Србија: Нови упатства и прописи за приватност на интернет

На 21 јули, РАТЕЛ, Републичката агенција за телекомуникации на Република Србија објави Документ со упатства за технички услови за подсистеми, уреди опрема и инсталации за мрежата Интернет на нејзиниот официјален веб-сајт. Српската блогосфера и интернет-заедница реагираше на оваа вест, при што многу блогери искажаа различни мислења, а особено неодобрување поради потенцијалот за нарушување на приватноста на корисниците на интернет.

Документот со упатства ги дефинира техничките услови за одобрено следење на определени видови телекомуникациски канали и обезбедува список со должности за телекомуникациските оператори, кои се обврзани да постапуваат според Уставот на Република Србија како и други закони.

Според член 55, точка 3, на Законот за телекомуникации, овие упатства ги објавува РАТЕЛ во соработка со јавните телекомуникациски оператори и владиното тело одговорно за непосредно спроведување на следење на електронски комуникации.

Ова значи спроведување масовно следење и архивирање на сите форми на електронски комуникации за потребите на националната агенција за безбедност.

Интернет-провајдерите се обврзани на владините тела да им овозможат пристап до најновите верзии на базите на податоци кои содржат лични податоци за нивните корисници, договорите, максималната брзина на проток на податоци, адреси за идентификација, како и пристап до базите на податоци за корисниците на електронска пошта. Провајдерите се исто така обврзани да обезбедат хардвер и софтвер за пасивно следење во реално време, прибирање податоци и анализа на активностите на интернет, статистички услуги, пресретнување на е-пошта, привезоци (атачменти), веб-пошта, видео и телефонски сообраќај преку интернет, пресретнување на сообраќај на системи за директен разговор (чат, инстант месинџери), мрежи за директно (пир-ту-пир) поврзување меѓу корисниците, услуги за е-пошта и препраќање на содржината на е-пошта кон центарот на владините тела надлежни за надзор. Техничките услови (хардверски и софтверски) треба да овозможат реконструирање на пресретнувањето на сообраќајот до ниво на апликации и филтрирање според следните критериуми: корисничко име, телефонски број на корисникот, адреса за е-пошта, ИП-адреса, МАК-адреса, идентификација на инстант месинџер.

Сите овие технички услови се стапени на сила и ќе бидат искористени на барање или по потреба на владините тела или полицијата со цел следење во случаи на сериозно нарушување на безбедноста или криминални дела. Овие упатства не ја дефинираат приватноста на податоците како нарушување на приватноста на граѓаните (која е забранета со прописите за телекомуникации). И Законот за телекомуникации и Уставот на Р. Србија нудат заштита на приватноста – на хартија.

Слични сајбер-закони и технички упатства постојат и во други земји. Од формален аспект е добро да постојат такви прописи со кои се штити приватноста, но од друга страна се прашувам дали Републичката агенција за телекомуникации на Република Србија, безбедносните служби или провајдерите ќе ја нарушат приватноста на граѓаните на интернет во пракса.

***
Следат неколку реакции од српската блогосфера, како и предлог-решенија за заштита на приватноста на интернет.

Тамбурикс, во блог-пост наречен „Големиот Брат те гледа, слуша и снима“ (СРП) го разгледува нарушувањето на приватноста и го споредува со Големиот Брат:

Најновите технички услови на РАТЕЛ во врска со инсталации и опрема за интернет во Србија донесуваат елементи на Големиот Брат, при што на државата и е дозволено да има увид и да ги користи сите податоци во врска со нашето присуство на интернет…

Милан објави линк до документот, тврдејќи (СРП) дека во него има и некои позитивни аспекти:

Не знам што да мислам за ова, од една страна изгледа добро… одлично, конечно и во нашиот дел на интернет ќе завладеат закони. А од друга страна… ако се злоупотреби тогаш е очајно, цензура и шпијунажа, наречете го како сакате.

Блогот Рехаш пишува (СРП):

Беа објавени низа негодувачки коментари со кои безрезервно се согласувам. Не можам да кажам дека ова беше неочекувано. Регулативата во САД, некои земји на ЕУ и Велика Британија веќе некое време ги ограничува нивните граѓани со вакви пракси. Дали вашето негодување ќе го реши тој проблем? Скоро сигурно е дека нема. Веќе подолго време нашите сограѓани се толку апатични, па сите ќе си молчиме без разлика кој било вид репресија да спроведат псевдодемократските власти (на прва година студии по право мене професорите ми рекоа дека демократијата не постои). Веројатно се издуваа оној октомври или мислат дека секој труд е бесмислен оти на крај некој сепак ќе спроведе репресија. Фино. Куп блогери, гикови или обични корисници на интернет некое време ќе пишуваат и ќе се бунат. А потоа повторно ќе завладее тишина како и за сѐ друго до сега. И што тогаш?

Блогот за технологија Весиќ коментира (СРП) за новите упатства:

Балкански шпијун* во режија на РАТЕЛ/БИА
Просто е неверојатно како некои „служби“ (читај: БИА и сродните) преку своите марионетски организации (читај: РАТЕЛ) протуркуваат најстрашни „технички“ документи со само една цел: воспоставување комплетна контрола врз вашиот електронски живот. […]

Устав? Закон? Правда?

Можеби кога од „независните“ агенции ќе направиме независни агенции и кога судството и полицијата ќе почнат да си ја работат својата работа и кога политичарите, наспроти големата желба да ја задоволат потесното, поширокото и најширокото семејство ќе почнат да размислуваат за „безначајни“ работи како што е добросостојбата на оние кои ги довеле на тие позиции.

И понатаму мислите дека најважната вест е фаќањето на Караџиќ? Размислете уште еднаш. Тоа е еден човек, а со ова се поставува Балкански шпијун над сите нас.

* Белешка на авторот: се мисли на филмот „Балкански шпијун“.

Студентот по информатика Џезва нуди критички коментар на ова (СРП):

Можеби упатството дефинира „случаен корисник“ за да не дојде до ситуација во која се чуваат податоци само за некои корисници. И Уставот го дефинира пристапот до тие податоци, до нив може да се дојде само со судски налог, или во случаи на нарушување на националната безбедност на Република Србија.

Блогот Секојдневие ја опишува (СРП) Србија како земја на Големиот Брат:

Она што можеби е очекувано кај тоталитарните режими, нам ни се случува денес, пародоксално во време на „целосна демократија“ и проевропска Влада.

РАТЕЛ, како владино тело за регулирање на телекомуникациите, на мала врата преку некаков технички документ, безопасно наречен „Технички услови за потсистеми, уреди, опрема и инсталации за мрежата Интернет“ наменет за провајдерите на интернет во србија воведува тоталитарно следење на сите електронски комуникации од страна на „надлежниот орган“.

Два интересни коментари на овој пост:

Целосно бесмислено, а толку очекувано. Знаев дека вакво нешто ќе се случи и дека ќе биде провлечено, како што ти убаво кажа, на мала врата. Ќе почнам да ги криптирам и сопствените мисли, а не па е-поштата. Ова бара реакција! Недозволиво однесување и кршење на основните човечки слободи.

Вториот коментар:

Ова е вистинска катастрофа. Овој долу што вели дека така било и на Запад, да, така е – ама само кога постои и судска одлука. Па таму прво би полуделе провајдерите ако мораат на свој трошок да го пренасочуваат сообраќајот и мејловите. А и како мислат да им се форвардува ВОИП-сообраќајот кој е криптиран, на пример оној преку Скајп? Да не треба провајдерите и да декриптираат и на тацна да им го сервираат на „надлежните органи“. Треба да се направи гужва и кај странските организации кои се занимаваат со слободата на говор и интернет.

Саша Бодироза, студент по информатика на Универзитетот на Белград, пишува на неговиот блог (АНГ):

Српската Републичка агенција за телекомуникации (РАТЕЛ) донесе нови прописи (текст на српски) за пресретнување и пренасочување на сообраќајот преку интернет. Во основа, се дозволува на српската Влада да го читаат секое вид комуникација, меѓу кои HTTP, VoIO, е-пошта и протоколот за инстант-пораки (IM). Не се работи за тоа дали јас имам нешто да кријам, тука за тоа дека сериозно ми се нарушува приватноста. А тоа воопшто не ми се допаѓа.

Дополнување: Мислам дека претерав во мојот коментар. Овој правен акт не споменува нарушувања на приватноста. Нарушувањето на приватноста е забрането со српскиот Закон за телекомуникации и со Уставот на Србија. Целта на овој пропис е да се дополни член 55 од Законот за телекомуникации.

Тој исто така сугерира како да ја заштитите вашата приватност:

Со оглед на тоа што не може веднаш да се смени законот, најмалку што може да направиме е да си ја заштитиме приватноста. Може да користиме методи на енкрипција при комуницирањето. Еве неколку совети.

Александар Урошевиќ го завршува постот на неговиот блог (СРП) на хумористичен начин, со користење иронија:

Од готвачот на Урке: утре, и вие исто така, мои драги читатели, ќе знаете кој вид тоалетна хартија преферирам, а и кој прст го користам за чачкање на носот. Зошто само Владата да ја има привилегијата да ги знае овие клучни информации за мене, знам дека „народот има право да знае“!

***
Прашање до читателите на Глобал војсис: Какви се прописите во вашата земја и дали се чувствувате дека ве прислушуваат/набљудуваат/следат?

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.