Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Македонија: Традиционални медиуми ги демонизираат гејмерите

Два влијателни македонски медиуми, весникот Дневник и телевизијата А1, имаат објавено технофобни текстови во кои гејмерите се претставени како опасност за општеството со речник кој заличува на говор на омраза.

Ова не е прв изблик на технофобија во македонската јавност, оти разни традиционални медиуми и во минатото ги имаат претставувано компјутерџиите како закана. На пр. кога во 2002 година се јави проблем со преголеми телефонски сметки, насловите како „Граѓаните горат од жешките разговори на компјутерџиите“ вината целосно ја префрлаа на генерализирани хакери, додека можноста за пропусти од страна на телекомот беше „закопана“ длабоко во текстот.

Најновиот технофобен тренд се состои од написи кои имаат скоро иста структура. Во нив прво е изложена тезата дека гејмерството го одзема времето на младите, ги прави асоцијални и агресивни, која потоа е поткрепена со изјави од анонимни гејмери, сопственици на интернет кафеа, како и на социолози или психолози кои ја потврдуваат тезата иако на тоа што немаат вршено истражувања на темата. Особено загрижувачки е употребата на стигматизирачка терминологија карактеристична за демонизирани, маргинализирани групи.

На пример, во написот „Оставаат девојки и работа за да играат“ играњето се посочува како „зависност“ која доведува до „напуштени работни места, квадрирање и запоставени студии и раскинати љубовни врски“. Најалармантната теза е дека „насилните игри предизвикуваат агресија“, а гејмерите се претставуваат скоро како потенцијални убијци кои само што не „пукнале“.

Сличната вест „Интернет кафулињата се преполни со гејмери“ предизвика повеќе реакции на македонскиот веб, особено на Кајмак.от. Во веста се цитира социолог кој изгледа заборавил дека децата и кога немало компјутерски игри имаат обичај да играат „каубојци и индијанци“, „камај“ или „партизани и Германци“:

Експертите предупредуваат дека ваквите игри се опасни. Агресивноста од пред компјутерот продолжува и во играта надвор од интернет кафулињата, затоа што кога ќе излезат во реалниот свет, тие не знаат како поинаку да комуницираат.

„Јас имав можност да посматрам неколку интернет кафиња, но и подолго време една група на деца кои доаѓаа еден период. Тие играа постојано воени игри. Толку се занесуваат, дури вриштеа, се внесуваа во тоа“, вели Илија Ацевски, универзитетски професор.

„Притоа се прашував каква врска има тоа со реалноста, кога ќе се соочат после тоа во реалниот живот. Дали има негативни последици? Секако“, рече Ацевски.

Во коментар на написот на веб-сајтот на А1, Дарко Булдиоски, еден од авторите на блогот Комуникации, напиша:

Не ми е јасно како може континуирано да се повторуваат истите приакзни без да се погледне малку подлабоко.

Тоа што експертот посматрал не е го прави експерт. Нека излезе да го рече истово откако ќе направи научно издржано истражување. а не одокативна проценка.

Континуирано во вакви прилози, новинарите се вадат на “научните истражувања во светот укажуваат на фактот дека таквиот начин на комуникација претставува зависност иста како зависноста од сите видови пороци.” Каде се истражувањата, дајте прикажете ги…

Реагираше и Дамјан Арсовски, уредникот на порталот IT.com.mk, кој во написот „Македонските медиуми се преполни со глупости“ изврши вивисекција на веста, одговарајќи на секој параграф посебно.

„Да се поминуваат по пет-шест, па и повеќе часови на компјутер играјќи видео игри или сурфајќи на интернет, да се живее во сајбер простор во едно време беспросторно.“
– Јас поминувам по 5-6 саат пред компјутер на интернет, во овој „нереален“ свет, јас комуницирам со луѓе како мене, со деловни луѓе, се информирам за што се случува во светот, се едуцирам ….

Дури и тој остана без коментар на заклучокот од написот:

Гејмерите се сосема обични луѓе. Тоа се деца, татковци, сопрузи, браќа, но зад компјутерскиот екран имаат друг лик, со речникот на компјутерџиите, најчесто стануваат сајбер ѕверови.

Како реакција застапникот на слободниот софтвер и блогер Арангел Ангов постави линк до скен од сличен апсурден напис од американски таблоид [EN].

Обработката на оваа тема на ваков начин е во корелација со немањето волја да се испитуваат вистинските причини за растечкиот број криминални дела без разлика на тоа што тие се доминантна тема во македонските медиуми. Ниеден стручњак се нема зафатено со објаснување на психолошките или социолошките мотиви на насилниците кои ги попречуваа јунските избори. Изгледа дека е многу полесно да се удри на гејмерите, иако досега ниеден гејмер не бил посочен како причинител на насилен инцидент.

Мора да се напомене дека во истите медиуми во минатото се имаат појавено и позитивни написи за гејмери, на тема претставување на Македонија на светски натпревари во сајбер-спорт.

2 коментари

  • Александар Димитровски

    Главната теза е дека “гејмерството го одзема времето на младите, ги прави асоцијални и агресивни“, а колку што приметив поконкретната „насилните игри предизвикуваат агресија“ кај вас предизвикува дополнително вознемирување, посебно бидејки е “необјективна“ и научно неиздржана. Јас навистина не знам почитувани што е за вас исправен метод и доволен аргумент кој би ги потврдил горенаведените тези, ако, да речеме, емпириското присуство во играчниците не е доволен. Или пак еве, како во мојот случај, кога вие во домот имате две деца на 10 и 12 годинпна возраст кои штом отворат очи не одат во купатило да се измијат туку веднаш седнуваат на компјутер и играат игри. Можеби дома можам да им го исклучам комјутерот како единствен начин да ги одврзам од неговиот најдобар другар PC -to, но тоа неможам да го контролирам надвор кога почнуваат да се позајмуваат пари од другари и се задолжуваат само да свртат некоја игра. Да не го спомнувам бркањето со нож по дома после некоја појака караница помеѓу нив двајца. Каква будала би бил кога би помислил дека тоа би можело да биде делумно поттикнато од агресивните игри кои ги играат и агресијата на телевизија (онаа во цртаните) воопшто Не! Јас морам да прифатам дека се тие “нормални“ деца, имаат другари исто така “нормални“ деца кои играат игри и не се одлепуваат од комјутер. Како можам да ги наречам тие деца асоцијативни и некомуникативни.
    Навистина би сакал да слушнам и по некој аргумент објаснување за тоа дека гејмерството не е штетно за нашиве деца но и би сакал некој да ми објасни, онака објективно научно издржано, што се смета за “нормално“ бидејќи навистина имам проблем со прифаќањето на новите норми на денешното динамично време, премногу сум стар имам 30 години, и не можам да се вклопам во општеството кои ги отфрла старите норми и прифаќа нови.

  • […] од еден аспект и континуирано да се сатанизираат како лоши   …преземено од […]

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.