- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Најголемата руска социјална мрежа сега дозволува рекламирање на политичари, но не на сите

Категории: Источна и Централна Европа, Русија, Граѓански медиуми, Избори, Младина, Политика, Протест, Цензура, Рунет Ехо
[1]

Фотографија: Pixabay

ВКонтакте, најпопуларната руска социјална мрежа, ја отстрани забраната за политичко рекламирање, но сепак постави строги ограничувања за кои е веројатно дека ќе одат во прилог на политичкиот естаблишмент во државата.

Според веб сајтот „TJournal [2]“, политичкиот аналитичар Дмитри Ковалев неодамна ја забележал промената во политиката. Во напис на Фејсбук [3] напишан во понеделникот, Ковалев го насочи вниманието кон новите правила [4] поставени од ВКонтакте, во кои се вели дека забраната за политичко рекламирање на ова веб страница нема да се однесува на изборни материјали во Руската Федерација.

Дури и кога станува збор за изборни кампањи во Русија, ВКонтакте воведува неколку рестрикции, и тие се против секој кој е надвор од формалните политики во државата. Според новите правила, ВКонтакте ќе продава простор за реклами само на политички кандидати кои се официјално регистрирани во руската Централна изборна комисија (со исклучок на неофицијални кандидати, како што е Алексеј Навални во претседателската трка за изборите во 2018), регистрирани политички партии (со исклучок на опозициски групи на кои владата им забранува регистрирање), и социјални организации чии членови се регистрирани изборни кандидати.

Надвор од овие ограничувања, ВКонтакте јасно забранува „какво било рекламирање од политичка природа“, вклучително и реклами од политички публикации, веб страници на државни заменици, „политички актери“, државни службеници, и протестирачи, како и какви било реклами кои шират „ставови за политички настани.“

Од ВКонтакте изјавија за [2] „TJournal“ дека правилата за политичко рекламирање кои во моментов важат се всушност поставени минатиот септември, но компанијата одби да обелодени кои кандидати се рекламирале на нивната веб страница за време на парламентарните избори во Русија минатата есен.

Ковалев шпекулираше на Фејсбук дека дозволувањето на политичко рекламирање на ВКонтакте и Однокласники, двете најголеми руски социјални мрежи, и двете во сопственост на Mail.ru, можат да го создадат „најголемиот државен регулатор на внатрешна политика“.