Невидливи стратегии: Како стравот од јавно откривање го обликува онлајн животот на ЛГБТИ+ луѓето во Србија

Pins displaying LGBTQ+ symbols and flags.

Pins displaying LGBTQ+ symbols and flags. Photo by Marek Studzinski on Unsplash: License.

Овој текст го изработи невладината организација Центар Е8 од Србија преку грантовата шема Digital Spark , како дел од проектот Регионален механизам за поддршка EECA, што го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис и TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамки на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Текстот се објавува на Global Voices како дел од договор за споделување содржини. Тој е и дел од фокус-серијалот на Global Voices за јуни 2026 година, „Родова разноликост“. Ова известување може да го поддржите со донација тука.

За многу квир луѓе, социјалните мрежи се и простор за поврзување и извор на ризик. Една фотографија, коментар, ознака или споделена снимка од екран може да открие нечија сексуална ориентација или родов идентитет без согласност на лицето.

Преку проектот Незамолчени: Дигитални гласови за демократија (Unmuted: Digital Voices for Democracy), Центарот Е8 реши да истражи прашање за кое ретко се зборува јавно: Како стравот од јавно откривање влијае врз однесувањето на квир луѓето на интернет? Проектот ќе се спроведува со помош на онлајн медиумите Zoomer и UNMUTED.

Поглед кон она што останува невидливо

Дигиталните платформи понекогаш се претставуваат како простори на слобода, самоизразување и градење заедница. За квир луѓето, тие навистина можат да обезбедат можности за поврзување со други луѓе, наоѓање поддршка и пристап до информации што можеби не им се достапни во нивните локални заедници.

Истовремено, дигиталните простори можат да создадат нови ранливости. Јавното откривање на сексуалната ориентација или родовиот идентитет без согласност може да има сериозни последици, особено во земји како Србија, каде што опстојува дискриминација и стигматизирање. Овој проблем е особено видлив во помалите градови и руралните заедници, каде што квир луѓето развиваат комуникациски стратегии што им овозможуваат да се поврзат со други, без да го откријат својот идентитет.

Но понекогаш, колку и да се внимателни, сепак се случува јавно откривање на нивниот идентитет. Приватна порака може да биде споделена. Профил на апликација за запознавање може да биде изложен во јавност. Фотографија може да стигне до публика за која не била наменета. Интеракција на социјалните мрежи може да открие повеќе отколку што лицето имало намера да сподели. Особено загрижувачки е растечкиот тренд на споделување интимни фотографии добиени преку апликации за запознавање во групи на Telegram или на социјалната платформа X.

Додека јавните дискусии често се фокусираат на говорот на омраза и вознемирувањето на интернет, многу помалку внимание им се посветува на секојдневните одлуки што квир луѓето ги носат за да се заштитат од јавно откривање и вознемирување. Сепак, токму овие одлуки го обликуваат начинот на кој луѓето комуницираат, градат односи и учествуваат во онлајн заедниците.

Ова е прашањето со кое Центар Е8 сака да се занимава преку нашиот проект Незамолчени: Дигитални гласови за демократија (Unmuted: Digital Voices for Democracy).

Од претпоставки до докази

Наместо да се потпираме на претпоставки, сакавме да создадеме можност квир луѓето самите да ги опишат своите искуства.

Веќе имаме достапни одредени информации. Еден познат случај во Србија се однесуваше на студент од помал град, дел од студентското движење што се спротивставува на српската влада, чија сексуална ориентација беше јавно откриена без негова согласност во провладини таблоиди, со користење информации добиени од негов приват профил на апликација за запознавање. Независните медиуми Zoomer и UNMUTED веќе спроведоа обемно истражување во геј заедницата, кое покажа дека повеќе од 90 проценти од геј мажите што користат апликации за запознавање се соочиле со лажни профили. Истражувањето исто така покажа дека дел од овие контакти завршиле со сериозни последици, од закани и изнуда — и финансиска и сексуална — до физички напади и насилство. Сепак, најчесто наведениот механизам на принуда во сите овие случаи бил стравот од присилно јавно откривање.

Централната активност на нашиот проект е развој на големо истражување посветено на дигиталното однесување, приватноста и искуствата поврзани со јавното откривање. Прашалникот е осмислен за да испита дали квир луѓето го менуваат начинот на кој ги користат социјалните мрежи и дигиталните платформи поради загриженост од несакано откривање на нивниот идентитет.

Дел од прашањата што ги истражуваме се:

  • Дали луѓето избегнуваат да објавуваат одредени содржини на интернет?
  • Дали користат приватни или анонимни профили?
  • Дали ги одвојуваат различните групи следбеници?
  • Дали ги ограничуваат интеракциите со партнери, пријатели или квир заедници на интернет?
  • Кои дигитални платформи се доживуваат како безбедни, а кои се сметаат за ризични?

Со систематско собирање на овие искуства, се надеваме дека подобро ќе разбереме како загриженоста од јавно откривање влијае врз дигиталното учество и изразување.

Создавање простор за гласовите од заедницата

Анкетата е само еден дел од проектот. Собраните податоци ќе послужат како основа за серија аналитички текстови што подлабински ќе ги разгледаат наодите.

Нашата цел не е само да создадеме статистика, туку и да отвориме простор во кој ќе се слушнат квир гласовите. Дискусиите за онлајн безбедноста често ги превидуваат специфичните искуства на квир заедниците. Со фокус на јавното откривање и самоцензурата, сакаме да ги истакнеме предизвиците што често остануваат невидливи, иако влијаат врз секојдневниот живот.

Важно е што проектот не им пристапува на квир луѓето само како на субјекти на истражување, туку како на учесници чии искуства и перспективи се неопходни за разбирање на проблемот.

Зошто оваа тема е важна

Стравот од јавно откривање не е видлив. Тој не се појавува во полициски извештаи, медиумски наслови или јавни дебати. Наместо тоа, често се манифестира преку мали одлуки: да не се објави фотографија, да се избегне коментар, да не се приклучи на група или да се одржуваат повеќе онлајн идентитети. А се манифестира и во посериозни ситуации со поголеми последици, во кои поединци се согласуваат на нешто под принуда, од страв дека нивната сексуална ориентација ќе биде јавно откриена.

Разбирањето на овие искуства е важно не само за квир заедниците, туку и за секој што е заинтересиран за дигиталната демократија. Смисленото учество на интернет бара повеќе од пристап до технологија. Тоа бара и можност луѓето да комуницираат, да се поврзуваат и да се изразуваат без страв.

Поглед кон иднината

Проектот во моментов е фокусиран на собирање и анализа на искуствата на заедницата преку анкетен процес. Очекуваме наодите да понудат вредни увиди во тоа како дигиталните средини влијаат врз учеството и видливоста на ЛГБТИ+ луѓето во Србија.

Покрај објавувањето аналитички текстови, се надеваме дека проектот ќе придонесе кон поширока дискусија за приватноста, дигиталната безбедност и правото на контрола врз сопствениот идентитет на интернет.

За Центар Е8, најважната лекција досега е препознавањето дека некои од најзначајните пречки за учество не се секогаш видливи. Преку слушање на искуствата од заедницата и внимателно документирање, се надеваме дека ќе ги направиме тие пречки полесни за разбирање — и најнакрај и потешки за игнорирање.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.