Гласачите на Мјанмар славеа на улиците, додека нетизените на Фејсбук го изразуваа воодушевувањето за резултатите од дополнителните избори каде беше забележан невиден пресврт и победа за опозициската партија.
Резултатите покажаа дека 43 од 45 пратенички места ѝ припаднаа на опозициската Национална лига за демократија (НЛД), вклучувајќи едно за лидерот и икона на глобалната демократија Аунг Сан Су Ки. Иако бројот на опозициски пратенички места е релативно мал во споредба со бројот од вкупно 600 места во парламентот, граѓаните на Мјанмар веруваат дека победата на опозициските кандидати е дел од транзицијата кон демократија.
Ваи Сое радосно забележува дека коментарите за време на дополнителните избори биле главно за изборите, а не за 1 април, денот на шегата:
Денес сум многу среќна бидејќи на Фејсбук не беше сè за денот на шегата ………… 🙂 🙂 🙂 ♥ ♥ ♥ ,,, насмевки на секое лице
Су Мјат Луин едноставно ја изрази својата среќа со следнава реченица:
Ние победуваме!
„Ние“ се однесува на повеќе од 50 милиони граѓани од Мјанмар.
Гласачите кои учествуваа на изборите од 1990 година кога доминираше НЛД се среќни што партијата на Аунг Сан Су Ки повторно забележа успех оваа година. Но, поголем дел од помладите гласачи, особено од оние кои гласале за прв пат, се горди на Заи Јар То, еден од четирите пионери на хип-хоп музиката во Мјанмар, кој освои место во парламентот за НЛД. Јан Јан Чан, рапер од музичката група АЦИД, постираше фотографија од неговиот пријател, направена од Лин Јонг.
Познатиот пејач Тан Тар Вин, ги објави активностите и прославите на улицата каде што се наоѓа штабот на НЛД:
само што се вратив дома.. Луѓето слават пред штабот на НЛД на Швегоне. Јеее!!!
И покрај спонтаните прослави од огромните толпи, Аунг Сан Су Ки прати забелешка до претставниците на нејзината партија да избегнуваат активности што може да ги разочараат другите партии и нивните членови.
Од друга страна, некои ја нагласија потребата од воведување повеќе реформи во управувањето, земајќи го успехот од овие избори како прв важен чекор на патот кон демократија. Чо Зин Винт коментираше на статија споделена од Наин Чан Хтве:
Да, сите треба да сфатиме дека за реформи е потребно време.. Не треба да очекуваме премногу…
Мјинт Мо Оо, исто така ги сподели нејзините чувства и размислувања за иднината на земјата:
Денот на којшто чекавме. Нашиот сон конечно се оствари. Сега е наша задача да останеме обединети, да одржуваме дисциплина и да се почитуваме меѓусебно за да можеме успешно и мирно да изградиме подобра иднина за нашата земја и нашиот народ.
Истовремено, зборовите „Аунг Сан Су Ки“ беа помеѓу најспомнуваните на Твитер, како резултат на големиот интерес од меѓународната заедница за дополнителните избори во Мјанмар. Трејси Нанг објави снимка од доста познат Твитер тренд каде ја има и Аунг Сан Су Ки:
Треперам. Сè уште не можам да поверувам. Толку пати се обидувавме да го ставиме нејзиното име во ваков тренд. Денес се случи бајка!!!!! Аунг Сан Су Ки. Топ 7, светски тренд на Твитер.
Откако владината новинска агенција МРТВ ги потврди резултатите, нетизените од Мјанмар ги сменија темите на разговор од избори, на листата на највлијателни луѓе за 2012 година на списанието Тајмс. Листата ги вклучува и претседателот на Мјанмар и главниот oпозициски лидер во земјата.