Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Јамајка: Високи стапки на бременост и сексуално насилство кај тинејџерите

И покрај зголемената свест за контрацепциските средства, бременоста кај адолесцентите продолжува да преставува голем здравствен проблем во Јамајка, со 35% од жените коишто ја доживуваат својата прва бременост на деветнаесет години. Во повеќето случаи, бременоста е непланирана.

Во истражување спроведено во март, 94% од интервјуираните бремени тинејџерки изјавија дека нивната бременост е ненамерна. Истото истражување покажа висока стапка на сексуално насилство меѓу тинејџерките кои се бремени, но и меѓу оние кои не се. Речиси половина од тинејџерките на возраст од 15 – 17 години, во Кингстон, Јамајка,  коишто беа интервјуирани изјавија дека доживеале сексуална принуда или насилство. Една третина од овие тинејџерки изјавија дека биле убедувани или принудувани да го доживеат своето прво сексуално искуство.

Освен сексот под принуда, како фактори коишто придонесуваат за високите стапки на бременост во Јамајка, UNICEF ги наведува факторите како ниската стапка на примена на контрацепциски средства, раната возраст на која се почнува со сексуалниот живот, размената на сексуални услуги за средства и слабиот пристап до информации за безбеден и одговорен секс.

Thinkbass опишува сцена на која била сведок додека работела како стажант во една болница во Св. Катерина, Јамајка. Таа вели:

„Додека бев на должност навечер, беше вообичаено да сум сведок на две или три делумни пометнувања (повеќе не ни се допаѓа терминот „абортус“)…. Поголемиот дел се на возраст под 30 години, неколку над 40, но алармантен број пометнувања беа кај девојки под 21 година. Потресната природа на проблемот најдобро може да се објасни со кратки анегдоти.

Возраст 16 години. Проблем: Делумно пометнување

Потресна карактеристика (ПК): Прашува глупавиот доктор (јас) „Кое е името на партнерот (таткото на бебето)?“ Молчаливо зјапање, па мрморење „Зинги“. Воздивнав и го оставив пенкалото. „Кое е неговото вистинско име?“ Ме погледнува и се врти кај мајка си на помош…. Мајката бара да почекам дури оди надвор да го потврди името на човекот. Да, точно така. Таа не го знае ни името на човекот! Му го нудела своето младо тело, а не му го знае ни името. Тој има најмалку 30 години.”

Саша Д., како одговор на постот објавен на блогот Jamaica Gleaner, ја споделува сопствената приказна за тоа како и самата била бремена тинејџерка. Вели дека единственото нешто што ја спасило била нејзината мајка:

„На возраст од 17 години, неискусна надвор од гимназијата, невина за светот и без никакво знаење за мажите, се најдов бремена само по една вечер забавување. Момче, коешто и не ми беше ништо друго, го искористи фактот што го напушта островот, а јас бев премногу пијана да речам не! И така, по 2 минути… можеби и секунди, бркотница …. токму тоа и беше според мене… забременив.

Кај кого се обратив? Кај мајка ми! Мама беше повредена, вознемирена, лута, полудена, дури и посрамотена… но, ги остави чувствата на страна, и …остана со мене до крајот. И поради тоа стекнав храброст, инспирација да продолжам по раѓањето на бебето. Се вратив на училиште, дипломирав и продолжив на универзитет. Што ако мајка ми ме исклучеше од нејзиниот живот? Каде ќе одев? Што ќе станев? ”

Приказната на Саша Д. очигледно не е вообичаена. Во Јамајка, само 34 проценти од мајките – адолесценти се враќаат на училиште по раѓањето. Истражувањето спроведено во март додава дека бременоста кај адолесцентите, исто така, придонесува за покачена морбидност и смртност кај мајките и децата и намалена веројатност дека мајките ќе бидат вработени и добро платени.

Боб, исто така како одговор на постот објавен на блогот Jamaica Gleaner, предлага решение кое би помогнало да се намали стапката на бременост кај тинејџерите. Тој вели:

„Повеќето родители во Јамајка се толку засрамени од одредени делови од телото и од нивната сексуалност, така што не можат да разговараат за секс со нивните млади ќерки – тинејџерки. Но, тие не знаат дека тоа што така постапуваат ќе им се качи на глава. Кога не ги учиш децата како да постапуваат како можеш да ги обвинуваш?… Инсистирам на тоа да почнат да ги учат нивните ќерки за сексот на возраст од 10 години“.

Други тврдат дека законите за абортус во Јамајка мора да се разлабават, така што жените и девојките – тинејџерки ќе имаат пристап до безбедни и легални абортуси. Постот The Perception and Self-Perception of Women and Their Effects on Health Globally (Согледувањата и самосогледувањата на жените и нивните ефекти врз здравјето во глобални рамки) објавен на еден блог ги анализира овие закони:

„Абортусот во Јамајка сè уште се смета за федерално кривично дело освен во некои случаи (управувани од двосмислено „општо право“): а) значаен деформитет на фетусот, б) кога бременоста претставува закана по животот и здравјето на мајката и в) во случај кога бременоста е резултат на силување или инцест“. Сепак, од 2004 година па наваму, трета водечка причина за смртта на мајките во Јамајка се небезбедните абортуси.“

Гордон Сваби од Јамајка на блог пишува за неговото мислење дека абортусот треба да се легализира во Јамајка. Тој вели:

„По ѓаволите, кој одлучува што можам или не можам да правам со неродено дете. Ви велам тоа се чисти глупости. Толку многу деца се родени во неподготвени и незрели фамилии. Идиотиве претпочитаат детето да се роди и да заврши на улиците затоа што неговите родители не можат да се грижат за него, а ни државата нема некој ефективен систем за да се грижи за овие деца… ако одлучат да не го легализираат абортусот, нека не го прават тоа врз религиозна основа, нека го направат врз логичка основа. ”

Истражувањето предлага други решенија за да се победи бременоста кај тинејџерките коишто вклучуваат охрабрување на адолесцентите да го одложат времето кога треба да го доживеат првиот секс и обесхрабрување на тоа да се има повеќе партнери. Исто така, предлага дека на половото насилство треба да му се пристапи на ниво на заедница.

Thinkbass додава дека жените и девојките треба да почнат и да се почитуваат самите себе. Таа вели:

„Има многу бремени тинејџерки кои на 30 години ќе станат баби. Има многу жени кои се во петта или некоја друга бременост и сакаат повеќе – ги предизвикуваат слабите мажи повеќе. Неколку ХИВ позитивни мајки кои НЕ се во прва бременост (една беше во деветтата бременост). И ме засмејуваат. Во последните часови врескаат и го повикуваат Господ на помош. Една дури прашува што направила за да го заслужи ова. Но, ниту еднаш не чув една да извика : „Никогаш повеќе. Не сакам повеќе да го правам ова.“

Кога нашите жени се претворија во контејнери, депонии за спермата на мажите? Кога стана легализирано за нас да ги навредуваме нашите тела со одливи? Кога решивме дека е „добро“ за нас на млади години да ги мачиме нашите цвеќиња со прегруби пениси и со преголеми бебиња? Од кога мажите владеат со нашите тела? Како може тоа што тие го бараат да е евангелие дури и да значи наша смрт? “

Фотографија од девојки од Јамајка од marco annunziata на Flickr.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.