Мадагаскар: Гласот на една млада блогерка и преведувачка

За време на Самитот на Global Voicesво Чиле, една млада девојка од Мадагаскар ме праша дали сум навистина од Јапонија, земјата која што таа многу ја сака вклучувајќи го и јазикот, културата, а особено сушито. Бев импресиониран од тоа што таа можеше да зборува јапонски подобро од мене и покрај фактот што јас живеам во Јапонија веќе 2 години.

Таа е Радифера Фелана Кенди, преведувач за Global Voices на јазикот малагаси. Со само 15 години, Кенди е најверојатно најмладиот член во  тимот на Global Voices. Нејзиното учество во Global Voices не само што ги подобрило нејзините јазични вештини, туку и и’ овозможило да го промовира јазикот на нејзината земја, малагаси. Кенди, во моментов е ученик во средно училиште, сака да знае повеќе за инфографика (визуелна претстава за одредена информација, податок или знаење) на факултет и се надева дека ќе го искористи нејзиниот блог како средство за социјална промена. Ваквиот пристап за блогосферата е за пофалба.

Кенди заедно со нејзиниот татко, Маминирина Радифера Ранавосон (лево); Леонард Чен, директор на Лингва на Global Voices и архиепископ Џон Баптис Одама од Уганда, еден од победниците на наградата Поместување на границите

Ја интервјуирав Кенди преку имејл за нејзиниот личен живот и нејзините блогерски активности:

1. Кажи ни нешто повеќе за себе:

Јас сум Радифера Фелана Кенди, имам 15 години и сум родена во Мадагаскар. Ученичка сум во втора година средно образование. Учев јапонски во прва година, но тогаш земав часови единствено на интернет. По една година се одлучив да одам на јазичен курс.

2. Колку време блогираш? Зошто?

Првпат слушнав за блогирање преку проектот “Фоко Мадагаскар”.Учествував во обука за блогирање која што тие ја организираа. Блогирам уште од 2007. Но тогаш не бев многу активна. Немав дома интернет и немав идеја за што да пишувам. Почнав да блогирам бидејќи отсекогаш сум сакала да пишувам приказни, уште од мала.

3. Со каков блог почна?

Пишував за секојдневниот живот, за работите кои ме изненадуваа, кои ме интересираа или ме лутеа.

4. Дали твоето семејство е отворено спрема нови технологии? Дали те поддржуваат во твоите онлајн активности?

Да, бидејќи двајцата работат со компјутери, особено татко ми бидејќи има голема страст за фотографија. Тој е исто многу активен блогер. Се додека не зборувам за политика е во ред, бидејќи тука во Мадагаскар, особено за време на криза, политиката е многу чувствителна тема.

5. Што најмногу ти се допаѓа кај блогирањето?

Блогирањето ми овозможува да го споделам моето мислење со другите, да ги известам за тоа што се случува во мојот живот и во мојата заедница. Ја користам оваа можност да споделам нешто со другите во врска со мене и да комуницирам со читателите. Тоа е еден начин да се комуницира со другите. Но покрај пишувањето, исто така сакам да креирам свој блог банер, да уредувам фотографии, иако не сум сеу ште доволно вешта во тоа.

6. Што мислиш за блогирањето во Мадагаскар?

Пристапот до блоговите во Мадагаскар е многу ограничен бидејќи само 1 или 2 проценти од луѓето во Мадагаскар имаат пристап до интернетот поради неговата цена. Но знам дека има многу личности кои навистина сакаат да блогираат. Доколку ја подобриме пристапноста на интернет мрежата, верувам дека блогирањето може да придонесе да се промени начинот на живот на народот во Мадагаскар.

7. Кое е твоето очекување од блогирањето за себе и за твојата заедница?

Се надевам дека ќе привлечам многу луѓе да блогираат или дека можеби ќе ги променам гледиштата на некои луѓе со споделување на моето, особено во врска со блогирањето. Се сеќавам, еднаш кога им кажав на моите другари за блогирање, тие рекоа дека тоа е губење на време.

8. Ти си преведувачка за Global Voices на јазикот малагаси. Како ти се допаѓа твојата улога во GV сега?

GV е голема заедница, тоа е многу важна веб страница и реткост е ваков вид на веб страница да биде преведена на малагаси. Малагаси не е многу познат јазик и чест ми е да преведувам GV статии на мојот јазик. Исто така тоа е начин да ги подобрам моите вештини за англиски и малагаси. А сега кога присуствував во Самитот, се чувствувам помотивирана да преведувам. Обожавам да го правам тоа. GV стана нешто важно за мене и горда сум што сум дел од GV заедницата.

9. Како се гледаш себеси во иднина?

По завршување на средното училиште, ќе студирам ИТ или инфографика. Се надевам исто така дека ќе бидам повеќе вклучена во GV.

10. Која е твојата порака до твоите млади колеги нетизени (жители на интернет)?

Да бидат поотворени кон светот. Блогирањето е лесен начин да се сподели твоето мислење. Никогаш не е губење на време, особено ако пишуваш нешто интересно и корисно. Преку блогирањето, можеби ќе најдеме други блогери во светот кои го делат нашето гледиште и кои можат да не разберат и да ни помогнат во нашиот живот. Кога учествував на првата обука за блогирање на Фоко, ги прашав за што можам да пишувам на еден блог. Еден од одговорите беше дека блогирањето можам да го користам како дневник. Тоа е вистина, но не споделувајте ништо интимно во вашиот блог, некој може да го искористи тоа против вас (да ве “удри”)

2 коментари

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.