Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Србија: Демонстранти нападнаа новинар во Белград

Започнувајќи од ноќта на апсењето на Радован Караџиќ, членови на националистичка група и високи претставници на Српската радикална партија се собираа на улиците во центарот на Белград.

Движењето „Образ“ веднаш објави изјава (SRP):

Белград, 22 јули, 2008

Апсењето на Радован Караџиќ е акт на големо предавство на српскиот национализам и се што е свето и вистинско за нашиот народ. Прославата на улиците на муслиманското Сараево, минатата ноќ, е најголемиот доказ за во чиј интерес беше ова предавство. Секој Србин знае кој е Радован Караџиќ и што тој симболизира. Ако непријателите на српскиот народ, кои се имаат здружено со своите слуги од Србија, мислат дека го имаат уништено овој мит, тие многу грешат. Сега е комплетно јасно дека борбата за преживување на српската националност не може да се води од удобните фотелји на претставниците, туку со помош на хероизам и желба да се стане маченик. „Образ“ е подготвен! Секој Србин е Радован!

Националистичко движење „Образ“
информативен сервис

Иако имаше полициски сили во близина, на 24 јули протестантите скршија неколку прозорци на продавници во центарот на Белград и брутално нападнаа новинари и камермани од „предавничките медиуми“, како што е Б92. Демонстрантите исто така извикуваа навреди пред канцеларијата на претседателот Борис Тадиќ.

За овој настан Независната асоцијација на новинари од Србија испрати отворено писмо (SRP) до Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи:

Г. Дачиќ,

Независната асоцијација на новинари од Србија (НАНС) остро ги осудува физичките напади на новинарите, камерманите и фотографите за време на собирот за Радован Караџиќ. Вчера камерманот на Б92 и фотографот на ФОНЕТ беа повредени, меѓутоа организаторите најавија дека уличните немири ќе продолжат. Ние сме многу загрижени за проширувањето на насилството и ве замолуваме вас, како министер за внатрешни работи, да создадете јавен ред и мир. Ние очекуваме напаѓачите на новинарите да бидат идентификувани и казнети. Хулиганите ги таргетираат новинарите бидејќи не сакаат да бидат фатени од камерата за време на нивното насилство. Помеѓу демонстрантите имаше маскирани лица, што ни укажува на нивните лоши намери. Поради ова, ние очекуваме реакција од органите на министерството за внатрешни работи, со цел да се спречат трагични последици. Шокирани сме од однесувањето на високите функционери на Српската радикална партија, особено од некои од нивните претставници, како и од членовите на националистичко движење „Образ“, кои јавно повикуваат на насилство. Политичкото незадоволство не го оправдува насилството. Поради ова организаторите на демонстрациите, кои го покажаа своето незадоволство нелегално, треба да преземат одговорност. […]

Искажувајќи го сопственото незадоволство од многубројните напади и нерешени убиства на новинари во Србија, како и од најновата „реакција“ од полицијата, блогерот Горан Милетиќ, меѓу другите работи, го напиша следново:

[…] Ајде да ја видиме вистината. Едноставно е – нема волја. Не е важно за Бошко Бранковиќ, Дејан Анастасијевиќ или некој друг дали оваа волја е политичка или од некој друг тип. Важно е тоа што поради недостаток на волја нема резултати од истрагата. Невозможно е тоа што (помеѓу 300-500 насилници) полицијата не може да го идентификува момчето кое го нападна Бошко Бранковиќ или кое подметна експлозија во прозорот од домот на Дејан Анастасијевиќ или кое […] го уби Славко Ќурувија и други новинари за време на 90тите. […]

Началникот на полицијата Милорад Вељовиќ го посети повредениот камерман од Б92, Бошко Бранковиќ, кој се здоби со сериозни повреди на нозете. Според Б92, Вељовиќ рекол дека неговите луѓе имале наредба да ги штитат новинарите за време на вчерашните немири. Тој исто така кажал дека ќе се спроведе истрага за да се открие зошто новинарите не ја добиле потребната заштита. Тој додал:

Овој недоличен акт и даде на полицијата идна задача, а таа е да се откријат виновниците од овој инцидент.

Началникот на полицијата на Бранковиќ му ги пренесе желбите за брзо оздравување од министерот за внатрешни работи, додавајќи дека се спроведува интензивна истрага по виновниците, дека тие ќе бидат идентификувани во наредните денови и дека нивните имиња ќе бидат објавени јавно. Тој напомена дека еден од идните приоритети на полицијата ќе биде да ги заштитува новинарите.

Според оваа изјава, Горан Милетиќ смета дека ништо се нема сменето во функционирањето на владата на Србија по апсењето на Радован Караџиќ. Тој ги исмејува зборовите на Вељовиќ:

Затоа, мои драги граѓани, нападот врз новинарите не е криминален случај, не беше сериозен напад (читајќи ги веб страниците на организаторите, би рекол дека тие извршија атентат врз новинарите). Не, дури не беше ни сериозен инцидент. За началникот на полицијата, тоа беше само непријатен инцидент.

Во постскрипт за неговиот пост, Милетиќ даде ироничен заклучок:

Бидејќи српските националисти силно посакуваат да ја запалат зградата на Б92, само што ги замислив полицајците со опрема за немири како апсат неколку демонстранти, додека остатокот од нив прави што ќе посака. Веројатно, началникот на полицијата, Демократската партија и некои медиуми ќе речат дека тоа било само непријатен инцидент.

Еве некои од многуте коментари на овој пост:

Спиродон пишува:

Најпрво, насилникот во портокалови шорцеви, кој го нападна новинарот, треба да биде уапсен. Ова глупаво момче беше фатено на камера. Што повеќе и треба на полицијата? Негова ДНК?

ЈЈ Беба пишува:

[…] Во последните 15 години имаше убиства на новинари, напади врз нив и уништување на нивната опрема. До сега, никој не бил осуден. Доколку барем еден напаѓач беше осуден, работите ќе беа малку поинакви…

Миладиќ коментира:

Полицијата повторно (не) си ја заврши работата, како во февруари [тогаш имаше протести за Косово во Белград]. Зошто? Ова е прашање за релевантниот министер. Иако не сакам екстремни решенија, започнувајќи од вчера, сега мислам дека тие треба да ги забранат сите националистички организации, вклучувајќи ја и Српската радикална партија. […]

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.