Мајка и нејзините две ќерки се застрелани [1] откако петмина маскирани провалиле во нивната куќа во гратчето Чилас во Гилгит [2], Пакистан. Според медиумите, се работи за убиство извршено поради бранење на семејната чест.
Девојчињата на возраст од 15 и 16 години наводно станале цел на 24 јуни 2013 година поради видео снимено со мобилен телефон каде тие уживаат на дождот во нивната градина. Видеото циркулирало локално и било сфатено како навреда за семејната чест.
Властите тврдат дека убиецот бил полубратот на девојчињата Куторе (Khutore), кој побеснел поради видеото и најмил четворица негови пријатели за да ја врати, според него, изгубената семејна чест. Четворицата пријатели се во притвор и ги признале злоделата, но Куторе сѐ уште е во бегство.
Според годишниот извештај на Пакистанската комисија за човекови права [3], убиствата извршени поради семејна чест остануваат „најчестатата и најодвратната форма на насилство врз жените во Пакистан“. Во 2012 година, според извештајот, 913 жени биле убиени во име на честа на нивните семејства, вклучувајќи и 99 деца.
Шафикул Хасан Сидики (Shafiqul Hassan Siddiqui) ги анализираше причините зад убиствата извршени поради семејна чест во Пакистан, на блоговите Dunya [4]:
Се работи за исход од одмазда. 95% насочено кон жените. Член на семејството (најчесто маж), со одобрение од останатите членови на семејството, ја убива и осудува жената врз неколку основи. За целото семејство жртвувањето на нивната крв претставува момент на гордост бидејќи поради неа тие ја изгубиле својата чест. Повеќе причини се сметаат за главни и основни зад убиството извршено поради семејна чест.
Како реакција на скорешните убиства, директорот на пакистанската редакција на Њујорк Тајмс, Деклан Волш (Declan Walsh) (@declanwalsh [6]) твитна:
@declanwalsh [7]: ненормална работа – две девојчиња и нивната мајка убиени поради видео каде тие уживаат во дождот. http://beta.dawn.com/news/1020576 [1]
Лубна Кан (Lubna Khan) (@Lubnagigyani [8]), блогер за родови прашања, коментираше за убиствата:
@Lubnagigyani [9]: ГРОЗОМОРЕН КРИМИНАЛ. Почесните НЕ УБИВААТ никогаш и под никакви околности – најмалку пак поради егоистичниот мачоизам.
Блогерот за политички прашања Zeesh (@zeesh2 [10]) се осврна на изразот „убиства поради семејна чест“:
@zeesh2 [11]: „убиство поради семејна чест“ е погрешен израз – емоции упатени на погрешна адреса – ако навистина имаат чест не треба да убиваат други, туку себеси
Gedrosia (@gedrosian [13]), корисник на Твитер од квартот Балокистан, додаде дека обелоденетите видеа снимени со мобилни телефони имале ужасни последици за студентките и во конзервативните области:
@gedrosian [14]: постојат повеќе случаи и во Балокистан, каде протекле фотографии од студентки, кои потоа биле избркани од факултет.
Неколку дена пред скорешното убиство, блогот Иднината [15] (The Future) објави напис во кој се сумира решението за ставање крај на убиствата извршени поради семејна чест:
Сметам дека е потребна револуција во менталниот склоп на мажите со цел менување на постоечкото мислење за поседувањето на моќ. Предуслов во денешната ситуација не е да се поттикнува ниеден пол, туку да се постигне рамнотежа помеѓу двата пола во насока на остварување на заеднички цели, подобрување на општеството и посветла иднина за следните генерации со тоа што ќе бидат горди на својата култура.