Преминување на родовите граници во балканската историја и фолклор: заколнати девици, обредни улоги и жени-воини во машко руво

Plaque of Sirma Voyvoda (on horseback, first from left) and her troops in Skopje, North Macedonia.

Плоча со Сирма Војвода (прва од лево, на коњ) и нејзините воини во Скопје, Северна Македонија. Фото од Рашо преку Викимедиа Комонс, CC BY-SA 3.0.

Овој текст е и дел од фокус-серијалот на Global Voices за јуни 2026 година, „Родова разноликост“. Ова известување може да го поддржите со донација тука.

Во современиот балкански дискурс, под влијание на глобалните културни војни, традицијата често се претставува како нешто фиксно, едноставно и строго патријархално. Но историјата, фолклорот и народното паметење на регионот содржат посложени примери: жени што станале општествено признаени како мажи, квир или родово неконформни мажи со видливи обредни улоги, и хероини што привремено преминувале во машки идентитет за да се борат за својата заедница.

Овие примери не треба да се романтизираат како доказ дека балканските општества биле тајно егалитарни. Повеќето од нив постоеле во рамки на патријархални системи, како еден вид „исклучок што го потврдува правилото“, повторно потврдувајќи ја „традиционалната“ женска улога на послушна ќерка што треба да стане мајка и домаќинка. Но тие покажуваат дека минатото — или барем народната имагинација — не било толку круто колку што денешните бранители на „традиционалните вредности“ често тврдат.

Заколнати девици

Еден од најпознатите примери е балканската заколната девица, позната на албански како burrnesha или virgjinesha, а во јужнословенски контекст како вирџина. Во планинските делови на северна Албанија, Црна Гора, Косово и пошироките динарски предели, ќерка во семејство без соодветен машки наследник ја преземала општествената улога на маж. Тоа обично значело завет на целибат, машка облека и однесување, како и јавно признавање како глава на семејството.

Оваа практика не била модерна еманципација. Често била патријархално решение за патријархален проблем: ако наследството, честа и семејниот авторитет биле организирани преку мажите, општеството ѝ дозволувало на ќерката да „стане“ општествен маж кога немало биолошки маж на располагање. Заколнатата девица ја добивала одговорноста да го води семејството, заедно со слободи што им биле ускратени на другите жени, како носење машка облека и јавно дружење со мажи, пушење и пиење чај. Но сето тоа доаѓало по цена на целибат, без можност за брак, сексуално изразување или мајчинство.

Вест на Би-би-си од 2022 година заклучува дека „во светот останале само десетина ‘заколнати девици’, додека изумира древната балканска традиција во која жените живеат како мажи“.

Мажи во нетрадиционални, женствени улоги

Поинаков пример се појавува во документарниот филм „Шампионите од Шутка“ (Šutka Book of Records) на Александар Маниќ од 2005 година, кој претставува неколку живописни портрети на необични жители на Шуто Оризари, општината со мнозинско етничко ромско население во македонскиот главен град Скопје.

Филмот следи локални ексцентрични шампиони, меѓу кои, како што стои во синопсисот, и „локалниот хомосексуалец во неговата шарена гардероба“, кој „не е ништо помалку почитуван“ од другите впечатливи локални ликови.

Според една приказната што почнува на 45:55 во видеото, две отворено геј лица, со впечатлив, театрален говорен стил исполнет со гестикулации, се ангажирани од семејствата на млади момчиња што треба да го поминат муслиманскиот обред на обрежување. Тие се сметаат за најдобри украсувачи и мајстори за реквизити за настанот, кој вклучува и набавка на посебен кревет.

Овој пример бара внимателен пристап. Иако ромските и муслиманските заедници, како и балканските општества воопшто, не се ослободени од хомофобија, сцената ги усложнува стереотипите. Во заедница што однадвор често се опишува преку наративи за сиромаштија или негативни конзервативни стереотипи, филмот прикажува послоевит општествен свет, во кој квир лик може да биде видлив, ценет и вткаен во обредниот и верскиот живот на заедницата.

Воинки во машко руво

(Во овој текст го користиме поширокиот термин „воинки“ за да ги опфатиме и фолклорните, и ајдутските, и комитските примери на жени што влегуваат во улоги на борци кои не се формално „војници“ – припадници на одредена армија. – прим. прев.)

Третиот и најбогат збир примери доаѓа од фолклорот. Во неодамнешен текст на македонската феминистичка платформа Медуза, Лени Фрчкоска ги препрочитува македонските народни приказни преку мотивите „промена на пол“ и „жена-војник“. Текстот, насловен „Јунакот мома ти била: Феминистичко пречитување на мотивите промена на пол и жена-војник во македонскиот фолклор“, е скратена и уредена верзија на нејзин труд објавен во „Македонски фолклор“, како адаптација на дел од нејзиниот докторат.

Фрчкоска забележува дека фолклорот често репродуцира традиционалистичка, патријархална и колективистичка педагогија, но дека во него постојат и субверзивни женски и транссексуални ликови што им пркосат на тие пораки. Мотивот на воинката често е поврзан со преминување на родовите граници. Во овие приказни, главниот лик е девојка од семејство без синови. Таа се маскира како маж, влегува во машки кодираниот свет на битката, се докажува како јунак и обично се враќа во својата претходна женска улога откако ќе помине опасноста. Фрчкоска резимира дека, во неколку македонски варијанти, периодот на маскираност како машки војник завршува по победата, а најмладата ќерка се враќа во својата претходна женска улога.

Цитирајќи детаљ од македонска народна приказна собрана од Марко Цепенков кон средината на 19 век, Фрчкоска вели дека тој го покажува овој образец. По битката, хероината ја распушта косата и ги открива градите, велејќи му на принцот:

Дејгиди синче царево, горска еребица в раце ти дошла и не си успеал да ја ватиш за в кафез да ја клајш. Јас девојче си бев и девојче сум си, види ми косите, види ми ‘и боските и седи ми си со здравје.

Јавната голотија била, и сè уште е, табу според балканските патријархални норми, па затоа оваа реплика не е само телесно откривање; таа е наративен пресврт. „Машкиот воин“ веќе успеал; дури потоа приказната открива дека јунакот цело време бил жена. Телото станува знак што повторно го класифицира борецот, но дури откако храброста веќе е докажана.

Македонската народна песна „Крушево абер пристигна“ нуди популарна верзија на истата логика на преминување на родовите граници. Песната раскажува за абер што пристигнал во Крушево: „кој има синој големи, / комити да ги испрати / во тоа славно Смилево“. Крушевскиот домаќин Стојан нема синови — „само си ја имал Тодорка, / Тодорка една на мајка, / Тодорка една на татко“. Наместо тоа да значи крај на јавната должност на семејството, Тодорка му вели на татка си: „Купи ми пушка берданка / и една сабја пренгија / јас комита татко ќе одам“.

Така, Тодорка не останува во улогата на беспомошна ќерка во домот, туку го зазема празното место резервирано за син. Таа зема пушка и сабја и заминува како комита: „нарами пушка на рамо / запаша сабја пренгија / три години комита шетала“. Песната ја нагласува убедливоста на оваа промена со стихот: „Никој Тодорка не познал / дека е Тодорка девојка“.

Во овој случај, преминувањето на родовите граници е повеќе од едноставно преоблекување. Песната покажува привремено поместување на правилата што одредуваат кој може да се бори, наспроти тоа да остане дома во грижлива — и во суштина беспомошна — женска улога; кој може да го претставува семејството; и кој може да влезе во националното херојско паметење.

Песната останува популарна и денес, оживеана од современи изведувачи, меѓу кои и македонската поп-фолк ѕвезда Стојне Николова. Нејзината современа интерпретација, видлива во видеоспотот подолу, ја слави Тодорка како патриотска хероина, без да навлегува во родовата политика на приказната. Но таа политика е присутна: ќерката зачекорува во празното место резервирано за син, бранејќи ја честа на татка си.

Мотивот има одгласи и во историски биографии од регионот, низ цел спектар на маскирање, борбеност и подоцнежно патриотско паметење.

Сирма Војвода (1776–1864), жена ајдутка — мешавина од бунтовничка, одметничка и борец за слобода — од Дебарскиот Регион, веројатно е најблиската историска паралела со Тодорка. Таа се памети како водачка на планински борци против османлиското угнетување. Детаљ поврзан со градите исто така влегол во народното паметење за неа: според фуснота во песната за неа собрана од браќата Миладиновци, мажите во нејзината дружина препознале дека е жена дури кога ѝ се скинале копчињата на градите. Таа продолжила да ги води и по нејзиното демаскирање.

Чучук Стана (1795–1849/50) припаѓа на сродна, но малку поинаква традиција на „жена-воин“. Поврзана со српските востанија и запаметена во српската епска поезија, таа не е пред сè фигура на „таен машки идентитет“. Нејзината приказна повеќе покажува жена што влегува во „машкиот свет“ на ајдуците, вооружениот отпор и херојската слава. Записите за нејзината младост исто така велат дека таа и нејзините сестри носеле машка облека надвор од домот бидејќи немале возрасен брат што би ги штител.

Милунка Савиќ (1890/1892–1973) го внесува овој мотив во документираната воена историја на 20 век. За време на Балканските војни, таа ѝ се приклучила на српската војска така што ја скратила косата, облекла машка облека и се претставила како маж, наводно на местото на својот брат. Откако бил откриен нејзиниот пол, таа останала во борба и подоцна станала една од најодликуваните жени-војници во Првата светска војна.

Овие историски личности помагаат да се покаже дека воинките во машко руво не биле само фантазија од бајките. Во различни форми, жените во балканската историја преминувале во улоги резервирани за мажи — тајно или видливо, привремено или трајно — како хероини што останале во паметењето на следните генерации.

Иако современите читатели можеби ќе препознаат блиски значења, примерите на преминување на родовите граници на Балканот не се вклопуваат едноставно во современи идентитетски категории како трансродови, геј, лезбејки или небинарни лица. Сепак, тие ја оспоруваат догмата дека родовата разновидност е нешто туѓо за Балканот или дека традицијата е ограничена на бинарни модели на мажественост и женственост. На Балканот ништо никогаш не е едноставно — вклучително и неговото патријархално минато и сегашност.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.