Ерменија – Азербејџан: Пронаоѓање зедничка територија онлајн

Осврнувајќи се на успехот на стипендистот на Rising Voices, Ceasefire Liberia, кој е граѓански  сајт што се занимава со конфликти и помирувања и придонесе за прекинување на огнот во Либерија, Global Voices забележува нова активност во истата област во Кавказ.

Делумно ова е благодарение на известувањето на Global Voices за потенцијалната улога која социјалните медиуми може да ја имаат во оваа област. Секако тие директно ја олеснуваат комуникацијата и соработката помеѓу блогерите и активистите, со што како резултат од тоа некои од нив се вклучени во НВО кои работат во оваа област, на двете страни од огнената линија која ги одделува отуѓените соседи Ерменија и Азербејџан.

Оттогаш, се работи на нови и возбудливи проекти за воспоставување на дијалог и мир во регионот со употреба на нови социјални медиуми во нивните активности. Исто така минатата година оваа можност беше разгледана во поткаст интервјуто со Мајкл Богар од Американскиот универзитет заедно со известувањето за другите проекти во истата област како што се DOTCOM на PH International и проектот на еден од уредниците на Global Voices на Кавказ. Како што еден азербејџански блог „Летечки килими и расипани цевководи“ известува во јануари:

Ова би требало да биде вистински напредок во градењето на дијалог помеѓу двете страни и нивниот народ, а можеби и почеток на силни врски. Овие патувања покажуваат дека е возможна коегзистенција и дека е потребно малку напор и желба да се оствари таква соработка и соживот. Можеби е време да престане да се користи конфликтот Нагорно-Карабах како адут за зголемување на преградите и непријателството помеѓу двата народи и да се заменат со повеќе иницијативи како оваа.

Оксфам на неговиот блог коментираше за известувањето иницирано од Global Voices

Жестокиот конфликт за регионот Нагорно-Карабах продолжува да го вознемирува Кавказ. Додека преговорите се интензивираа во текот на минатата година, односите сè уште се напнати на првите позиции и иднината на оваа територија е нејасна… Оксфам моментално не дејствува во Негорно Карабах поради чувствителноста, можеби во иднина социјалните медиуми ќе помогнат да се отворат нови комуникациски канали и во крајна линија ќе го зајакнат развојот во целиот регион. Во подолг период социјалните медиуми дури можат да имаат улога во евентуалното разрешување на конфликтот.

Дури и ако цивилното општество ги има направено само првите, мали чекори во светот на социјалните медиуми во Кавказ…

Како резултат, отворената комуникација која може да се најде онлајн е без преседан во последните неколку години, но , како што Оксфам посочува, сепак е во рана фаза. На пример, Caucasus Edition, неодамна објавен онлајн академско списание, во кое има и оддел за блогови кои директно се занимава со конфликтот помеѓу Ерменија и Азербејџан за спорната територија на Нагорно Карабах. Во еден пост Ефган Нитијев (Efgan Niftiyev) објаснува зошто решавањето на конфликтот е во мирување по прекинот на огнот во 1994, но тоа не ги решава работите.

Војната во август 2008 во Грузија за само неколку дена покажа колку опасен и фатален може да биде еден конфликт. Исходот на петдневната војна помеѓу Русија и Грузија, предизвика внимание од меѓународната заедница за замрзнатиот конфликт во Јужен Кавказ…

[…]

Зголемените напори од интернационалните учесници покажаа разбирање дека без решавање на конфликтот Нагорно Карабах, нема друг начин да се постигне соработка и стабилност во Јужен Кавказ…

[…]

Ако има недостаток на напредок, можно е да има уште една крвава војна во Јужен Кавказ… Азербејџан, според неодамнешните изјави од официјалните лица наскоро може да смета дека војната е единствено решение за проблемот. Уште една војна во регионот може да доведе до катастрофа и неизбежни резултати за луѓето во регионот, со оглед на тоа дека тие се оние (Азербејџанците и Ерменците) кои страдаат од нетрпеливоста. Затоа меѓународната заедница и лидерите на спротивставените држави мора да преземат иницијатива пред работите да достигнат до точка на воена состојба, како што беше случајот со Грузија.

Пишувајќи на истата страна Афа Ализада, вели дека сегашната состојба не придонесува за пронаоѓање на долготраен мир.

… ако има напредок тоа ќе биде резултат на значителниот компромис од двете страни. Без оглед на тоа што е постигнат договор зад затворени врати, ќе биде невозможно да се имплементира ако очекувањата на Ерменците и Азербејџанците се преголеми и не ја рефлектираат реалноста на тоа што се може да се постигне со мирно решение… Во меѓувреме, лидерите на двете држави треба да се повлечат од воената реторика и да го олеснат контактот помеѓу Ерменците и Азербејџанците со цел да ги подготви за потенцијалните незадоволувачки концесии.

Арзу Гејбулајева, која беше интервјуирана од Global Voices пред околу една година и сега е заменик уредник за страната, заклучува дека дијалогот е неопходен.

Често ја занемаруваме важноста на зборот -дијалог. Во секојдневниот говор, постојано го користиме кога разговараме со родителите, роднините, пријателите, соседите или колегите на работа.

[…]

Сега, да се свртиме кон покомплицираниот контекст на „пост-конфликт“, каде имаме цивили од двете страни со мал или непостоечки дијалог. Со појавата на такви ситуации, неверојатно е да се постигне мирно решение за двете страни.

Според мене, ваков е случајот со Ерменија и Азербејџан, две земји кои знаат многу малку една за друга и чиј народ е вклучен во многу слаб дијалог.

Нови & Социјални медиуми во трансформацијата на конфликтот Ерменија- Азербејџан

Види повеќе презентации од Oneworld Multimedia.

Случајно, истата поента не беше изгубена кај блогер кој живее во Ерменија после присуството на Баркамп во Ереван и презентација од Global Voices за употребата на социјалните медиуми во трансформација на конфликт. Le Retour (во 3 дела), забележува дека вкоренетите ставови за спорот навистина не помагаат.

… за време на периодот со прашања и оговори, две индивидуи изјавија дека Азербејџан треба прва да преземе чекор (кон решавањето на конфликтот), дека таму е „полошо“ и што со сите тие лаги кои азербејџанските медиуми ги објавуваат за Ерменија? И за само неколку секунди, ние сме повторно соочени со старите верувања за непријателот и на тоа дека сме „ние против нив“.

… Овие видови на изјави се блокади, тие не го придвижуваат разговорот напред, тие водат само кон ќор- сокак.

[…]

Мислам дека се е поради нивото на свест. Почнува тука, почнува сега. Со нас. Ние не ги чекаме владите ниту граѓанските организации. Ние почнуваме со секој од нас. Иако мислам дека треба се обратиме на национализмот кој е промовиран од медиумите и од државата, мислам дека таму не почнуваат промените или дека од таму треба да почнеме. Почнуваме со мене и тебе…

Блогерот исто така испрати во живо твитови со поенти и коментари од презентацијата.

Прво двете страни треба да сфатат дека сите страдаат. Тое е проблемот, секоја страна мисли дека страда повеќе ;( #barcampevn10

Во исто време, Global Voices посочи дека онлајн дискусијата, која сега се случува, може да се соочи со ризик од несакано внимание и акција од официјалните кругови кои се засегнати. На пример, во април еден азербејџански блогер беше малтретиран од група од нејзината држава откако презентираше со кавкаскиот регионален уредник на Global Voices. Оттогаш, вестите сугерираат дека обидите да се контролира ситуацијата сега постојат, особено поради зголемена активноста во областа на онлајн активизмот во Азербејџан.

Иако можеби најповрзани со внатрешната политичка непослушност како што Азербејџан се подготвува за парламентарни избори подоцна оваа година и со два блогери-активисти моментално во затвор, потенцијалните ризици со кои се соочуваат алтернативните гласови, кои може да се најдат онлајн, се навистина многу реалистични. Сепак, Mutatione Fortitudo, зазема по хумористичен поглед за вестите, кој официјален Баку може да ги бара за да добие поддршката на про-владината младина за борбата против појавата на различните мислења на блоговите и социјалните мрежи.

На Caucasus Edition, Анахит Ширијан, кој е ерменски координатор за организацијата одговорна за сајтот, ги поврзува двете со оглед на тоа дека ситуацијата во услови на конфликт им служи на оние кои се против идејата за демократија дома.

…Скоро две декади властите во Ерменија и Азербејџан успешно го користат овој метод за да им го одвлечат вниманието на луѓето од сериозните внатрешни проблеми кон непријателот кој е надвор. Анти-ерменската и анти-азербејџанската реторика многу често ги држи луѓето замолчени за човековите права и демократските прашања дома…

Со новите и социјалните медиуми кои сега се во центарот на вниманието во Баку и жестокото оспорување на претседателските избори во 2008 во Ереван, останува да се види дали загриженоста за можните нови рестрикции ќе се наметнат на онлајн активизмот. И ако се наметнат, таков чекор ќе биде индикатор за состојбата на демократскиот развој и за разрешавање на конфликтот во двете земји. Во меѓувреме, Евроазиската фондација за партнерство наскоро ќе вклучи мониторинг на пристрасност во онлајн покриеноста на конфликтот.

Целта на проектот е да придонесе за точно и непристрасно известување на билатералните релации помеѓу Азербејџан и Ерменија за конфликтот Нагорно- Карабах, посебно во онлајн медиумите и блогосферата, да заснова кооперативна мрежа на граѓани новинари, блогери и другите медиумски професионалци од Азербејџан и Ерменија.

Global Voices ќе продолжи да пренесува за ова и за другите случувања.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.