- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Видео: Една година, еден свет и 52 различни приказни

Категории: Латинска Америка, Панама, Граѓански медиуми, Идеи, Медиуми и новинарство, Развој, Староседелци, Туризам, Уметност и култура, Филм

Видео новинарката Меги Падлевска ќе патува сама една година и ќе посети вкупно 52 земји, по една земја секоја недела. За време на нејзиното патување [1], таа ќе снима, уредува и создава видеа за нејзините контакти со заедниците, организациите и луѓето кои се запоставени од медиумите и истите видеа ќе ги стави на интернет за да можат приказните на овие луѓе од помалку познатите заедници да се прочујат во светот. Ова е Една година, еден свет [2].

Една година, еден свет е иницијатива чија цел е преку независна мултимедиска продукција, да ја подигне свеста за луѓето и заедниците кои живеат во некои од најфасцинантните, но медиумски запоставени региони во светот. Мисијата е да им се даде можност на помалку познатите заедници да ги споделат своите приказни со светот, да ги поучат и инспирираат младите и возрасните да размислат за глобалната заедница, да помогнат да се пополни „комунициската празнина“  во медиумското покривање и да се промовира мирот и разбирањето во светот.

На Падлевска и дошла идејата за овој проект додека снимала медицинска мисија во оддалечена домородна заедница во Панама. Како што објаснува во следново видео [3] за време на нејзиното патување, таа сфатила дека не сака само да известува за тоа што прави медицинската заедница, сака многу повеќе од тоа.

Нејзиниот прв проект се одвивал меѓу Ембера заедниците во Панама. Ембера се едни од малкуте традиционални пред-Колумбиски племиња што останале во Централна Америка и во скоро време, нивните  родовски земјишта, најмногу шуми и џунгли беа прогласени за национален парк. Тоа значи дека повеќе не се во можност да ловат, што пак значи дека немаат начин за добивање храна и мораат да купуваат храна надвор од нивната заедница. Тие се свртеле кон културниот туризам како начин да дојдат до парични средства, а ова ја заинтригирало Падлевска:

Беа ли Ембера луѓето присилени да се свртат кон туризмот како начин на преживување откако им беше забранет ловот? Какви последици има тоа на традиционалниот животен стил на племето и  преживувањето на културата? Дали племето е експлоатирано? Ова се некои од прашањата што им ги поставив на Ембера Друа и Ембера Куера, двете домородни заедници што сега живеат на владино земјиште.

Видеото од ова патување [4] ни покажува како овие заедници се справуваат со овој нов начин на интеракција  со туѓинците и какво влијание има тоа на нивните традиционални обичаи:

Падлевска планира да отпатува во Aфрика, Југоисточна Азија, Источна Европа, Азија и Јужна и Централна Америка штом ќе заврши со собирање на пари за нејзиното едногодишно патување.