Вниманието на светот е насочено кон истекувањето на нафтата во Мексиканскиот залив и пустошот до кој може да дојде поради лошото управување при нејзиното извлекување. Но, во некои делови од светот, луѓето живеат со вакви токсични истекувања и преку видео записи се обидуваат да го свртат вниманието на светот кон нивните маки.
Нигерија:
Луѓето во Нигерија веќе со децении се принудени да се справуваат не само со нафтеното загадување на делтата на реката Нигер туку и со злоупотребата на човековите права заради кои анти-нафтените активисти ги загубија своите животи. Народот покрена тужба против компанијата Shell (која управува со извлекувањето на нафтата во овој регион) и на почетокот од месецов, само еден ден пред судењето, Shell прифати да им исплати сума од 15,5 милиони долари. Овие пари ќе се искористат за компензација на активистите за човекови права, а исто така ќе се основа фонд за доделување на средства на оние на кои им се потребни. Сепак, судските процеси за загадување на животната средина, допрва треба да вродат со плод, бидејќи според организацијата, под „чистење“ се подразбира превртување на почвата, како нафтата повеќе не би се гледала, но таа сѐ уште е таму, ја загадува почвата, луѓето се разболуваат и ништо не е сторено во врска со цевките за гас кои постојано горат.
Еве го видео доказот од луѓето чијашто егзистенција е загрозена од нафтените истекувања во делтата на Нигер:
Египет:
Пред неколку дена плажите во Хургада на Црвеното Море беа преплавени со нафта, па туристите и сопствениците на хотели поднесоа жалби. Како што соопшти Асоцијацијата за заштита на животната средина на Хургада, HEPCA, овие жалби поттикнаа акции и тимови веднаш ги посетија местата за да ја откријат причината за истекувањето, да го прекинат и да ги исчистат плажите.
Сингапур
Пред еден месец ја објавивме веста за истекување на нафта во Сингапур, кое настана како резултат на судир на два танкери, со што огромни количества на сурова нафта ја загадија водата. Следува видео запис од еден граѓанин каде е прикажано крајбрежјето целосно прекриено со нафта:
Перу
Реката Марањон во Амазонската џунгла е единствениот извор на вода за повеќе од 28 заедници кои живеат покрај нејзините брегови. По излевањето на нафта од компанијата Pluspetrol на почетокот од месецов, сите овие заедници останаа без чиста вода за нивните потреби, а не можат ниту да ловат риби бидејќи водата е загадена со над 300 барели сурова нафта. На Globalizado blog, Хуан Арељано напиша опширен и детален напис во врска со повеќеаспектното влијание што ова истекување може да го има врз дивиот свет на реката Aмазон како и на поврзаноста меѓу локалните заедници и нивните води и реки. Еве видео запис од еден граѓанин каде што е прикажано како нафтата се разлева низ водата.
Oва не е ништо ново во Перу. Во Лорето, истата компанија PlusPetrol има зад себе минато „богато“ со нафтени истекувања, а нивните напори во однос на пречистувањето, не се баш најчисти. Како што вели еден од работниците во следниов видео запис, од нив било побарано само да ја прекопаат почвата, а кога ќе дојдат надлежните лица, да им речат дека “истекувањето е под контрола”, но не смеат да споменат дека нафтата е токму таму под површината каде што сѐ уште може да предизвика загадување на водата, растенијата и животните. Eден член на заедницата зборува за тоа како негови пријатели починале од конзумирање на сурова нафта и како порано старите лица живееле до 90 или 100 години, но денес луѓето умираат порано заради внесувањето на сурова нафта во организмот.
Венецуела:
И покрај фотографиите и видеата на кои е прикажана нафта црна како катран на бреговите на езерото Маракаибо, Министерот за животна средина негира постоење на било каков проблем или истекување на нафта и според него, целиот тој неред и испуштање на нафтата со што од 2009 се загадува крајбрежјето, е „нормален“ како што изјавува Código Venezuela.
САД:
Покрај истекувањето на нафта во Мексиканскиот Залив и во Јута исто така има истекување на нафта каде протече цевковод на компанијата Chevron и испушти околу 125 илјади литри нафта во водите. Додека екипите за расчистување работат и ја отстрануваат нафтата од езерата, потоците и мочуриштата, заедницата е загрижена за можните последици од загадувањето. Следува кратко видео каде е прикажан поток кој од обете страни е покриен со нафта.
Нови локации, нови катастрофи:
Се чини како дури сега медиумите да пројавија интерес за нафтените истекувања, а во 2005 Tајванскиот блогер Munch требаше да ги ангажира своите читатели да ги повикаат медиумите, како конечно би го забележале нафтеното истекување во близина на oстровот Ланју во Тајван. На следнава слика е прикажано чистењето на бреговите кои беа прекриени со нафта.
Но, нафтата не е единствената закана за морињата. Во 2009, брод кој пренесуваше фосфат потона крај брегот на Мадагаскар и загадувањето имаше последици врз дивиот свет вклучувајќи ги китовите-преселници и рибарите кои се разболеа од загадената вода на бреговите.
Се чини дека без разлика на тоа колку години се вложени во професијата на извлекување на нафта, безбедносните мерки со кои ќе се осигура дека нафтата не ја загадува животната средина околу местата на нејзиното извлекување или околу цевките за употреба на нафтата, не се подобруваат со истото темпо. Можеби треба повторно да размислиме за нашето користење на нафтата и да бараме одговорност од компаниите кои ја користат.