- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Активист за човекови права започна штрајк со глад за мигрантите пред Собранието

Категории: Западна Европа, Источна и Централна Европа, Авганистан, Германија, Грција, Македонија, Нигерија, Сирија, Сомалија, Србија, Бегалци, Војни и конфликти, Граѓански медиуми, Закон, Катастрофи, Меѓународни односи, Миграција и имиграција, Најважни вести, Политика, Протест, Хуманитарен одговор, Човекови права

Растечката криза со миграциите неодамна ги погодува и земјите во југоисточна Европа, и нови проблеми се јавуваат скоро секојдневно. Реагирајќи на нехуманиот третман на мигрантите кои минуваат низ Република Македонија, реномираниот активист за човекови права Суад Мисини [1] започна штрајк со глад пред зградата на Парламентот во Скопје. Тој го започна штрајкот веднаш штом објави три барања преку пост на Фејсбук [2] во недела на 14 јуни. Постот се здоби со над 300 лајкови и над 90 споделувања во текот на првиот ден.

Почнувам штрајк со глад.
Пред Парламентот.

Барам итно и веднаш:

  1. Итно усвојување на измените на законот за азил, кои ќе им овозможат безбеден транзит или привремен престој на бегалците кои минуваат низ територијата на Македонија, како и слободна употреба на сите јавно достапни средства за транспорт.
  2. Конкретни и јавно објавени мерки од страна на Министерството за внатрешни работи во насока на заштита на животот, сигурноста и имотот на бегалците.
  3. Итно ослободување на сите бегалци и имигранти уапсени во центарот на Гази Баба и негово итно затворање.

Штрајкот ќе трае додека овие барања не се исполнети.

Суад Мисини

Илјадници бегалци [3] од Сирија, Авганистан, Сомалија, Нигерија и други воени зони минуваат низ Македонија, патувајќи од Грција кон Србија со цел да стигнат до Германија или други побогати земји на ЕУ. Мигрантите пеш ја следеа железничката пруга, при што беа жртви на страшни „несреќни случаи“. [4] Од неодамна мигрантите користат велосипеди, кои по наводно драстично зголемени цени ги купуваат во јужните македонски градови за да ги возат по главниот автопат [5]. Многу од нив се жртви на разбојнички банди и трговци со луѓе [6]. Некои од бегалците властите ги задржуваат како „сведоци“ во Центарот за прием на странци „Гази Баба“ во Скопје [7], каде условите за живот, според народниот правобранител Иџет Мемети се „нехумани, нездрави, недостоинствени“ [8].

Владата треба да дискутира за амандманите на  Законот за азил на 16 јуни [9].