Антивладини протести го тресат новото раководство во Бугарија
Nevena Borisova Марко Манчеванглиски
Назначувањето на контроверзниот заменик лидер на турската етничка партија на Бугарија на чело на Националната агенција за безбедност предизвика огромен бран негодувања ширум земјата. И тоа негодувања против владата која е на власт само две недели.
Повеќе од 10,000 луѓе се собраа во главниот град Софија на 14 јуни 2013 година, откако Делијан Пеевски (Delyan Peevski), медиумски магнат и член на Движењето за права и слободи (Movement for Rights and Freedoms (MRF), кој бил замешан во неколку корупциски скандали во изминатите години, беше одреден за клучната функција само по 15 минутно гласање во Собранието, без никаква дискусија.
Масовниот протест беше организиран за неколку часа преку социјалните мрежи. Иако истураше дожд во градот, илјадници присуствуваа пред седиштето на владата. Се организираа протести и во внатрешноста. И по шест дена, протестите продолжуваат.
По првиот ден од неочекуваните протести, Пеевски најави дека е подготвен да се повлече од функцијата.
И покрај неговото соопштение, демонстрациите продолжија со засилено темпо во текот на наредните денови. На 16 јуни, 15,000 луѓе се собраа за антивладин протест против владејачката Социјалистичка партија на Бугарија, како и обединетата партија на етничките Турци MRF, која претходно го поддржа назначувањето на Пеевски за споменатата функција.
Демонстрациите вршат притисок врз новата влада, која стапи на власт преку изборите одржани на 12 мај 2013 година по повлекувањето на владата на Бојко Борисов во февруари. Претходната влада се повлече по масовните протести поради високите цени за електрична енергија, нискиот животен стандард и повеќе корупциски скандали. Тие протести, иако сѐ уште скорешни и без преседан за тоа време, денес се под закана од масовноста на сегашните демонстрации, кои се чини ќе станат уште помасовни.
Бугарскиот блогер и новинар (вклучително и во Глобал Војсис) Руслан Трад (Ruslan Trad) на Фејсбук ги изрази [буг] своите согледувања за сегашните демонстранти:
Не можам да одречам една важна работа во однос на протестите, профилот на огорчениот демонстрант е различен овојпат. Видов многумина од моите блиски, луѓе кои ги познавам, некои од нив никогаш не протестирале. Замислете колку тие се мотивирани поради владата за да излезат на улица?
Новинарката Лубослава Русева (Luboslava Russevа) го изјави [буг.] следното за настаните и за заднината на Пеевски, обележана со серија скандали и контроверзии:
Тешка задача е да се коментира овој монструозен цинизам, така што ќе се обидам да подгреам малку со неколку факти од прогресивната кариера на господинот „Силна Рака“.
Бугарскиот неделник Капитал нѐ потсетува на најголемиот скандал за кој е прикачено името на Пеевски, поврзан со приватизацијата на салата „Универзијата“ во Софија, како и на спортски комплекс лоциран на приморјето, близу Златни Песоци.
Приказната вели вака:
Мајката на Пеевски – Ирена Крастева е шеф на Бугарскиот спортски тотализатор [Бугарската национална лотарија]. Заедно со неа, Пеевски се зближи со тогашниот Министер за спорт, Васил Иванов – Лучано. Така имотите се одделени од државна компанија кон јавно – приватно партнерство, каде учествува приватна поврзана со Лучано.
Во изминативе години, корупциските скандали како претходно споменатиот случај опишан од Русева, станаа честа практика и општо познати помеѓу граѓаните на Бугарија. Помеѓу другите скандали од таков вид, Делијан Пеевски беше отпуштен во 2007 година од тогашната функција Заменик министер за управување со кризи, по серија на корупциски скандали. Како што Софија Ехо извести, Пеевски бил вратен на функцијата истражен судија во Софија, со одлука на Уставниот судски совет, на 14 ноември 2007. Со оглед на оваа заднина, назначувањето на Пеевски за шеф на Националната агенција за безбедност наиде на остри реакции онлајн.
Светлана Георгиева, бугарски новинар, го оплакуваше назначувањето [буг.] во едиторијал за дневниот весник Сега:
Најстрашниот кошмар нѝ стана јаве. Бугарија не е повеќе демократска парламентарна република. По назначувањето на Делијан Пеевски за претседател на Националната агенција за безбедност, по најодвратната зделка на векот, Бугарија има олигархска структура.
Христо Комартниски, еден од најпознатите бугарски карикатуристи, напиша [буг.] на Фејсбук:
Добро де, кога ќе си помислам и не е некоја вест дека мафијата си има своја држава.
Иван Бакалов, главен и одговорен уредник на E-vestnik.bg, алтернативен бугарски онлајн портал, коментираше [буг.] во едиторијал за владејачката класа:
Тие [политичарите на власт] целосно го уништија впечатокот дека постои каква било експертиза во кабинетот. Дури и некои министри станаа смешни и трпат негативни коментари како дел од таа гарнитура поради назначувањето на Пеевски.
Умреа надежите за Бугарија да има релативно разумна влада, која би ја избавила земјата по заминувањето на ГЕРБ [претходната партија на власт].
Бакалов додаде:
Премиерот Пламен Орешарски и Бугарската социјалистичка партија ги имаа своите пет минути и ги загубија, можеа да се спротивстават на притисокот од MRF за изборот на Пеевски, а исходот од тоа би бил повлекување на владата и нови избори наесен. Сега, опстанокот на владата е доведен до прашање. Не може да се предвиди кога ќе има избори.
Како што претходната влада падна и свика предвремени избори поради протестите, се чини дека истото ги очекува и социјалистите како дел од владејачкото мнозинство. Некои од нив, како Бакалов, се револтирани дека Социјалистичката партија попушта пред MRF, со која имаат формирано мнозинство, со цел задржување на владата во тој состав. Протестите и огромното незадоволство од владата на Бугарија продолжува.