Денес, во многу делови од светот, вообичаено е да имаме посебни денови посветени на блиските личности во нашиот живот. Така, ги имаме Денот на мајката, Денот на таткото и слично. Меѓутоа, во Индија, бенгалските зетови се традиционално прославувани, со многу фанфари, во една прослава/народен обичај наречен џамаи шашти – специјален ден за нивните џамаи [зетови].
На овој среќен ден, омажената ќерка и зетот, по покана од родителите на девојката, зетот се опкружува со почести, му се нуди еден вкусен оброк и го украсуваат со подароци од неговата свекрва. Зетовите се радуваат на овој ден и ако случајно годинава се наоѓате во посета на Калкута на 17-ти јуни (кога се слави џамаи шашти), можно е да видете значителен број на оженети мажи кои рано наутро заминуваат од своите канцеларии за да не го пропуштат празникот и шансата да бидат третирани од своите свекрви како кралеви.
Блогерката Пoo се сеќава на џамаи шашти како на „ден за забава“. Таа пишува:
Свекрвите постат и се молат за своите зетови. Еден ден претходно јадат обилен ручек кај свекрвата, место каде што не само тато, туку сите добивавме богати подароци … Добивавме нова облека и јадевме вкусна храна. Тоа беше ден за прослава
Во еден весел пост, Камалика ја потенцира „вистинската причина“ заради која родителите на девојката го прославуваат традиционално овој ден. Таа вели:
На некој начин, родителите на девојката ги поткупуваат зетовите за да ги прават своите жени среќни.
Аритра ни нуди хумористичен аспект на процедурите на тој ден и забележува дека понекогаш е лесно да погодиш кој зет е „нов“ . Согласно со него:
Ова е многу интересен обичај кој го почитуваат повеќето бенгалски свекрви и ги галат, ги хранат и ги даруваат своите зетови – и сето тоа во еден ден! … зетовите одлично си поминуваат, но сѐ зависи од тоа „дали се нов или стар модел“- „новите модели“ зборуваат помалку и покажуваат некаква ограниченост во своите движења освен што постојано им се поклонуваат на постарите и им ги допираат нозете и запознаваат нови лица. Реакцијата на сите луѓе кои ги среќаваат е иста – biyete dekhechilam ..tarpor ei kotah holo (последен пат те видов на свадбената церемонија…а сега можеме да позборуваме). Со глупава насмевка на лицето зетот се обидува да го одбегне сето ова и да стигне до чинијата и до послужавникот. Еден совет за новите: избегнувајте да земате по втор пат од истиот послужавник, бидејќи изборот е голем! И совет за постарите: Вие веќе знаете што да одбегнувате!
А потоа, тука се и подароците! Од обете страни на семејството. Тие се често ограничени на облека! Но подновувањето е секогаш добредојдено! Само на овој ден, вашата свекрва, доколку е љубезна, ѝ забранува на својата ќерка да се меша и се чини дека сопругот (конечно) станува навистина важен! А во текот на останатите 364 дена ситуацијата е обратна (да, да знаеме)!
Во денешницата, животот е брз и децата често живеат далеку од своите родители. И покрај тоа, прославувањето на џамаи шашти продолжува да опстанува, во овие случаи претрпувајќи неколку мутации [бенгали дијалект]. На зетовите кои живеат во далечни земји, им се честита телефонски, во ресторантите се поставуваат обилни хамаи шашти оброци за зафатените Бенгалци кои веќе немаат време или трпение да прават традиционални деликатеси и родителите користат веб-камери за да се договорат со своите деца околу изборот на подароците.
Денес, оженетите мажи, исто така треба да се трудат за да го заслужат оброкот џамаи шашти, забележува Камалика и им нуди неколку совети на мажите кои се надеваат дека ќе бидат послужувани од своите шашури (свекрви):
На сите мои пријатели кои се оженети…научете се да ги заслужувате оброците и подароците за Џамаи шашти, инаку…. вашиот ден можеби и нема да биде онаков каков што го замислувате! Можеби нема да ве почестат по втор пат, раскошна храна и онаа почест која ви се дава на овој ден! Бидејќи во овој свет, ништо не е џабе…затоа, за да го заслужите послужавникот, треба да научите да им ласкате на вашата шашури и на вашата жена во текот на целата година…!
Интересно е да се забележи дека Џамаи Шашти беше и името на првиот бенгалски звучен филм прикажан во 1931 година. Аритра се шегува,
Значи зетот ја додаде звучната димензија на една и онака нема епоха!
Сликата е од: Тапас Сен Гупта – Creative IRIS, на Flickr