Како серијата „Етернаутот“ ги оживеа потрагите по исчезнатите жртви на диктатурата во Аргентина

Постер за серијата „Етернаутот“, прекриен со летоци за исчезнатите членови на семејството Оестерхелд. Фотографија: Калоијан Сантос, објавена во El Destape, користена со дозвола.

Постер за серијата „Етернаутот“, прекриен со летоци за исчезнатите членови на семејството Оестерхелд. Фотографија: Калоијан Сантос, објавена во El Destape, користена со дозвола.

Ако терминот „eternauta“ се разложи на „eter“, што упатува на вечност или надминување на смртта, и „nauta“, патник или морепловец, се добива значењето „патник низ вечноста“. Тоа е насловот на аргентинскиот стрип „El Eternauta“ односно „Етернаутот“, од 1957 година, на сценаристот Хектор Герман Оестерхелд. Патникот од насловот е Хуан Салво, лик кој не претставува традиционален суперхерој, туку обичен човек кој доживува несфатлива трагедија.

Речиси 70 години по објавувањето, приказната е претворена во серија на „Нетфликс“ (Netflix), во која главната улога ја игра еден од најпознатите аргентински актери, Рикардо Дарин. Адаптацијата внесува нови теми, но истовремено ја почитува структурата на заплетот од оригиналот. Во меѓувреме, во 2025 година, маските што ликовите ги користат за преживување се појавија на протестите против владата на Хавиер Милеи.

Покрај самата приказна, сè поголемо внимание привлекува и личната историја на Оестерхелд и неговото семејство. Авторот, неговите четири ќерки и двајца зетовци исчезнале како жртви на „валканата војна“ која против неистомислениците ја водела граѓанско-воената диктатура во Аргентина (1976–1983). Во моментот на нивното киднапирање, две од ќерките на Оестерхелд биле бремени.

Серијата предизвика силен одек во јавноста, што повторно ги разгоре потрагите по идентитет. Стотици бебиња и деца биле киднапирани од своите семејства, а жртвите ги чекале различни судбини — некои биле посвоени од воени лица, други од цивили — и пораснале без да го знаат своето вистинско потекло.

Непрофитна организација основана во 1977 година „Абуелас де Плаза де Мајо“ (Abuelas de Plaza de Mayo ), односно „Бабите од плоштадот Плаза де Мајо“, ги бара бебињата и децата одземени од диктатурата. Организацијата прима барања поврзани со идентитетот и пријави за можни киднапирања, но луѓето им се обраќаат и ако имаат сомнежи за сопственото потекло. Во периодот меѓу објавувањето на серијата и мај 2025 година, бројот на луѓе што побарале да дознаат нешто за својот идентитет се зголемил шесткратно, а бројот на оние што доставиле информации за можни внуци по кои се трага се зголемил трикратно.

По успехот на првата сезона на серијата, роднините се организираа и презедоа акција со поставување летоци врз рекламните постери за продукцијата, со фотографии од Оестерхелд и неговите четири ќерки, кои сè уште се водат како исчезнати. H.I.J.O.S., организација составена од деца на жртвите, ја сподели следнава објава на социјалните мрежи:

Го гледате „Етернаутот“?

Ако да, и ако сте родени во ноември 1976 година, или меѓу ноември 1977 и јануари 1978 година, и имате сомнежи за вашиот идентитет или за идентитетот на некој роден во тие периоди, контактирајте со @abuelasdifusion

Фотографија: Калоијан Сантос

— H.I.J.O.S. Capital (@hijos_capital) May 3, 2025

Каде е Оестерхелд?

Каде е Оестерхелд?“ Ова прашање стана вирално и се претвори во слоган по премиерата на серијата. Речиси 42 години по крајот на диктатурата во Аргентина, сè уште не се знае каде се Оестерхелд, неговите ќерки, неговите зетовци и внуците со кои неговите ќерки биле бремени. Истата судбина ја делат илјадници луѓе во земјата.

Според организациите за човекови права, проценките за бројот на исчезнати лица достигнуваат до 30.000 луѓе. А регистарот на жртви на Паркот на сеќавањето (Parque de la Memoria) досега има собрано информации за само 8.948 жртви.

Како и во други земји од Јужниот конус што имале диктатури меѓу 1960 и 1980 година, државната репресија за време на последната воена диктатура во Аргентина се карактеризирала со присилно исчезнување како систематско средство за истребување политички активисти, синдикалци и студенти, од кои само мал дел биле членови на вооружени организации. Во рамки на државно одобрениот тероризам биле користени повеќе методи за спроведување на присилните исчезнувања, меѓу кои и „летовите на смртта“ (vuelo de la muerte), при кои луѓе биле фрлани од авиони во Рио де ла Плата.

Иако Аргентина го спроведе Судењето на хунтите — судскиот процес од 1985 година во кој беа осудени дел од репресорите на диктатурата — повеќето исчезнати луѓе не се пронајдени, како што е случајот и со семејството Оестерхелд.

Семејството Оестерхелд

Семејството Оестерхелд: Ектор, Елиса и нивните ќерки. Фотографија: веб-страница на Abuelas de Plaza de Mayo, користена со дозвола.

Семејството Оестерхелд: Хектор, Елиса и нивните ќерки. Фотографија: веб-страница Abuelas de Plaza de Mayo, користена со дозвола.

Хектор Герман Оестерхелд е роден во Буенос Аирес во 1919 година и бил киднапиран во 1977 година, една година по почетокот на воената диктатура во Аргентина. Тој бил сценарист, писател и новинар кој станал пионер и водечка фигура во модерниот стрип. Бил и политички активист, приклучувајќи се на герилската група Монтонерос (Montoneros). Неговата сопруга, Елса Санчес, го опишала како „слободоумен левичар со исклучителна интелигенција“, а неговите остри општествени и политички согледувања за аргентинската стварност, во сите нејзини аспекти, се пренесени во оригиналниот стрип.

Во 1970-тите, Оестерхелд сè повеќе се посветувал на политичката борба. Во тој период создал нова верзија на „Етернаутот“, која ја завршил додека се криел. Тој активизам го чинел живот. Во своите сведоштва, преживеаните изјавиле дека, и покрај трагедијата и физичкото пропаѓање, тој ги задржал достоинството и генијалноста на неговото дело.

Освен него, биле киднапирани и неговите четири ќерки, кои исто така биле членки на Монтонерос. Две од нив, Дијана и Марина, во тој момент биле бремени. Дијана требало да се породи во ноември 1976 година, а Марина меѓу декември 1977 и јануари 1978 година.

Фотографија на Фернандо Аралди Оестерхелд. Членови на неговото семејство ги снемало по налог на аргентинската диктатура. Фотографијата е користена со дозвола.

Фотографија на Фернандо Аралди Оестерхелд. Членови на неговото семејство ги снемало по налог на аргентинската диктатура. Фотографијата е користена со дозвола.

Фернандо Аралди Оестерхелд, првото дете на Дијана, имал една година кога неговите родители биле киднапирани. Во 2010 година, телото на неговиот татко, Раул, било идентификувано од Аргентинскиот тим за форензичка антропологија на Цеметерио дел Норте, гробишта во градот Сан Мигел де Тукуман. Ниту неговата мајка, ниту бебето што го носела во моментот на киднапирањето, не се пронајдени. Кога неговото семејство било киднапирано, Фернандо бил оставен во сиропиталиште, сè додека неговите баба и дедо од татковата страна не го зеле кај себе.

Никој не се спасува сам: Мајките, Бабите, H.I.J.O.S.

Елса Санчес де Оестерхелд, вдовицата на писателот, ги барала своите ќерки и внуци до својата смрт во 2015 година; таа била членка на „Абуелас де Плаза де Мајо“. Ѝ се приклучила на групата откако други баби ја контактирале и се придружиле на нејзината потрага.

На веб-страницата на „Абуелас“ е објавен нејзин цитат:

„Се борам моите внуци да ја дознаат вистината. Затоа не зборувам за враќање, туку за право на идентитет.“

„Абуелас“ не биле единствената организација основана како резултат на трагедијата во Аргентина и борбата на роднините на жртвите на државниот тероризам. Во 1977 година, мајки што ги барале своите деца се сретнале на истиот плоштад Плаза де Мајо, која се наоѓа пред Каса Росада, претседателската палата. Тие разменувале информации и на крај ја основале организацијата „Мадрес од Плаза де Мајо“ (Madres de Plaza de Mayo), „односно Мајките од Плаза де Мајо“, земајќи ја како свој симбол белата платнена пелена, носена како шамија на главата.

Скоро две децении подоцна, во 1995 година, се појавила организација составена од третата генерација роднини: H.I.J.O.S. Акронимот значи „Синови и ќерки за идентитет и правда против заборавот и молкот“.

Досега, „Абуелас“ пронашле 140 киднапирани внуци. Најновото враќање на внук беше објавено на 7 јули 2025 година, првиот решен случај по објавувањето на серијата „Етернаутот“.

@abuelasdifusion сака да го објави #Внукот140, првиот по премиерата на серијата „Етернаутот“

Потрагата продолжува по сите браќа и сестри што сè уште не се пронајдени
Ако сте родени меѓу 1975 и 1983 година и имате сомнежи за вашиот идентитет, дојдете кај нас. Доставете информации ако ги имате

Фотографија: @kalofotograma

— H.I.J.O.S. Capital (@hijos_capital) July 8, 2025

Организацијата продолжува со својата работа, барајќи луѓе родени меѓу 1975 и 1983 година што можеби го преиспитуваат својот идентитет и потекло.  Скоро 300 такви деца сè уште не се пронајдени, меѓу кои се и двете деца од семејството Оестерхелд.

Истовремено, работата на Националната банка на генетски податоци на Аргентина, која е од суштинско значење бидејќи обезбедува тестирања за повторно воспоставување на идентитетот, е загрозена од кратењата во финансирањето на научните истражувања под актуелната влада. „Абуелас“ и други организации повикуваат на задржување на јавните политики што ја овозможуваат нејзината работа, со цел да се зачува сеќавањето како противмерка на државниот тероризам.

Петнаесет дена по премиерата на серијата „Етернаутот“, Мануел Гонсалвес Гранада, член на управниот одбор на „Абуелас“ и исчезнат внук пронајден во 1995 година, како случај број 57, за „Infobae“ изјави дека „им дава надеж и радост тоа што механизмите изградени од „Абуелас“ повторно оживуваат благодарение на серијата“.

„Зголемувањето на бројот на барања создава огромна надеж дека ќе биде пронајден следниот внук, а тоа е она за што работиме и за што „Абуелас“ секојдневно се борат,“ рече тој.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.