреј Клишас дека неговата дисертација е можно да била плагијат.

Се разбира, дури и овие про-руски, анти-западни промени на Википедија не се доказ дека Кремлин се обидува да ја контролира најголемата енциклопедиjа на интернет. Авторот на нападите на амбасадорот МекФаул, на пример, ги избриша промените речиси веднаш по нивното креирање. Сосема е веројатно дека овие ревизии се направени од вработени во државни компании кои делуваат поединечно, поради нивен личен интерес „да се дознаат вистинските факти“.

Бидејќи таков е интернетот, веројатно никогаш нема да дознаеме за сигурно.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.