- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Мароканците менуваат телесна тежина

Категории: Популарен напис, Среден Исток и Западна Африка, Мароко, Жени и род, Младина, Технологија, Храна

Дебелината [1] и телесниот изглед [2] се две теми за кои ретко се разговара во Мароко. Се чини дека земјата што се уште се развива на многу начини, отсекогаш имала здрав однос со храната; Мароканската кујна [3], добро позната низ светот, користи многу свежо месо, овошје, зеленчук и маслиново масло. Се чини дека овој здрав однос се менува како и на многу други места во светот, бидејќи во Мароко има прилив на синџири од ресторани за брза храна и пакувани производи. Иако беа спроведени неколку студии [4], досега ретко се разговараше за ова во блогосферата.

Маргот д Маракеш Мистик размислува на кој начин се менуваат телата на Мароканците (следствено и телесниот изглед). Во Дел 1, блогерот размислува [5] за дебелината и сè поголемата присутност на дијабетес во Мароко:

Според Глобалната база на податоци на Светската здравствена организација за развој и неухранетост на деца, „процентот на деца со прекумерна тежина во Мароко се зголемил за повеќе од три пати во периодот од 1987 до 2004 г.“ Тоа се должи на трендот на намалување на нивото на физичка активност и исхраната со повеќе масти и шеќери. Трендот на дебели деца се јавува многу почесто во градовите и најчесто кај децата од средните и повисоките одделенија.

Имам еден пријател од Мароко кој работи како асистент во едно од одделенијата во локалното американско училиште. Најголем дел од децата во ова училиште се од средните и повисоките одделенија. Го запрашав: „Од 21 мароканско дете во твоето одделение (странците се исклучени од броењето), колку од нив имаа прекумерна тежина?“.

Тој ми одговори, „пет се прилично дебели, седум се доста буцкасти, но сè уште не се дебели; додека преостанатите деветмина имаат нормална тежина.“ Тоа значи дека 57 проценти од одделението се ученици со прекумерна тежина, или дебели; додека 43 проценти имаат нормална тежина.

Додека деловите два и три се занимаваат со слични прашања (имено, зголемувањето на бројот на супермаркети и модерни апарати во Мароко), четвртиот дел се справува со интересна тема: желбата на младите Мароканки да ја зголемат својата тежина. Во овој напис, блогерот споделува една случка со нејзината помлада сестра:

Мојата помала сестра МИСЛИ дека е премногу слаба (бидејќи ја задеваат девојчињата од училиштето кои најверојатно се љубоморни затоа што се полнички). Затоа, таа носи четири пара гаќички под фармерките. Ја прашав зошто го прави тоа, особено кога надвор температурата е нешто под 50 степени Целзиусови! Таа вели дека така делот на бутините во џинсот нема да изгледа лабаво, туку пополнет, и насекаде стегнат, како што изгледаат нејзините пријателки кога носат џинс. Се сеќавам дека некогаш и јас бев на таа возраст (четиринаесет години) и знам колку е важно на таа возраст да се облекувате како вашите пријатели.

Мегдоналдс

Петтиот дел [6] е посветен на рестораните за брза храна во Мароко. Заклучокот на блогерот е мошне интересен:

До неодамна немаше ресторани за брза храна. Но според мене, тие НЕ придонесуваат за проблемот со дебелината во Мароко. Наместо тоа, тие значајно го подобрија нашиот начин на живеење. Сакаме овие опции да бидат достапни и кај нас, бидејќи се достапни во поразвиените земји.

Шестиот дел кој сè уште не е објавен, ќе биде посветен на проблемот со дијабетесот во Мароко [7] – нешто што иако не е новина, претставува сè поголем проблем во земјата.