Граѓаните ги предводат напорите за помош по силните земјотреси во Венецуела

Граѓани на Венецуела пребаруваат низ урнатини во Ла Гуаира, Венецуела, на 29 јуни 2026 година. Фотографија преку Wikimedia Commons/US Marine Corps, јавен домен.

Граѓани на Венецуела пребаруваат низ урнатини во Ла Гуаира, Венецуела, на 29 јуни 2026 година. Фотографија преку Wikimedia Commons/US Marine Corps, јавен домен.

Во 18:04 часот по локално време, на 24 јуни 2026 година, Венецуела го доживеа најсилниот сеизмички настан во последниот век: земјотрес со магнитуда од 7,2 степени, по кој 39 секунди подоцна следеше уште еден, со магнитуда од 7,5 степени.

Заклучно со 6 јули, потврдени се 3.342 смртни случаи, 16.740 луѓе се повредени, а повеќе од 16.000 останале без дом, според Министерството за информации на земјата. Неофицијалната бројка на пријавени исчезнати лица достигна 41.000, а најмалку 58.000 објекти претрпеле значителна штета, како што покажуваат сателитските снимки објавени од НАСА.

Иако нивните епицентри биле оддалечени 160 километри, „двојните земјотреси“ (слично на оние во Сирија и Турција во 2023 година) го потресоа срцето на јужноамериканската земја. Каракас, главниот град на Венецуела, и соседната Ла Гуаира, крајбрежна сојузна држава на Карипското Море, оддалечена околу 40 минути со автомобил од Каракас, го претрпеа најсилниот удар. Главниот меѓународен аеродром и пристаништето на земјата се наоѓаат во Ла Гуаира, како и многу станбени и викенд-куќи. Според пописот од 2011 година, најскорешниот спроведен попис, во оваа поширока област живееле околу пет милиони луѓе.

Северниот брег на Венецуела е близу до судирот на тектонските плочи што се наоѓаат во Карипското Море и јужноамериканскиот континент. Областа Каракас – Ла Гуаира веќе има историја на природни катастрофи, меѓу кои уште еден земјотрес во 1967 година и големите поплави во 1999 година. И покрај тоа, научниците ја оценуваат сегашната венецуелска сеизмичка инфраструктура како практично непостоечка. Овојпат, сепак, телефоните со „Андроид“ оперативен систем предупредиле многу Венецуелци непосредно пред да удрат земјотресите.

На 24 јуни во Венецуела беше државен празник, па училиштата и канцелариите беа затворени. Кога удрија двата земјотреса, многу луѓе чекаа да гледаат натпревари од Светското првенство во фудбал на ФИФА или едноставно минуваа мирен ден со своите семејства. Сега, многумина од нив се вклучени во потрага по своите роднини или во организирање широки напори за помош предводени од заедниците, на кои им се придружи и огромен бран меѓународни волонтери. Направена е штета од најмалку 6,7 милијарди американски долари, или шест проценти од БДП на Венецуела, според прелиминарната проценка на Програмата за развој на Обединетите нации.

Настанот се надоврза на постоечката тешка хуманитарна криза, која — меѓу другите проблеми што останаа непроменети и по интервенцијата на САД во јануари 2026 година — вклучува здравствен систем во распаѓање и слабо опремени тимови за итна помош. Сè погласни се критиките за „бавната“ реакција на привремената влада на Венецуела.

В.д. претседателка Делси Родригес, која тврди дека доцнењето е фабрикуван наратив од пропагандни лаборатории, на 3 јули изјави: „Не чекавме еден ден, два дена или три дена. Се активиравме веднаш.“

Администрацијата предводена од Родригес воведе контроверзни мерки, како задолжителна регистрација во канцеларија во Каракас за сите волонтери што се упатуваат кон зоната на катастрофата, вклучително и персоналот за прва помош, како и ограничувања за известувањето на домашните и странските медиуми.

Граѓаните како спасувачи

Локалните преживеани беа првите што зедоа рачни алатки, како секири, а некои дури и со голи раце почнаа да ги бараат своите блиски, како што можеше да се види кај урнатите згради во Ла Гуаира и Каракас. Други непрекинато ги користеа TикТок, Инстаграм и неодамна одблокираниот Икс за да најдат исчезнати лица или да објават итни повици за спасувачи или залихи.

Многумина продолжија со напорна работа низ урнатите згради, далеку по истекот на она што експертите за спасување го нарекуваат 72-часовен прозорец за пронаоѓање преживеани.

Продолжија и професионалните операции за потрага и спасување, спроведувани од венецуелски тимови, а од 25 јуни, во најпогодените области, и од тимови од уште 30 земји, меѓу кои Аргентина, Чиле, Италија, Јордан, Мексико, Катар, Шпанија и Соединетите Држави. Успешните спасувачки приказни, како извлекувањето на Дајана Патињо и нејзиниот осумдневен син Хуан Давид по 32 часа под урнатините, беа надалеку прославувани на меѓународните социјални мрежи.

Според бројките објавени од владата од 3 јули, волонтерите и тимовите за потрага и спасување спасиле најмалку 6.000 преживеани луѓе.

Сепак, најмалку еден случај со венецуелски функционери фрли сенка врз напорите на спасувачките тимови. Франсиско Лерманда, кој работи со „Топос де Чиле (Topos de Chile), волонтерска група за потрага и спасување, ги осуди постојаните барања за идентификација од страна на локалната војска во активни спасувачки зони во Ла Гуаира. „Имаме наредба да ви ги проверуваме документите, затоа што може да сте шпион за Јенките, за Чилеанците“, наводно му рекле функционери на Лерманда, искусен спасувач.

Блискост преку границите

По катастрофа, технологијата ги поврзува луѓето и дејствува како катализатор за закрепнување. Откако потврдил дека неговите родители се добро во Лос Текес, град близу Каракас, Елијас Хаиг, венецуелски соработник на „Глобал војсис“, кој живее во САД поради студии, решил да направи нешто за својата татковина.

„Помислив: ‘Ќе треба да бараат исчезнати лица’“, изјави Хаиг за „Глобал војсис“ преку „ВотсАп“. „Беше невозможно да се постави централен информативен центар, додека владата сè уште спроведува веб-блокади. А знаевме дека ќе има и лажни информации.“

Студентот веднаш се фатил за работа, создавајќи веб-сајт заснован на отворени извори на информации (OSINT), со дополнителни можности засновани на ВИ, чија цел била да собира потврдени пријави за исчезнати лица. Ја исклучил страницата на 25 јуни и ги препратил своите извештаи до поголеми веб-сајтови, исто така развиени независно.

Terremotovenezuela2026, развиена од соработникот на „Глобал војсис“, Елијас Хаиг, собираше пријави за исчезнати лица непосредно по земјотресите во Венецуела. Снимката од екран е користена со дозвола.

Terremotovenezuela2026, развиена од соработникот на „Глобал војсис“, Елијас Хаиг, собираше пријави за исчезнати лица непосредно по земјотресите во Венецуела. Снимката од екран е користена со дозвола.

„Ќе правам сè што додава вредност, без да попречувам нешто“, додаде Хаиг. Во моментов тој спроведува активности за прибирање средства со помош на локални пријатели. Други глобални иницијативи, многу од нив од венецуелската дијаспора што брои осум милиони луѓе, ја насочуваат помошта кон доверливи невладини организации на терен, доброволно обезбедувајќи проценка на статиката на градбите, како и медицинска и психолошка помош за погодените.

„Мора да продолжиме“

Пунктовите за собирање и распределба на помош предводени од волонтери се вообичаена глетка низ Каракас и други венецуелски градови по двојните земјотреси. Фотографија: Естефанија Салазар, користена со дозвола.

Пунктовите за собирање и распределба на помош предводени од волонтери се вообичаена глетка низ Каракас и други венецуелски градови по двојните земјотреси. Фотографија: Естефанија Салазар, користена со дозвола.

Низ Венецуела физички можат да се видат бројни напори за помош предводени од волонтери, во форма на пунктови за собирање помош, засолништа и многу друго.

„Каритас“ (Caritas), позната глобална непрофитна организација поврзана со Католичката црква, е една од водечките дистрибутивни мрежи што во моментов ја насочуваат помошта низ погодените области во Венецуела. Многу граѓани, вклучително и жители од места надвор од најпогодените области, дојдоа во седиштето на организацијата во Каракас за да достават донации или да се пријават како волонтери за она што експертите проценуваат дека ќе бидат потребни долгорочни напори.

Пред седиштето на „Каритас“, долга колона камиони и мали автомобили чекаше да достави донации. Во една од нив беше група од Ел Тигре — град што се наоѓа близу нафтените полиња во источна Венецуела, оддалечен повеќе од шест часа, а кој не претрпе поголема штета.

„Мора да продолжиме“, рече Хосе Риверо, младиот возач кој во рок од три дена доброволно направил три патувања во двата правци меѓу Ел Тигре и Каракас, користејќи го семејниот камион за да донесе храна, облека и лекови собрани од неговата црква. Неговите зборови го одразуваат чувството на многумина во земјата погодена од катастрофата.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.