Сноуден се засолни во Хонг Конг, дипломатијата помеѓу САД и Кина на тапет

Owen Guo
Марко Манчев

англиски

Како во холивудски филм: поранешен вработен во ЦИА обелодени документи со државни тајни за потоа да побара азил на непријателска територија, за конечно да исчезне од јавноста како што скандалот се подгрева.

Едвард Сноуден (Edward Snowden), 29 годишен американски технолошки специјалист неодамна се разоткри себеси како кодошот кој обелодени детали за далекусежниот телефонски и интернет мониторинг спроведен од страна на американската влада. Сноунден се криел речиси три недели во хотел во Хонг Конг, а се одјавил на 10 јуни 2013 година. Се верува дека тој сѐ уште се наоѓа во Хонг Конг, но неговата точна локација останува непозната.

Земјотресните откритија на Сноуден се совпаднаа со посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг (Xijinping) на САД, со цел продлабочување на дипломатските односи со претседателот Обама. Пред Си да го напушти Пекинг, медиумите шпекулираа дека САД ќе изврши притисок врз Кина поради сајбер шпионажата која со месеци ги демнеше двете нации. САД изјави дека Кина во неколку наврати извршила сајбер шпионирање, што за цел ги имало американските компании и владини органи, обвинение кое Кина одречно го негираше.

Сагата би можела да му потпомогне на Пекинг да придобие политички поени, како што беше цитиран експерт од страна на Вол Стрит Журнал (The Wall Street Journal). Во меѓувреме, медиумската хистерија околу Сноуден создаде националистички бран во кинеската блогосфера, каде од многумина интернет корисници ситуацијата беше оценета како шанса за возврат на душкањето од страна на владата на САД.

Едвард Сноуден, кој обелодени програми за надзор на владата на САД, зборуваше со Гардијан. Сликата е преземена од Youku

Јанг Руи (Yang Rui), водител на англискиот канал на кинеската национална телевизија CCTV, остави коментар на популарниот микроблог сервис:

Што би требало да стори кинеската влада? Млад и совесен американски граѓанин побара помош! Според БиБиСи: Поранешниот вработен во ЦИА изјави дека владата на САД по своја волја може да изврши надзор врз милиони телефонски повици и електронски пошти каде било во светот, Националната агенција за безбедност  (NSA) има пристап до серверите на девет интернет компании, како Фејсбук, Гугл и Јаху. 29 годишниот Сноуден останува во Хонг Конг, но се соочува со можна екстрадиција. САД ја обвинува Кина за кражба на IP адреси, но што прават тие самите?

Жанг Јианг (Zhang Jiang), професор по новинарство на Универзитетот за надворешни студии во Пекинг (Beijing Foreign Studies University), пишуваше на својата корисничка сметка на Weibo:

Она што Едвард Сноуден го стори ќе биде запишано во историјата на новинарството, неговото истапување во обелоденувањето на она што владата на САД го прави, би требало да биде негова заштита. Дури и под изговор дека се работи за антитерористички мерки, владата на САД нема право да поведе надзор на телефонските повици и електронски пошти на граѓаните во толкави размери, останатите земји би требало да научат лекција од целава ситуација.

Фан Хаитао (Fan Haitao), студент од Кина на Универзитетот Колумбија (Columbia University) во САД, го сумираше поделениот карактер на дебатата:

Американскиот граѓанин Едвард Сноуден обелодени дека владата на САД вршела надзор на телефонски повици, интернетот и електронските пошти, а сега владата се соочува со бура од критикување поради прекршувања на уставните одредби. Откако ги изгледав вестите на телевизија, сфатив дека постојат две поделени страни. Членовите на Конгресот веруваат дека е во ред владата да спроведува надзор, сето тоа се одвива под будното око на судот, а покрај тоа, извештаите од надзорот на телефонските повици не сочинуваат имиња, туку само времето кога се одвивале и времетраењето. Другата страна тврди дека треба да има сослушувања во однос на надзорот, при што јавноста треба да одлучи.

Истакнатиот просветен работник Ву Зуолај (Wu Zuolai) застана во одбрана на САД:

Некои држави користат надзор како противмерка на тероризмот, други го користат за кршење на човековите права, јавното информирање во демократските земји ретко се користи за лоши нешта, додека авторитарните држави го користат надзорот за да ја продлабочат авторитарноста.

Останатите, како што е Ахуа де Јисака Дао (Ahua de Yisaka Dao), се прашуваат зошто Сноуден завршил во Хонг Конг:

Ние интензивно го дискутиравме случајот со Едвард Сноуден, се работи за заплет како од блокбастер! Сметам дека е навистина чудно што дошол во Хонг Конг, зарем не знаеше дека Хонг Конг повеќе не е слободен, туку е под контрола на Комунистичката партија на Кина? Сме слушале за Кинези кои бараат политички азил во САД, интересно е да се види дали Американец би побарал политички азил од кинеската влада….

Лукјиу Лувеј (Lvqiu Luwei), познат телевизиски новинар кој има 2,7 милиони следбеници на Weibo, изјави:

За Сноуден, безбедно ли е тој да се наоѓа во Хонг Конг? Доколку побара политички азил, ќе треба долго да чека за потребните процедури, во тој период, тој би можел легално да остане, но не би успеала работата. Овдешните медиуми се во потрага потрага по него, конечно го пронајдоа и хотелот каде тој отседнувал, но биле информирани дека личност со неговото име се одјавил оттаму. Каде заминал? Дали ќе јаде кари во имотот на Чонгкинg (Chongqing)?

Гардијан, како и Вашингтон пост ја разоткрија сторијата за владините програми за шпионажа на 6 јуни 2013 година, без да го наведат Сноуден како извор, но подоцна тој изјави дека стои зад обелоденувањата. Во видео интервју објавено онлајн, Сноуден изјави дека одлучил да го напушти Хонг Конг поради неговата „посветеност кон слободата на говорот и правото на политичко несогласување“.

Хонг Конг, поранешна британска колонија, се поврати под кинеска власт во 1997 година. Со оглед на договорот за екстрадиција кој градот – остров го има склучено со САД, Сноуден сѐ уште ризикува да биде испратен назад и кривично гонет. Кинеската влада сѐ уште нема официјален став по тоа прашање поради тридневен празник.

Сепак, кинеските медиуми ја уловија оваа сочна приказна, изоставувајќи ја референцата на Сноуден за Хонг Конг како место со „слобода на говор“. Во Кина, цензурирањето на интернетот е секојдневие, додека легија од т.н. Интернет полицајци имаат за задача да вршат надзор врз дневнополитичката содржина.

Оттаму, не е изненадување што многу интернет корисници го слават Сноуден, некои велат дека пребегнал во погрешно место, посочувајќи дека деспотските политики на Пекинг искажуваат сѐ поголема контрола врз Хонг Конг.

Поранешниот предводник на Гугл филијалата во Кина (China Google), Каифу Ли (Kaifu Lee), го одликуваше Сноуден на Weibo:

Откако го гледав интервјуто со Сноуден, се восхитувам на неговите принципи и вредности и ја презирам програмата Призма на САД (името на програмата за надзор). Но сепак, тој ги прекрши законите на САД (со тоа што обелодени државни тајни). Па така, најдобриот исход би бил тој да добие политички азил (Исланд?).

Интернет корисникот Фенгмао Лингџиао (Fengmao Lingjiao) изјави:

Тој го избра погрешното место. Да се бара азил на место каде човечноста е во опаѓање, а вредностите се поткопуваат, тој само ќе биде употребен како алатка. Кина е газдата, газдата е варварски и неморален бизнисмен, има традиција на злостори и валкани зделки. Секојпат преостанувала филозофијата на „исфрлување откако услугата е исполнета“: владата некогаш беше земјопоседник и десничарски настроена.