- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Сиера Леоне: Подигање на свеста околу сексот и сексуално преносливите болести преку видео

Категории: Супсахарска Африка, Сиера Леоне, Граѓански медиуми, Здравје, Младина, Образование, Развој, Уметност и култура
[1]

Шоуто на Вики Ремо

Во Сиера Леоне, Вики Ремо е водител и продуцент на едно шоу кое се прикажува еднаш неделно и коешто покрива широк спектар на теми: од неоткриени музички гении, до прикажување на секојневието на трговците, спорт и од неодамна, едукација за секс и сексуално преносливите болести (СПБ) наменета за студенти.

Иако Вики напоменува дека понекогаш се потребни 5 часа за да се прикачи видео од 5 минути, сепак содржината од шоуто на Вики Ремо [2] е достапна на Blip.tv. [3] за да може да добиеме слика за младинската култура на Сиера Леоне.

Во програмата од четири епизоди ја следиме Вики додека таа го посетува Mt. Aureol за да зборува пред студентите од Fourah Bay College, едно од најдобрите училишта во регионот. Во ова прво видео [4] преку нејзините разговори и неколку натпревари можеме да ги видиме различните перцепции кои студентите  ги имаат околу сексот. Од информирани жени и мажи кои веруваат во побезбеден секс и превенција, до жени кои можеби сакаат да се заштитат, но тоа не го прават исправно. Важно е да се напомене коментарот на еден од испитаниците кој рекол дека повеќето студенти сакаат да се заштитат користејќи кондом, но ако немаат кондом при рака мала е веројатноста дека ќе се сопрат за да одат да побараат.

По откривање на фактот дека многу од студентите се погрешно информирани околу методите за контрацепција и заштита, следната станица на Вики [5] беше клиниката Marie Stopes која нуди услуги за планирање на семејство и информации преку Blue Star Network. Таму ѝ покажаа различни методи на контрацепција по што таа го одбра контрацептивниот имплант, кој го употребија откако ѝ направија испитување.

Во следното видео Вики разговара со дечко кој поради неговото ризично однесување неколку пати боледувал од СПБ. Она што е интересно е тоа што, иако веќе еднаш се разболел од таква болест, сепак тоа не го натерало младиот дечко да помисли дека тоа може повторно да му се случи.

Во последното видео [6] од серијата, Вики оди во посета на еден доктор и го прашува околу сексуално преносливите болести. Заклучок: секој може да се зарази со СПБ доколку се однесува неодговорно, и кондомите се единствениот начин да се заштитиме од СПБ и несакана бременост.