Ситуацијата во Истанбул ескалираше во насилна откако полицијата презеде остри мерки против мирните демонстранти минатиот петок, 31 мај. Мирниот протест започна пет дена претходно, кога десетици луѓе се собраа да се спротивстават на урбаната реорганизација планирана од страна на Владата врз единствената зелена површина во Истанбул, паркот Гези. Полициската бруталност, употребата на солзавец, водени топови, удари со тупаници и пендреци, насочена кон протерување на демонстрантите предизвика масовни негодувања, откако слики на деца и постари лица кои се засолнуваат од солзавецот ги преплавија социјалните мрежи.
Наредното утро, сабота (1 јуни), илјадници се упатија кон плоштадот Таксим кој се наоѓа близу паркот, во знак на поддршка. Забележани се масовни собири за поддршка во другите градови низ Турција, како во Измир и во главниот град Анкара. Она што започна како мирен протест во одбрана на парк, на чие место треба да се изгради трговски центар, прерасна во масовен протест кој побарува повлекување од функцијата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, како што претходно извести и Zeynep Dagli:
Она што започна како група граѓани кои се противат на изградбата на трговски центар на местото на едно од нашите ретки преостанати зелени површини, прерасна во силен глас против влада која нема слух за своите граѓани. Ердоган изјави: „Одлучив и тоа е тоа.“, што долеа масло врз гневот кој сите го чувствуваа уште од претходно. Полиција со часови непрекинато прскаше со солзавец на сопствените граѓани, кои за возврат делеа храна на уморните полицајци. Уште позанимливо е што младата генерација која беше сметана за аполитична се обедини во еден глас и една сила. Сунитите, Шиитите, Ерменците, левичарите, националистите, Eвреите, сите едногласно се спротивставија на оглувената влада. Младите се обединија во еден глас, бидејќи тие никогаш и не чувствувале меѓусебни разлики.
Додека сѐ повеќе и повеќе луѓе се собираа во паркот Гези и на плоштадот Таксим во близина, испратени беа небројни повици за посветување внимание до светските водечки медиуми преку социјалните мрежи, бидејќи локалната покриеност беше потисната. Zeynep Dagli продолжува:
Локално, покриеноста е НУЛА. Фејсбук и Твитер се нашите единствени извори. Дури и тој начин на комуникација е попречен од блокатори поставени околу плоштадот. Локалните медиуми се потиснати од владата.
Емитувањето на СиЕнЕн, АлЏезеира, Би-Би-Си на локалната кабловска е спречено од владата.
Масовната супресија поддржана од државата веќе беше дискутирана неколку дена претходно од страна на претставникот на Хјуман рајтс воч (ХРВ) Ема Сиклер – Веб:
Еден од најосновните проблеми со човековите права во Турција е токму нетолеранцијата кон слободата на говорот. Политичарите редовно тужат новинари за клевета. Уредниците и издавачите најчесто не се подготвени да дозволат критикување на владата во страв од наштетување на интересите на нивните надредени, како и на други бизнис интереси.
Хуан Кол продолжува во иста насока:
Турската политичка традиција никогаш не била особено толерантна кон непослушност и за жал, АКП (владејачката партија во Турција) продолжува со традиционалното преземање остри мерки кон политички говор кој не ѝ одговара. Организацијата Репортери без граници ја рангираше Турција на 154 место според слободата на печатот, а 76 новинари се во затвор од кои „најмалку 61 се затворени како директна последица од нивната работа.“ Набљудувачите се запрепастија откако увидоа дека саботниот печат практично молчи за протестите. Очигледно е дека уредниците биле заплашени за да молчат за овие случувања.
Дали сето ова се случува „единствено“ поради дрвјата?
Иако владата на Ердован ужива навистина широка поддршка, плановите за урбаната реорганизација станаа огромна препрека. Скорешен пример е и најавата за изградба на мост преку Босфорскиот Теснец. За потребите на мостот ќе бидат искорнати помеѓу 350.000 и 2.000.000 дрвја (различни извори објавуваат различни бројки). За време на објавата, Ердоган се обрати на окупацијата на паркот Гези: „Не е важно што вие (демонстрантите) преземате. Донесовме одлука… и ќе ја исполниме таа одлука.“ Ова беше согледано од многумина како израз на деспотизам и непотизам, според фактот што приватизацијата за „обновата“ на паркот Гези ја води зетот на Ердоган.
Наредната слика која се распространи низ социјалните медиуми ги сумира општите ставови помеѓу демонстрантите:
„Таксим е насекаде, Отпорот е насекаде.”
Состојбата е пеколна од изутрината во саботата, 1 јуни. Бруталната репресија не попречи граѓаните од сите политички и социјални заднини да продолжат со собирите на плоштадот Таксим и на други места во Истанбул и во Турција:
@myriamonde: демонстрантите се неверојатно разновидни сега. од ултранационалистички Турци до Курди, екстремно аполитични, фудбалски фанови… забавно е!
@stevenacook: Не е само ИСТ [Истанбул]. Повици за протести во Адана, Измир, Анкара, Ескисехир, Анталија, Измит, Бурса, Фетхије, Самсун, Јозгат итн. #Turkey
@TCilterkaan28: Солидарноста на турскиот народ, слика објавена на Туркиш Њуз, Докторите исто така удрија на плоштадите?
#occupyturkey pic.twitter.com/8AEAeb078o
@sciencewitch: Луѓето ја запишуваат својата крвна група на рацете за во случај на незгода.
#occupygezi#direngeziparkı pic.twitter.com/5CEocyrhUI (via@beyinbilir )
Кусо пред пладне, премиерот Ердоган се обрати на нацијата со зборовите: „Турција е функционална парламентарна демократија“, нарекувајќи ги тековните превирања како „сериозни провокации“ и силно ги осуди протестите како „антидемократски“:
@MahirZeynalov: Турскиот премиер Ердоган: Сите обиди, освен изборите, се антидемократски и нелегитимни. #occupyturkey
@MahirZeynalov: Турскиот премиер Ердоган: Оние кои имаат проблеми со владата можат да се справат со нас преку гласачката кутија. #occupyturkey
Говорот наиде на гнев и иронија онлајн:
@YesimKitchen: @MahirZeynalov нема LOL за ова???
@ianbrealey: @MahirZeynalov Боже. Тој не разбира, нели. За мирна транзиција во демократија тој треба да ја вклучи опозицијата во политиката.
@fhenriques: @MahirZeynalov Значи, тој верува во диктаторство со мнозинството наместо во демократија која ги застапува сите
@MaliciaRogue: Турскиот премиер ја разбира демократијата како Олимпијадата: еднодневен настан со избори кој се одржува секои 4 години
#occupygezi#Taksim
Неофицијални информации за употреба на портокаловиот агенс (agent orange), биохемиско оружје користено за време на војната во Виетнам, проникнаа во текот на денот и подоцна беа негирани. Покрај тоа, имаше и неофицијални извештаи за блокирањето или за процес на блокирање на интернетот и телефонските комуникации во рамките на земјата. Повеќе извори известија за нефункционирањето на 3G мрежата околу плоштадот Таксим, што подоцна се покажа дека причината е преоптовареноста, наспроти мрак поддржан од државата. Активистите од Telecomix исто така го негираа блокирањето на интернетот. Солидарноста помага во организирањето и покрај дефектите во комуникациите:
@Bcdmir:
#occupygezi Забележав доктори, студенти на медицина, фармацевти кои ги нудеа своите мобилни телефони за помош на повредените
@sciencewitch: Такси возила бесплатно превезуваат до Таксим. Аптеките делат бесплатни маски. Владата против своите луѓе.
#occupygezi
За следење на тековните настани, проверете ги хаштаговите #occupygezi, #Taksim, #OccupyTaksim, #OccupyTurkey, #Turkey на Твитер. Тамблр профилот на #OccupyGezi редовно се обновува со слики, додека Туркиш Индимедија (Turkish Indymedia) постави колаборативно повеќејазично ажурирање на настаните. Во меѓувреме, отпочната е петиција на сервисот Avaaz, која го повикува премиерот Ердоган да стави крај на полициската бруталност.