Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Индиjа: Економска блокада во Манипур


Погледни поголема мапа

Североисточната држава Манипур во Индија се соочува со хуманитарна криза со зголемените цени на неопходни средства поради тоа што беше подложена на блокада на Националниот автопат 39 (NH-39), кој го поврзува Имхал (Манипур) со Кохима (Нагаланд). Од 12 април 2010 година, студентскиот сојуз „Нага“ и сите студенти при студентскиот сојуз во Манипур започнаа блокада протестирајќи против одржувањето на избори за Совет на шест автономни подрачја. Блокадата се засили откако на 3 мај државата го одби влезот на NSCN (IM)лидерите. Резервите на неопходните средства и продуктите за спасување живот речиси пресушија.

Еве едно видео кое покажува како кризата со гориво го погоди Манипур. Продавниците дури нудат и бесплатно гориво со цел да купат телевизори, машини за перење и фрижидери.

Територијалните спорови помеѓу Метеи, примарна етничка група населена во долините, и Нагас кои се населени на ридскопланинскиот дел од земјата, од каде и потекнуваат корените на овој проблем. Намрада Госвами при Институтот за одбрана и анализа ни кажува нешто повеќе за конфликтот и ги открива последиците:

Кога останатиот дел од Индија и светот чекорат напред преку интерактивен и вклучителен начин и покрај бројните шанси, луѓето од Манипур и Нагаланд чекорат назад кон носталгија, територијална исклученост, ксенофобија и гето тенденции кои се надвор од синхронизираниот модерен свет [..]

Последиците од оваа блокада се многукратни.

Најпрво, тоа значително ја разгоре етничката омраза и поделба помеѓу горенаведените етнички групи така што на 22 мај 2010 година во Кохима, претседателот на службата за граѓанско општество „Нага Хохо“, Кевилето Киевхо, изјави „ние сакаме целосна поделба помеѓу овие две етнички групи – Нагас и Метеи. Ние сакаме да бидеме народи со два различни идентитети и не можеме повеќе да коегзистираме.”

Второ, поделбата ,исто така, стана значително политизирана.

Трето, Манипур се соочува со хуманитарни трагедии од секаков вид. Еден килограм ориз сега чини половина евро; еден литар бензин има цена од околу 2,61 до 3,48. евра. Дизелот не е достапен на бензинските пумпи, а LPG цилиндарите се достапни за цена од 17,39 до 26 евра. Затворен е и јавниот дистрибутивен центар.

Во неделниот весник The Hoot, Тереза Рахман објаснува како етничките предрасуди се вовлекуваат во локалните медиуми и за тоа како главните медиумски извештаи ги загреваат поделбите и понатаму.

Читра Ахантем пишува од Манипур преку гостински пост на The Spaniard In The Works:

Секој ќе се запраша што е она што го прави Манипур толку поврзан со економските блокади. Одговорот лежи во топографијата и начинот на живеење на една мала земја која зависи од нејзините два национални автопати низ кои се увезуваат неопходните средства за живеење како што се: храна, лекови, гориво (бензин, дизел, LPG). Мнозинството на етничката група Метеи живеат во рамнинските предели додека други бројни малцински групи се населени на ридските региони каде поминуваат автопатите. На тој начин, блокирањето на автопатите влијае не само врз животот, туку и врз економијата бидејќи многу луѓе зависат од сообраќајот на улиците како што се: возачите, транспортерите, патници кои патуваат со автобус и сл.

[..] Блокадата премина во суптилна политичка драма: една заедница против друга. Дури и камионите кои увезуваа производи во државата беа напаѓани па затоа транспортерите одбија да поминуваат на овие автопати.

Според тоа, не само што производите се премногу скапи и во мали количини, туку Вие треба да сте среќни ако успеете да добиете некого на мобилен телефон: мобилните оператори не можат да работат без дизел горивото, а Интернет конекциите честопати потфрлуваат. Електрична енергија? Тоа е она што ние го добиваме постојано нередовно: најмногу 5 часа од денот сме без струја и ние сме среќни што блокадите не значат всушност кратење на електрична енергија. Еве, на пример, минатата ноќ, училиштето на мојот син ме извести дека училиштето ќе биде затворено бидејќи возилата ќе останат на автопат за да го добијат горивото кое им следува.

Ова не е прв пат да се случи ваква блокада. Читра информира:

Во 2005 година, имаше економска блокада на автопатите која траеше 52 дена и која беше наметната од страна на студентскиот сојуз кој бараше посебен универзитет.

Пејсаж во Манипур. Од Flickr корисникот Brajeshwar. CC BY-NC-SA

Капил Арамбам за магазинот My Manipur (Мојот Манипур) потврдува дека состојбата не е невообичаена за Манипур и дека тие покажале голема флексибилност. Но, сепак, за се постои граница, па така прашање на време е дали јавните безредија ќе продолжат да се шират.

Централната власт е обвинета за занемарување на овој проблем. Кумантем Сеилех вели:

Моменталната состојба и криза со која се соочуваат луѓето од Манипур се резултат на суровото однесување на Центарот кон Манипур. [..] Зошто Центарот не може да ја укине блокадата која е наметната пред повеќе од 2 месеци од страна на некој студентскиот сојуз кога луѓето од другите земји умираат и гладуваат поради блокадата за нивно спасување?

Зарем Центарот не може да обезбеди безбедносни сили за да се осигури дека стоката од камионите безбедно ќе пристигне во Манипур или пак, зарем не можат да употребат паравоена или државна сила за да го протера малиот завојуван студентски сојуз?

Заедничката изјава на Комисијата за човекови права во Азија и Комисијата за сигнализација на човековите права обвинува дека:

Владата на Индија има единствена одговорност што дозволи овој проблем да се заостри до овој степен. Моменталната состојба е предвидлив резултат од лошите политики на Владата на Индија, за посредување со криминални елементи кои функционираат во регионите, како што се Муивах и Ибоби.

Иако можеби предоцна, но по 65 дена од блокадата, државната власт конечно реши да испрати војска за да се отстрани блокадата во Манипур. Според последните извештаи, студентската група најави привремено укинување на економската блокада од денес (вторник), 18 часот, по барање на Премиерот и Министерот за внатрешни работи.

Групата, исто така, изјави дека тие ќе ја продолжат блокадата доколку не бидат исполнети нивните основни барања вклучувајќи објекти со подобри услови за околу 500,000 доселеници од Нага во Манипур. Прашање е колку долго овие блокади ќе продолжат да го отежнуваат животот и благосостојбата на повеќе од еден милион жители?

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.