- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Крах на социјалните медиуми во Кина: 6 апсења, 16 затворени сајтови

Категории: Кина, Владеење, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Медиуми и новинарство, Политика, Слобода на говор, Технологија, Човекови права

Вестите се проширија на кинеските веб страници откако земјата се разбуди со следната новост во саботата 31 март 2012: според кинеската Информативна канцеларија (SIIO) и пекиншката полиција, шест лица беа уапсени и 16 интернет сајтови затворени заради „создавање или ширење на гласини на интернет“ како што пренесува новинската агенција Ксинхуа [1].

Истиот напис известува дека популарните микро-блогерски [2] сајтови базирани врз моделот на Твитер како на пример Сина Веибо [3] и Тенсент Веибо [4], од каде наводните гласини се проширила, беа „обвинети и казнети како што треба“. Во што се состои казната невозможно е да се знае, но кинеските интернет корисници брзо ги претрпеа последиците од тоа: на двата сајта за микро-блогирање корисниците не можеа да објавуваат коментари, од саботата 31 март до вторникот 2 април.

Многу странски медиуми ја пренесоа информацијата, меѓу кои Би-Би-Си [5], Волстрит Журнал [6], Ал Џезеира [7], Форбс. [8]

No one can hear your screams here. Have the people duct-taped. From Ministry of Tofu [9]

„Никој не ги слуша вашите извици тука. Нè замолчуваат“. Според сајтот Министри оф Тофу

Новиот блог Rectified.name [10] објавува:

На почетокот на минатата недела, имаше мноштво шокантни гласини, кои известуваа за наводни политички немири и поделби меѓу највисоките лидери од партијата. Вчера вечер, изби веста [11] дека властите ги санкционираа двата сајта за микро-блогирање, Сина Веибо и Тенсент Веибо, со образложение дека тие не сториле доволно за да ги запрат гласините.

Ксинхуа [1] цитира еден портпарол на SIIO кој тврди дека овие гласини (вообичаен еуфемизам кој ја означува критиката на владата) ги засегаат „воените возила кои влегуваат во Пекинг и нешто лошо се случува во Пекинг“. Се алудира на разговори во врска со наводен државен удар [12] и борбата за власт во Кинеската Комунистичка Партија (ККП) која се одвиваа на интернет откако високиот функционер Бо Ксилаи беше соборен од функцијата [13].

Коментарите во врска со Бо Ксилаи и наводниот државен удар беа цензурирани на почетокот на месецот [6] на кинеските социјални медиуми.

Јинг Гао, од сајтот Министри оф Тофу [9], напиша:

Утрото на 31 март, корисниците на Сина Веибо кои се обидуваа да објават коментар на сајтот, примаа повратна порака за грешка од системот:

„До корисниците на Веибо, неодамна, објавените коментари од страна на микро-блогерите  започнаа да содржат високо нелегални и штетни информации, меѓу кои и гласини. Со цел тие да се отстранат што е можно побрзо, коментарите на сајтот Сина Веибо ќе бидат привремено оневозможени, од 8:00 часот на 31 март до 8:00 часот на 3 април. По бришењето на овие коментари, делот за коментирање ќе биде повторно отворен. Ова бришење на информации кое е неопходно придонесува да се обезбеди подобра атмосфера за комуникација за секој. Бараме разбирање и грижа од ваша страна. Ви се заблагодаруваме за вашата поддршка.“

A Sina Weibo's user: "Sina’s mascot should look like this these days". Image from Ministry of Tofu [9]

Корисник на Сина Веибо: „Маскотата на Сина би требало да изгледа вака овие денови“. Фотографија на Министри оф Тофу

Една друга изјава од портпаролот на SIIO преземена од Ксинхуа [1] изјавува дека неодреден број на луѓе, исто така обвинети за ширење на гласините, биле „јавно укорени и воспитани“, но ја изразиле нивната „намера да се покајат“. Според Ксинуа, пекиншката полиција потврди дека гласините „го нарушуваат јавниот ред и мир, ја загрозуваат социјалната стабилност, и заслужуваат да бидат казнети“.

К.Кастер, од Techinasia [11], потврдува:

Се смета дека гласините имаат „лошо влијание“ врз општеството, а оние кои ги шират се нарекуваат „прекршувачи на законот“, кои дејствуваат „злонамерно“ и „без причина“. Ксинхуа е официјална кинеска државна новинска агенција, и овие зборови, секако, биле внимателно избрани.

Изветајот завршува со реченицата: „Двете компании [Сина и Тенсент] тврдат дека темелно ќе ги применат соодветните прописи, ќе преземат мерки за реформирање и ќе го зголемат нивниот надзор [на содржините]“. Сево ова има значајни последици, особено за корисниците на Веибо.

Кина без сомнение го има најсофистицираниот систем за цензурирање на интернет [14] во светот, познат како Големиот заштитен ѕид на Кина [15]. Сепак, социјалните медиуми, особено микро-блоговите, од многумина се сметаат како оружје на 21-от век за борба против владината контрола на информации.

Комунистичката партија  е свесна за моќта на социјалните медиуми. Кинеските власти ги зголемија напорите за контрола на информациите кои кружат на интернет [16], минатата година, откако Арапската пролет ја истакна улогата на Фејсбк и Твитер во соборувањето на власта. Минатиот декември, кинеските власти воспоставија нови мерки [17] кои ги обврзуваат микро-блогерите да направат сметки користејќи ги нивните вистински имиња. Сепак, постои раширено мислење според кое кинеските интернет компании се популарни и доволно моќни да ја предизвикаат Владата. Но, останува прашањето: кој е способен да се подигрува со ККП во Кина?

К. Кастер, од Techinasia [11], вака ја завршува статијата:

Ако сметаат дека Веибо претставува реална закана за социјалната стабилност, нема да се двоумат да му стават крај.

Но, тоа нема никогаш да се случи, зашто Сина и Тенсент не се глупави. Тие досега секако ги имаат заобиколено правилата во однос на употребата на реален идентитет, но исто така разбираат дека потчинувањето на регулаторите е единствениот начин за нив да ја зачуваат нивната активност во Кина. (Не ми верувате ? Тогаш прашајте го Гугл). Затоа, ако сте на Веибо, очекувајте значајни промени во месеците кои следуваат (и избегнете да ги споделувате овие гласини за државен удар, ако не сакате да си имате работа со вашите локални агенти за државна безбедност). Правењето сметки со користење на вистинското име се уште нема вистински ефект врз разговорите кои се водат на кинеските микро-блогови, но имам чувство ддека ова наскоро ќе се смени.

Контролата над интернет содржините е голем проблем во Кина. Моќта на социјалните медиуми да го изразат социјалното и политичкото незадоволство е директна закана за орвелската „хармонија“ и „стабилност“ на ККП. Соочена со забавена економија и среде транзиција во своето раководство, ККП се чини замислува дека репресијата која ја врши на интернет е најдобриот начин да се задржи на власт.