Македонија: 10 чекори за водење банана држава

Копач, колумнист на независниот портал Окно.мк, објави листа насловена „10 начини како се води банана држава.“

Авторот напиша дека за текстот бил инспириран од и како извори ги користел книгите на Ноам Чомски, „[Година] 501: освојувањето продолжува“ и Миклош Биро „Homo Postcommunisticus“ (рецензија на српски), како и есејот на Умберто Еко „Прафашизам“.

Линкот до овој напис поприлично се ширеше преку Фејсбук и Твитер, како и преку други локални медиуми, како муабети со кафе или пиво.

Чекор 1: Третирај ги како мајмуни

Прв и појдовен услов, за да можеш воопшто да правиш муабет за каква и да е банана држава, е од жителите на државата постојано да правиш мајмуни. Постојат различни начини како се прави тоа, но во пракса сè се сведува на тоа народот да го третираш како неспособна, инертна и пасивна багра, додека таа не стане токму тоа: пасивна и инертна багра незаинтересирана за ништо освен за својот стомак. Мораш да ја напикаш масата во ќош и да ја научиш дека таму и’ е местото, а таа да биде задоволна со тоа, затоа што си ја ослободил од сите општествени одговорности.

Чекор 2: Одреди ги лидерите

Како што е познато во историјата и Козаците имале демократски избори за свои лидери, каде во пленарен собир на истакнатото козачко пучанство бил избиран водач кој го нарекувале Атаман (звучи прилично холивудски, нели?). Ваквиот демократски легитимитет на Атаманот подоцна не му пречел да си го практикува правото по свое убедување да им ги сече главите на подредените соплеменици. Како кај Козаците, така и во банана државата, сè мора да се врти околу Лидерот, или поточно Лидерите, бидејќи е невозможно сите да ги збуташ во едно политичко племе. Лидерот е тој кој мора да биде извишнат на другите и кој нужно претполага кон него да имате стравопочит.

Чекор 3: Уништи им ја самодовербата

Масата не смее да има никаква самодоверба, самопочитување или пак можност да се само-реализира, или поедноставно кажано, таа не смее ништо да прави сама и на своја рака. Работењето на своја рака и по свој наум, може да ја доведе до тоа да сфати оти може нешто сама да направи без водачите и да ги разбере сопствените можности. Масата не смее да развие самодоверба дека со чесен труд може сама да си ја одредува судбината. На неа сè, буквално сè, мора да и’ се дава и делегира: од работни места, преку награди, провизии, дозволи, концесии, до тендери и дипломи. Ни едно општествено добро не смее да биде препуштено на фер добра и заслуженост која е надвор од проценка и контрола на Лидерите.

Чекор 4: Давај им шеќерчиња

Дел од оваа стратегија на водење на банана државите е на масата да и’ се обраќаш со „господа!“ (или браќо/сестри/другари/другарки…), а во исто време да можеш да ја набуташ во нејзиното трло кога и да посакаш. Тука се применува пристап на јавачот кој му дава шеќерче на својот коњ кој ја купува неговата послушност и приврзаност, јавањето и диригирањето никогаш не се доведува во прашање.

Чекор 5: Подели ги

Водењето на банана држава е непоимливо без да ја поделиш масата, да ја антагонизираш и со тоа значително да ја ослабиш. Покрај ослабувањето, другиот важен елемент на антагонизацијата е контрола врз вниманието на масата. Ако свесно и плански ги генерираш и креираш проблемите во земјата, со тоа добиваш барем неколку чекори предност:

  • ги ставаш крупните проблеми кои бараат поголем труд за решавање во втор план
  • добиваш способност да ја диктираш јавната агенда и за тоа за што другите треба да мислат и да се расправаат
  • проблемите кои сам ги создаваш можеш полесно да ги разрешуваш на начин кој ќе процениш дека ти одговара
  • ако самиот создаваш проблем, па се повлечеш од него изгледа како да си отстапил или попуштил за нешто, а всушност само си одржал status quo или си купил време за нешто друго, најчесто многу поважно.

Чекор 6: форсирај грандиозни потфати

Некогаш грандиозните фараонски проекти имале за цел на лидерите да им обезбедат вечност и неизбришлива
трага во колективната меморија. Иако одбележувањето на историјата со личен жиг не може да се потцени, сепак во грандиозните потфати (проекти, градби, кампањи, настапи, капитални објекти и слично), во денешни услови мошне важна е димензијата на зголемување на протокот на средства, пари и ресурси во тие проекти и отворање низа можности тие да се алоцираат и дистрибуираат по твоја проценка. Што повеќе се движат ресурсите, толку полесно е да насочите и алоцирате дел од нив таму каде ќе посакате. Динамичноста на парите покрај другите ефекти го има и тоа да проценуваш каде, кому и колку да дадеш, а со тоа да го приврзеш кон себе. Се работи за два паралелни процеси:

  • можности за присвојување на дел од средствата
  • „легално“ корумпирање или „регрутирање“ на поддржувачи.

Чекор 7: дозирано сеј страв

За да развиеш стравопочит кај масата, мораш постапно да всадуваш контролирани дози страв во масата. Тоа го правиш со селективно прикажување и пропагирање на сцени и настани кои предизвикуваат страв кај масата. Најчеста методика е прикажување на тоа како завршуваат твоите противници или неистомисленици. Посуптилен метод е т.н. „одвишна“ или предозирана употреба на сила да речеме при справување со ситни противници, криминалци или разни лица осомничени за нешто. Демонстрирај сила со послабите за да постигнеш ефект на стравопочит и потсвесно потчинување и пасивизирање.

Чекор 8: форсирај ирационалност

Ова по народски се вели шашардисување. Вградување на ирационалноста во јавниот живот има функција да ја потисне рационалноста која треба да ја бистри реалноста. Колку повеќе се граѓаните втурнати во ирационалност, афекти, атавизми, нагони и страсти, толку подобро за тебе и толку потешко за нив да дојдат до вистинските решенија и јасно разлачување на реалното од фиктивното, на постојното од измисленото, на вистинитото од лажното. Шашардисувањето се прави со едноставно преземање на нелогични постапки, спротивни на разумот, логиката и реалистичните процени. Кога ирационалноста станува принцип, а не исклучок, тогаш игрите наречени манипулација можат да почнат.

Чекор 9: одреди ги и јасно именувај ги непријателите

За да ја одржиш својата позиција на неприкосновен и неоспорен лидер мораш постојано стравот да го трансформираш во различни форми и на различни места. Еден од начините е директно и јасно именување на „непријатели“, „предавници“ и „противници“ кои се закануваат со некаква неверојатна радикална промена, постапка или дела кои би го превртеле на глава вашиот постоечки свет, она за што држите и што ви е најсвето. За да бидете супер-херој мора да има и антагонист: за секој Бетмен има Џокер, за секој Супермен има Лекс Лутор, за секој Марти Мистерија има „Луѓе во црно“ [не оние со Вил Смит]… и така редум. Во комбинација со ова континуирано форсираш и циркулираш атмосфера на заговор и тегобност кои оперираат помеѓу „дозираното сеење страв“ (7) и „именување на непријателите“ (9) од кои ти треба да го спасиш општеството.

Чекор 10: Поттикнувај ритуали

Ритуалот е една од најмоќните пракси за спонтано ширење на моќта од горе кон долу. Во ерата на екс-југословенизмот комунистите тоа извонредно го правеа со разни слетови, работни акции, штафети, паради и слично. Постојат редица начини како тоа да го протнете и во плуралистичките општества: од политизација на верски ритуали, разни „бене-волентни“ акции, политизација на спортски настани, и така редум.

Извор на сликичката: банана од Џејсон Гулиџ, објавена според лиценцата Криејтив комонс-наведи извор 2.0.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.