САД: Еден чекор поблиску до отстранување на забраната за патување на ХИВ позитивните лица

Авион кој стои во место Минатата недела владата на САД ги започна последните чекори потребни за да се отстранат рестрикциите за патување и миграција на ХИВ позитивните странци.

Со моменталната забрана ХИВ позитивните странци, без разлика дали ја посетуваат земјата за туризам или бизнис, не можеа да влезат во САД, иако во одредени случаи тоа можеше да се случи. Политиката, која е во сила повеќе од 15 години, исто така ги спречуваше и имигрантите со ХИВ да станат постојани жители. Оваа ситуација е поради тоа што Департманот за здравје и човекови сервиси (Department of Health and Human Services – HHS) на САД го вклучи ХИВ како една од „заразните болести кои се опасни по јавното здравје“ и им забранува на луѓето да влезат во САД. Но минатата недела департманот поднесе предлог-регулативи со кои ХИВ би се тргнал од листата на заразни болести.

Многу активисти и блогери го поздравија потегот, бидејќи го поттикнува процесот на отповикување на забраната. На пример, Един, кој блогира на an aspiring midwife, вели:

“Им требаше до 2009 година, но владата конечно ќе отстрани еден од најсрамните дискриминирачки закон, донесен во последните дваесет години”

Првиот чекор за отстранување на забраната всушност беше направен минатиот јули, кога претседателот Џорџ Буш потпиша нацрт закон, кој содржеше амандман со кој ќе се отстрани забраната. Но забраната сè уште постоеше, бидејќи ХИВ беше на листата на заразни болести, овозможувајќи и на владата на САД да ги сопре оние со ХИВ да влезат во државата. На пример, минатиот месец ХИВ позитивниот британски активист Пол Торн беше одбиен за виза кога се обиде да учествува на конференција во Сиетл. Ова видео ви покажува повеќе информации за забраната.

Додека различни земји низ светот имаат некакви рестрикции за патување или миграција на оние со ХИВ, САД е една од неколкуте држави со толку рестриктивни политики за едноставно влегување во државата. Блогот DYM SUM објаснува:

“Интересна забелешка: само неколку земји во светот, покрај Соединетите Држави, сè уште имаат забрана за патување за ХИВ позитивните лица. Тие земји се Ирак, Кина, Саудиска Арабија, Либија, Судан, Катар, Бринеи, Оман, Молдова, Русија, Ерменија и Јужна Кореја. Доколку имате потреба прочитајте ја листата повторно и размислете кој е проблемот.”

Како одговор на вестите, блогерите ги споделуваа своите искуства во обидите за влез во САД или за стратегиите кои ги слушнале со кои можат да ја заобиколат забраната. На пример, The Evolution of Jeremiah, блог од Канада, вели:

“Јас никогаш немав проблем да влезам во Соединетите Држави. Никој не ме праша и никој немаше потреба да знае. Ова ќе бидат добри вести за патниците од целиот свет. Се надевам ова ќе стапи во сила порано.”

Bobito, коментираше на блог-пост на Queerty, објаснувајќи ги другите стратегии кои ги користеле лицата со ХИВ:

“Од она што ми го имаат кажано, доколку тие [царината на САД] ги најдат анти-вирусните лекови во багажот, не му дозволуваат на лицето да го напушти аеродромот. Постојат начини да ја избегнете оваа ситуација, како што е да ги испратите по пошта лековите до пријател во Америка пред да летате и мислам дека постојат неколку организации кои нудат помош околу ова.

Исто така прочитав дека ако направат случаен претрес и најдат анти-вирусни лекови ќе стават ХИВ+ печат во пасошот на патникот, со што сите идни обиди за патување во земји кои забрануваат влез за ХИВ позитивни лица ќе бидат невозможни, но не се сеќавам каде го прочитав.”

Извештај, кој беше објавен во јуни од Human Rights Watch, објаснува како овие политики може да имаат здравствени последици за ХИВ позитивните емигранти. Блогот Empowerment for HIV Positive Migrants and Spouses, од Малезија, исто така дискутира како овие рестрикции може да бидат штетни за оние со ХИВ. Тој вели:

“Погрешното мислење и предрасудата за ХИВ поради недоволното информирање сè уште предизвикува стигматизација за луѓето кои живеат со ХИВ. Постои тренд кај овие луѓе кои патуваат во земји кои имаат рестрикции да престанат со својата терапија за да ја избегнат забраната за влез. Овој чекор предизвикува отпор на третманот…

…Сите земји мора да запомнат дека сите членки на Обединетите Нации имаат потпишано интернационална здравствена регулатива, која не истакнува ниедна болест, вклучувајќи ја и ХИВ. Оваа регулатива мора да биде основа за застапување за слободен третман во земјата. Влијателните земји, како САД и Кина, треба да бидат предводници за оваа тема и да бидат добар пример за другите земји кога тие вистински ќе ги отстранат рестрикциите.”

Сега откако Департманот за здравје и човекови сервиси ги објави своите предложени регулативи, ќе има 45 дневен период за јавно коментирање кој ќе заврши на 17 август. Ако регулативите се прифатени по периодот за коментирање, потоа ќе треба да бидат имплементирани. Финалниот временски период за имплементација не е сè уште познат, но некои активисти се надеваат на резултати до крајот на годината. Блогот DYM SUM вели дека сите ќе имаат корист доколку забраната се отстрани и новите регулативи се имплементираат.

“Ова беше помал проблем во некои делови од GLBTQ заедницата, но сепак е еднакво важен со другите работи кои треба да бидат разгледани. Секако, отстранувањето на забраната за патување на ХИВ заболените лица не влијае само на GLBTQ заедницата, туку и на целиот свет.”

Фотографијата од авионот кој стои во место е од Стивен Фернандез на Flickr.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.