
Сцена од ТВ серијата „Етернаутот“ (2025). Фото: „Нетфликс“ (Netflix), користена со дозвола.
Овој напис, напишан од Меѓународниот институт за човекови права и општествена одговорност (IIRESODH) во партнерство со креативната агенција за рекламирање и комуникации Marcas, се објавува на Глобал Војсис како дел од договор за меѓусебна соработка.
Во нашето истражување користевме методологија за следење на разговорите на социјалните мрежи (social listening) за да го утврдиме и анализираме комбинираното влијание на ВИ, односно вештачката интелигенција, забавната индустрија и ефективните наративни стратегии врз обликувањето на попристапни, колективни пораки што можат да допрат до нова публика во пренатрупан и презаситен дигитален простор. Како пример ги користевме серијата на „Нетфликс“ (Netflix) „Етернаутот“ (El Eternauta) и актуелниот социополитички контекст во Аргентина.
Телевизиската серија „Етернаутот“ е адаптација на класичниот аргентински научнофантастичен стрип, креиран од сценаристот Хектор Герман Оестерхелд и илустраторот Франсиско Солано Лопес кон крајот на 1950-тите години, по воениот удар од 1955 година.
Приказната започнува со смртоносен, токсичен снег и следи инвазија на вонземјани врз Буенос Аирес, воведувајќи ја идејата за „колективниот херој“ — идеја дека групната солидарност е единствениот можен спас од угнетувањето. За време на последната воена диктатура во Аргентина (1976–1983), оваа научнофантастична алегорија станала трагична реалност кога Оестерхелд, заедно со своите четири ќерки и зетовци бил присилно исчезнат (тајно киднапиран и убиен) од режимот, поради нивниот политички активизам.
Овој спој на фикција и реалност ги претвори „Етернаутот“ и, особено, неговиот главен јунак Хуан Салво, во симбол на отпорот во актуелниот политички контекст на Аргентина.
Владата на десничарскиот либертаријански претседател Хавиер Милеи, кој дојде на власт во декември 2023 година, ја постави политиката на фискална рамнотежа како врвен приоритет. Потоа го спроведе, таканаречената, „најголемото фискално приспособување во историјата на човештвото“, истовремено водејќи „битка на културите“ за всадување либертаријански принципи. Покрај други реформи, тоа вклучува реални кратења на буџетите за образование, здравство, наука и социјална сигурност за старите лица, како и иновативна употреба на дигиталната технологија. Во јуни 2024 година, администрацијата на Милеи започна со спроведување дигитална реформа што предвидува широка примена на алатки и системи засновани на ВИ во јавниот сектор.

Ликот Хуан Салво, кого го игра Рикардо Дарин во серијата „Етернаутот“ од 2025 година. Фотографија: „Нетфликс“, користена со дозвола.
Јавноста не го доживеа објавувањето на оваа серија на глобалната стриминг-платформа само како забава, туку како општествен настан исполнет со сеќавање, во време на јавни мобилизации против реформите на новата аргентинска влада. Токму затоа ја избравме оваа серија како фокус на нашата анализа.
Затоа би сакале да споделиме неколку увиди што можат да им бидат корисни и на други граѓански организации.
Забавата како канал за човекови права
Во свет заситен со информации, индивидуалистичката и мразачката реторика често привлекува најмногу внимание на различни платформи. Нашето истражување исто така укажува дека светот на забавата не е површен простор одвоен од реалноста, туку место што денес го обликува јавното мислење, односно начинот на размислување што се смета за здрав разум.
„Етернаутот“ беше една од десетте најгледани серии на „Нетфликс“ во светот и во тој момент погоди болно место во аргентинското општество. Приказната за вонземска инвазија и колективен отпор најпрво разбуди чувство на патриотска гордост („нешто наше“ што се споделува глобално), но набргу потоа стана дел од општествените движења.
За граѓанските организации, лекцијата е јасна: помладите генерации стапуваат во контакт со културата преку повеќе платформи. Затоа, не можеме да се потпираме само на технички и правни рамки. Наместо тоа, ВИ може да биде корисна и достапна алатка за приспособување на нашите пораки, со користење хумор и современа естетика, преку производи што некогаш би барале поголеми вложувања и ангажирање експерти. Тоа ни овозможува поефикасно да ги шириме нашите каузи како споредна приказна во рамки на културниот дискурс, користејќи ги алгоритмите за нивно засилување.
Од екранот на улица
Преку препознатливата маска на Хуан (рачно изработена маска за нуркање со импровизиран филтер за воздух, неопходна за да не го вдишува токсичниот снег) симболиката на серијата го надминува екранот. Измешана со аргентинскиот хумор и сарказам, таа се пренесе во реалните протести против кратењата во социјалната сигурност, науката и образованието што администрацијата на Милеи ги спроведува од 2024 година.
Во текот на 2025 година, низ целата земја, на протестите за поддршка на науката често можеа да се видат луѓе со маски или со транспаренти со пораки од серијата.
📣 Esto NO es ciencia ficción. Una tormenta destructiva avanza sobre el mundo del conocimiento.
Quienes no nos resignamos, nos organizamos. La resistencia está en marcha.📍 Miércoles 28/05 a las 13 hs. en el Polo Científico#NoAlCientificidio #CienciaEnMarcha #NadieSeSalvaSolo pic.twitter.com/05uwT60533
Ова НЕ е научна фантастика. Разорна бура го зафаќа светот на знаењето. Ние што не се предаваме лесно се собираме. Отпорот започна.
Среда, 28.05 во 13 часот во Центарот за наука.
(#СтопЗаНаукоцид) (#НаукатаПродолжува) (#НикојНеСеСпасуваСам)
Contra el #cientificidio. Defendamos la ciencia y la soberania argentinas.
SUMATE a las actividades que se hagan en tu ciudad y seamos muchxs.
En Bariloche nos juntamos el 26/5 a las 15:30hs en el CCT Patagonia Norte para organizar la movida del 28/5, sumate! pic.twitter.com/zgZT2S2wdG
— Adriana Cristina Serquis (@aserquis) May 23, 2025
Борба против #наукоцид. Да ги браниме аргентинската наука и суверенитет.
ПРИКЛУЧЕТЕ СЕ на настаните што се одржуваат во вашиот град. Се надеваме дека ќе ни се придружите во голем број.
Се среќаваме во CCT Patagonia Norte, односно Научно-технолошкиот центар во Барилоче, на 26 мај во 15:30 часот, за да ги организираме настаните на 28 мај. Придружете ни се!
И активистите и другите граѓаните протестираа со транспаренти и креативни костими направени од зимска облека, алатки и градежни материјали. Тие користеа и алатки засновани на ВИ за да создадат висококвалитетни графики за банери и мобилизација на социјалните мрежи, што им овозможи да ја присвојат естетиката на серијата.
На тој начин, тие укажуваа дека и денес, исто како во „Етернаутот“, се соочуваат со сопствениот „токсичен снег“ и со свои „каскарудос“ (cascarudos, вид џиновски вонземски бубачки), и дека „никој не може да преживее сам“ — туку дека тие мора да се победат колективно.
Иако овие елементи беа спонтани и не беа дел од кампањска стратегија на граѓанските организации, тие сепак имаа широк одек.
Excelente escena de “El Eternauta” donde los hijos de puta de los cascarudos reprimen jubilados pic.twitter.com/ehadhi8rd6
— lajuliaeva (@lajuliaeva) May 22, 2025
Одлична сцена од „Етернаутот“, каде што проклетите бубачки ги репресираат пензионерите.
Ги истакнуваме овие точки затоа што им овозможија на општествените движења со ограничени буџети да држат чекор со големите студиски продукции во однос на медиумската покриеност и позиционирањето во дигиталниот разговор.
Токму тука станува опиплива „човечката перспектива“ на ВИ. Видовме како технологијата им помогна на сликите да го надминат дигиталниот простор и да стигнат до „јавните плоштади“, докажувајќи дека, и покрај своите ограничувања, ВИ може да се користи како катализатор за мобилизација, а не само за виртуелна изолација. Повиците за протести во одбрана на образованието, па дури и на медиумите, можеа да бидат „научени“ да ја реплицираат нивната визуелна претстава.
Иако некои од забележаните употреби на ВИ не беа конкретно наменети за општествени протести и заштита на човековите права, тие покажаа како ВИ може да се користи ефикасно. Сепак, мора да признаеме и дека оваа спонтана, имплицитна употреба помогна да се одржи разговорот што го отвори серијата, засилувајќи ги позитивните пораки на споменатата споредна приказна.
Да се преживее алгоритмот: стратегијата на „споредната приказна“
Нашето истражување укажува дека, во ерата на содржини уредени со ВИ, општествените каузи ризикуваат да бидат потиснати од алгоритамската незаинтересираност за политика.
Сепак, утврдивме дека овие каузи одекнуваат посилно кога се претставени како човечки приказни, оставајќи им траги на гледачите самите да истражуваат понатаму. „Етернаутот“ не е памфлет, но неговата суштинска порака — „вистинскиот херој е колективен херој“ — е длабоко политичка.

„Никој не може да преживее сам“ е мотото на „Етернаутот“. Фото: „Нетфликс“, користена со дозвола.
Преку истражување на суптилните траги во споредната приказна на серијата и во приказната на нејзиниот автор, поединци и организации можеа да го насочат разговорот кон сеќавањето, правдата и општото добро, потврдувајќи дека е можно да се пробие информативниот меур.
Стратегијата на граѓанските организации треба да биде креативна. Тоа вклучува користење на ВИ за „маскирање“ на меѓусекторските теми што алгоритмите навистина ги дистрибуираат (филм, уметност и технологија) со цел општествената порака да се пренесе органски и ефективно.
Да се дешифрираат празнините и да се постават темелите
Како граѓански организации, мора да ги дешифрираме „празнините во алгоритмот“ и она што се случува околу нас. Мора да вложиме ресурси во разбирање како функционираат овие алатки, не за да станеме дигитални експерти, туку за да се осигуриме дека пораката на солидарноста нема да се изгуби во целата врева.
Последната поента оди чекор подалеку од самото користење на технологијата. Ако успееме да поттикнеме млад човек да го крене погледот од телефонот и да се приклучи на колективна кауза, светот што ќе го пречека мора да му понуди чувство на припадност и поддршка какво што изгледа дека го нудат алгоритмите.
Да научиме вешто да ја користиме ВИ за креативно пренесување на нашите агенди не е нашата единствена мисија. Другата мисија е да ги поставиме темелите за моментот кога новата публика ќе одлучи да се оттргне од динамиката на „Големите технолошки компании“ (Big Tech) и да побара простор што е во поголема мерка заснован на градење заедници, со иницијативи што ќе ја предизвикаат и ќе ја вклучат.






