Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Македонија: Родови аспекти на Светското првенство во фудбал

Македонскиот блогер и писател Дејан Велковски – Внукот изрази незадоволство од првите три дена од Светското првенство во фудбал, кое го смета за едно од најнеатрактивните во историјата.

Според него, примената на ’бункер тактика‘ го убива фудбалот, бидејќи селекторите го паркираат „тимскиот автобус пред гол“ и не мрдаат, а нападот го оставаат на среќа. Тој смета дека Блатеровите (англиски) одлуки за навивачките реквизити „е најкатастрофалното нешто што затрубило во фудбалот уште од моментот кога дозволија финансиски криминалци да купуваат тимови во Премиер лигата“. Како резултат, наводната „фантастична атмосфера“ од описите на ТВ-коментаторите нуди помалку возбуди од турнир во шах.

Покрај тоа, Внукот го критикуваше и медиумското покривање:

Кон одбивноста на ова првенство придонесуваат и македонските медиуми. Следејќи ги стереотипите, се отепаа од дрвење како тоа мажите сега ќе гледале фудбал, а жените не смееле ништо да прават, па листата и правила за што и како и слични повраќаници. Сето тоа е едно одлично четиво, за луѓето кои благодарение на некоја темпорална аномалија заглавиле во 1950 година!

Најголемиот дел од моите другарки се поголеми фудбалски фанатици од мене, на пример. Истите тие, би ви ја отсекле раката ако за време на натпревар во кој се емотивно ангажирани се обидете да намалите тон (ич да не правам муабет за менување канал – веројатно следи кастрација). Од друга страна, имам многу другари кои се ама апсолутно незаинтересирани за фудбал. И сето тоа е сосема нормална појава во време кога секој си ги следи своите интереси без да се загрижи што ќе кажат за него комшиските сеирџии. Менталитет, тоа ти е!

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.