Вознемирени поради неодамнешното страшно убиство кое се случи пред социјалните работници во источниот српскиот град Књажевац, Расел и Јелена направија блог каде ја опишуваат нивната борба со српскиот правен систем за да го заштитат детето на Јелена од нејзиниот поранешен сопруг – наркоман. Претходно Расел Гордон помина 48 часа во притвор заради кршење на прозорецот на судот во Сопот во напад на бес поради тоа што судијата не сторил ништо за да ја обезбеди сигурноста на неговата сопруга за време на судењето.
Расел Гордон пишува [српски]:
За време на трите години од нивниот развод, зависникот од хероин нема платено издршка за детето, континуирано загрозувајќи го животот на Илија преку злоставување за време на посетите, a за време на последната година контиунирано и се закануваше со смрт на нашата фамилија. Го оставаше Илија на чување кај други додека се дрогира и возеше пијан со Илија седнат пред него без каиш. Се обидовме да го заштитиме Илија од можните повреди преку ограничување на времето кога бившиот сопруг можеше да го види или да го земе, но правниот систем има развиено логика и го брани наркоманот, а не детето. Кога прашавме на која логика се потпира ова, секогаш го добивавме истиот одговор: „Ова е Србија“.
Регистрираниот нарко зависник Владимир Младеновиќ од Ниш два пати дојде во нашиот дом со пијани фудбалски хулигани, тропајќи по вратите и прозорците, заканувајќи се дека ќе не претепаат до смрт пред малиот Илија. Два пати тие вербално не нападнаа и ни се закануваа на нашиот имот. Ние го следевме законот и останавме во нашата куќа, и повикавме полиција. Правниот систем не направи ништо.
Еднаш додека Владимир го возеше со колата Илија за време на неговите месечни посети, еден од хулиганите се обиде да ме удри со колата. Правниот систем повторно не направи ништо.
И место државата да ја брани светоста на нашето дете, нашиот дом и нашата добросостојба, постојано бевме опоменувани од судот, полицијата и социјалните работници дека и покрај ризикот што однесувањето на бившиот сопруг го носи по здравјето и животот на Илија (а и нашиот), ако од било која причина го загрозиме неговото право на посета, Јелена ќе биде таа што ќе се најде во српскиот затвор.
Дополнително, бившиот сопруг имаше поднесено бројни тужби против нас, кои српската држава благовремено ги извршуваше. Бевме тужени за употреба на „грди“ зборови кон него и хулиганите (вклучувајќи го и тоа што ги нарекувавме хулигани) кога тие влегуваа без дозвола на нашиот имот и ни се закануваа со смрт. Сите тужби беа соодветно слушнати од судот.
Кон нашите грижи се пристапуваше со сосема поинакви мерки. Иако дадовме сведоштва за заканувачкото однесување на Владимир, една судијка ја седна Јелена на само еден метар од него без никакво обезбедување. Игнорирајќи и отфрлувајќи ги моите грижи заповеднички, судијката ме исфрли надвор од нејзината судница. Бесен скришв еден мал прозорец додека се обидував да излезам од зградата и бев притворен на два дена и физички злоставуван од чуварот (моите напори да контактирам со познајници во српското Министерство за правда, внатрешни работи и одбрана беа пречекани со целосен молк и ни беше советувано дека иако управителот на затворот призна дека бруталноста на чуварот била „рутина“ немаме никакви шанси во судот ако ја тужиме српската влада).
Вчера бившиот сопруг се појави во судот за да сведочи за нашите наводни навреди на неговото достоинство – видливо потрошено на хероин. Неговите полузатворени очи, неговиот неразбирлив говор сведочеа за нашите грижи околу неговата способност и компетентност да се грижи за Илија во двата викенди кога го зема. Судијата одби да ја послуша Јелена и одби да побара тест за дрога. Неговиот повремен неповрзан говор беше соодветно снимен и нашиот адвокат не советуваше да молчиме.
Во центарот на работата е битка не за сигурноста на Илија или татковската љубов за неговиот син, туку помеѓу семејство кое не успеало и она кое успева.
Кога формиравме семејство со Јелена и Илија, тој беше момче кое немаше кој да ја извршува улогата на татко. Јас го прифатив, го засакав и го подигав како мој син и имаме голема љубов и семејна хармонија. Ова сигурно предизвикува бес кај Владимир и неговите родители и многуте тужби и судски интервјуа покажуваат дека ние посветуваме по три денови од секоја недела на судови, адвокати и социјални работници – ниеден од нив не направил барем нешто за да го заштити Илија или пак нас.
Доколку ова беше единствен случај во Србија, ќе и го припишевме на лошата среќа. Но во нашите истраги со пријатели, колеги и правни фирми, излезе дека ова е стандардна оперативна процедура. Причината која секогаш ни се наведува е: Ова е Србија.
На почетокот на оваа недела во друг дел на Србија, поранешен сопруг ја уби својата сопруга пред социјалните работници кои ги одобриле правата за посета. Ова ли е Европската Србија во иднина?
Вакво анархично и анти-конформистичко општество изгледа дека тешко се вклопува во строгата дисциплина и регулативата која е потребна за членство во Европската унија. Дали тие воопшто ќе се зафатат низ Шенгенските точки, за да умрат на отворен пат во безвизното блаженство. И колку европски граѓани ќе земат со себе во подземниот свет?
Тој поставува зајадливо прашање: Кој ќе го плати погребот на Илија ако умре во сообраќајна несреќа? И дали постои посебна процедура за аплицирање за официјална изјава за жалење за нашиот смртен случај или само ќе кажеме: „Ова е Србија“!