Непал: Премиерот даде оставка

Madhav Kumar Nepal

Мадав Кумар Непал. Слика од izahorski, корисник на Flickr, употребена под СС лиценца на BY-NC-ND

Непалскиот премиер Мадав Кумар Непал вчера ја објави својата оставка на емисија која се емитуваше во живо.

Г-ин Непал ја презеде оваа функција во мај 2009 год. кога неговиот претходник Prachanda (Пушпа Кумар Дахал), претседателот на Комунистичката (маоистичка) партија на Непал, даде оставка поради конфликт со претседателот околу разрешувањето на началникот на штабот на армијата по расправија околу вклучувањето на поранешните маоистички бунтовници во националната армија.

Аниша Батарај на блогот New Beginning известува:

Премиерот Мадав К Непал вчера даде оставка од својата функција. Од самиот почеток тој и неговата влада беа извор на контроверзија. На изборите изгуби за две места, а сепак беше назначен за премиер. [..]

Маоиситите од самиот почеток ја бараа неговата оставка.

Оставката на г-ин Непал треба да стави крај на политичкиот застој во земјата кој се зголеми откако коалиционата влада не успеа да го прогласи новиот устав до 28 мај 2010 год. и го продолжи мандатот на Уставотворното собрание за уште една година.

Гопал Шарма на блогот Reuters ни дава малку историја околу расправијата:

Моментално Непал нема собрание, а специјалното уставотворно собрание избрано во 2008 год. да изработи нов устав сега игра улога и на национално законодавно тело.

Ниедна политичка партија нема мнозинство во собранието доминирано од Маоистите. Главната обврска на секоја влада е да ја контролира изработката на новиот устав, прв откако Непал пред две година ја укина својата монархија стара 239 години.

Ниту Маоистите ниту било која друга политичка партија не може да собере двотретинско мнозинство во собранието, коешто е потребно за статутот да биде изгласан без поддршка од останатите. Затоа, секој зборува за национална обединета влада – којашто се заснова на консензус и учество на сите или поголем дел од 25те политички партии, вклучувајќи ги и Маоистите, што ќе овозможи уставот да биде напишан до наведеното време во мај следната година.

NepaleseAbroad.com е бесен поради ваквата оставка:

Маоистите го сакаат местото и позицијата на премиер кое го напуштија пред неколку месеци. Ова е навистина детинесто однесување од Маоистите и нивните лидери. Сите се нестабилни политичари кои зборуваат и се однесуваат без никаква посветеност и одговорност за нивните постапки и одлуки. Маоистите не треба да добијат место во владата сè додека целосно не ја напуштат нивната групација и политичка армија. [..]

Во Непал нема да има стабилна влада и стабилен развој сè додека политичките партии во Непал, без разлика дали индивидуално или колективно и дали се на власт или во опозиција, не ги стават интересите на Непал над нивните индивидуални или партиски интереси.

Purushottam Shah (digitalsubway) пишува на Twitter:

Прво, шефот на Маоистите Dahal дава оставка, а потоа повеќе од една година се бори да ја поврати функцијата. Добедојдовте во непалската политика.

Прво, Дахал – шефот на Маоистите – дава оставка, а потоа повеќе од една година се бори да ја поврати функцијата. Добедојдовте во непалската политика.

Според извештаите големите политички партии, посебно, УКПН (Маоистите), непалскиот Kонгрес и КПН (УМЛ) отпочнаа преговори за формирање на нова влада.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.