Блогерите од Мадагаскар поделени за помошта за земјотресот во Сечуан

Владата на Мадагаскар се понуди да помогне во интернационалните напори за помош на жртвите од земјотресот во провинцијата Сечуан, Кина. Огромните размери на катастрофата ја поттикнаа владата да донира 100 000 долари на кинескиот амбасадор Во Еуиди во Мадагаскар, за спасувачките напори.

Блогосфера на Мадагаскар имаше измешани реакции за оваа донација, иако сите едногласно ја признаа тагата поради огромната катастрофа, тврдејќи дека 70% од населението сѐ уште живее под линијата на сиромаштија, постои глобален недостиг на храна, а некои региони од Мадагаскар сѐ уште се обидуваат да закрепнат од уништувањата предизвикани од сезоната на урагани.

Томавана, кој исто така преведува за ГВ на малгашки јазик, објави на својот блог, Малагаси Мирај:

Луѓето од Мадагаскар секојдневно се борат за да преживеат кога станува збор за трошоците за живеење: зголемувањето на цената на маслото за готвење, цената на горивата, дневните прекини на електричната енергија и циклоните. Контрастот е очигледен кога ќе се увиде дека изговорот за недостигот на ефективен одговор на овие проблеми е недостигот на средства, а потоа ние ја покажуваме нашата интернационална солидарност кон Кина [со финансиска помош]. Колку што знам јас, оваа донација не доаѓа од Рањева [министерот за надворешни работи] или лични пари на претседателот Раваломанана, туку од даночни пари, така?

Постот на Томавана предизвика неколку реакции во делот за коментари. Маналина се согласува со Томавана (fr):

Ако ти си нечувствителен, тогаш и јас сум… Сите ние знаеме за што станува збор.

Владата на Мадагаскар работи напорно за да ги зајакне односите со Кина. Според неодамнешните вести, претседателот Раваломанана во мај патувал за Шангај и се чека на „проширување на соработката со Кина“. Владата на Мадагаскар исто така ја поддржуваше Кина во справувањето со немирите во март во Ласа и изјави дека тие ќе учествуваат на олимписките игри во Пекинг без разлика дали ќе има бојкотирање или не.

Татум верува дека добротворноста мора да започне дома и Маинтикели вели дека неговата баба сѐ уште чека да бидат сменети покривот и ѕидовите на нејзината куќа, уништени од последниот циклон. Маинтикели исто така напиша на својот блог дека претседателот бил виновен за бесрамен конфликт на интереси кога го заштитил зголемувањето на цената на маслото со државни субвенции, бидејќи тој е сопственик на компанијата која го произведува поголемиот дел од маслото за готвење во Мадагаскар.

Дотмг, од друга страна, не ги разбира негативните реакции на овој акт на солидарност од страна на влада на Мадагаскар (mg):

Кога луѓето од твојот регион ќе ги погоди катастрофа, дали ти не ги посетуваш со цел да ја покажеш својата солидарност и кога ќе го направиш тоа, дали им оставаш само мали суми на пари бидејќи се побогати од тебе и секако нема да ја забележат разликата?

Вола мисли дека делот што шокира е фактот дека 100 000 долари всушност не се доволни кога се зема во предвид дека 70 000 луѓе загинаа и многу повеќе сѐ уште се исчезнати. Доколку беше само симболичен гест на солидарност, таа прашува, нели симболична сума би била посоодветна?

Многу блогери од Мадагаскар преку Фејсбук активно собираат средства за жртвите од земјотресот во Кина и жртвите од циклонот во Мјанмар.

Друга тема за интернационална солидарност која што ја натера блогосфера на Мадагаскар да коментира, беше повикот за помош од Диана, средношколка во Махаџанга, која сака да му помогне на бебе родено со деформација и на неговите родители за да добие соодветна медицинска грижа. Дијаспората на Мадагаскар во Италија, Франција, Канада и Јужна Африка заедно донираа средства за операцијата и транспортот за бебето до главниот град, Антананариво.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.